Оцени во качувањето на мраз
Непостојаните квалитети на мразот и снегот го прават оценувањето на насоките тешко. Во текот на сезоната единствено нешто што е постојано вообичаено е должината и стрмнината.
Длабочината на снегот, дебелината на мразот и температурата се факторите кои влијаат на условите на насоката.Тежината се одредува кога на нив ќе се додадат и природата на мразот и можноста за обезбедување на него. |
Основните скали на оценување споменати овде, се однесуваат на каување на мраз на замрзнати водопади и друг мраз кој е добиен од течење на некоја вода, а не од консолидирање на снежна маса - како глечери на пример.
Тежина според потребната посветеност
Важни фактори во овој систем се должината на пристапот и симнувањето, објективната опасност и природата на качувањето. Римските броеви кои се користат овде не се поврзани со ниту едни од другите системи за оценување на тежина.
I: Кратко и лесно качување покрај пат без опасност од лавини и лесно симнување;
II: Насока со една до две должини до која може да се стигне многу брзо и која има многу мала објективна опасност;
III: Насока со повеќе должини на ниска планина или насока со една должина до која е потребен пристап од околу еден час. Насока за која се потребни неколку часа за искачување, за која е потребно правење абзел за симнување и во која има ризик од лавина;
IV: Насока со повеќе должини на висока планина и за која е потребен пристап од неколку часа - со скии или пешачење. Насока со објективни опасности и со сложено и опасно симнување;
V: Долго качување во изолирана средина во кое само за качувањето е потребен цел ден. Насока за која е потребно абзелување, во која има постојана опасност од лавина и други објективни опасности;
VI: Долго качување во сериозна планинска средина со постојани технички тежини. Насока која само елитни алпинисти би ја поминале во еден ден - со долг и тежок пристап и симнување, со постојано присутни објективни опасности... Насока во изолирана област - далеку од било каков пат;
VII: Исто како „VI“ само уште посериозно. Неколкудневен пристап и опасности при што преживувањето се става под знак прашање - физички и ментално тешка експедиција...
Систем кој оценува техничка тежина
Оценување на најтешката должина земајќи ги во предвид природата на качувањето, дебелината на мразот и неговиот „релјеф“:
1: Замрзнато езеро или помала водена форма;
2: Должина со кратки делови со стрмнина до 80 степени и многу можности за обезбедување и одлични сидришта;
3: Мраз со постојана стрмнина до 80 степени и со добар квалитет. Постојат места за одмор, но потребно е добро знаење за поставување на точки за обезбедување и сидришта;
4: Должина која е вертикална или близу до вертикала и во која има поголемо рестојание меѓу точките за обезбедување;
5: Напорна должина - 50 метри 80 степени или вертикала со многу малку можност за одмор или никаква шанса за одмор меѓу сидриштата. Потребно е големо искуство за поставување на точките за обезбедување;
6: Целосна должина во вертикала со веројатно слаб квалитет на мразот. Должина која бара ефикасност во движењето и знаење за поставување точки за обезбедување кога телото не е добро поставено;
7: Цела должина на вертикален и тенок мраз или превисен мраз со сомнителен квалитет. Екстремно тешка должина - како физички така и ментално која бара добра подвижност и креативност;
8: Едноставно - најтешките искачувања на мраз било кога направени - екстремно смели и физички напорни.
Овие системи ги опишуваат насоките во нивна „нормална“ состојба. Сепак една насока која била оценета со „4“ може да стане „5“ во „сушна година“ или „3“ во година кога би добила повеќе мраз. На оцените во овие системи исто така им се додава и знакот „+“ на оцените повисоки од „4“ кога тежината е за нешто поголема од таа дефинираната...
Пред оцените исто така вообичаено стои и „WI", „АI“ или „М“. Овие кратенки означуваат во каква средина или на каков мраз се качува. „WI“ се однесува за замрзнати водопади, „AI" за мраз во алпинистички планински средини, а „M“ за микс насока - каде во насоките се качува и на карпа и на мраз... |