На оваа тема:

- Елементите на стилот,

- Реакција на НАК,

- „Стоп“ во Ирска,

- Чисто качување

 

Највисоките експанзиони клинови во светот (во моментов)

„Светот е подобар кога е свртен наопаку...“ – стих од некоја песна беше ова

Еверест...

На почетокот на Мај оваа (2009) година (наводно на 2-ри Мај), во координација на неколку тима кои водат клиенти по јужната (непалската) страна на оваа планина беа избушени неколку експанзиони клинови. Овие избушотини се направени во т.н. Жолт Појас на планината кој се наоѓа на висина од околу 7700мнв.

Овој појас е едно од позабележителните места на јужната страна на Еверест. Тоа е карпест појас кој ги засекува Нупце, Лотце и Еверест и им стои на патот на тие кои се обидуваат да ја поминат „нормалната“ насока на Еверест по југоисточниот гребен - прв пат искачена во 1953 година. Во појасот има карактеристични хоризонтални линии кои нудат (така велат) скоро никаква заштита и во минатото јажињата се фиксирале на постоечки и стари замрзнати јажиња при што клиентите се влечеле на нешто што во основа било без потврдена безбедност.

При поставувањето на овие експанзиони клинови од овој појас се симнати околу 30 килограми стари фиксирани јажиња и биле бутнати нестабилни блокови при што со тоа целиот тој дел станал на тој начин многу побезбеден за „идните генерации“ на пациенти...

„Еверест за добро или лошо е комерцијална планина барем по двете „нормални“ насоки – северниот и југоисточниот гребен...“ Еве што коментира еден од водачите на овие комерцијални експедиции: „Ова беше историски ден во правењето на насоката на Еверест. Кари Коблер ја подари својата бормашина, а водачите Вили Бенегас и Адриан Балингер избушија 6 нови експанзиони клинови во Жолтиот Појас при тоа фиксирајќи две линии – една за сообраќајот нагоре, а една за симнување. Одлична работа момци... Се надеваме истото да се направи и на две други места...“  

ОК... Целта секако е да се направи побезбеден целиот автопат кој води од базниот камп до врвот на планината и останува да се реши само еден „мал“ проблем – постојано менливиот карактер на сераците во глечерот Кумбу. Кој знае што ќе смислат за него...

Меѓутоа додека не смислат, јас не се одлучувам да одам таму... Ќе чекам додека не биде фиксирана целата линија! Исто така сакам и да се направи туш на Јужното Седло за да можам тазе пицнат да јурнам во освојување... Потајно се надевам за некое време да биде целосно фиксиран и Западниот Гребен и по него да го направам моето второ искачување на „Третиот Пол“, „Покривот на светот“... За да можам после тоа да го прикажам како врвно достигнување и да бидам кандидиран за „Златна Копачка“ т.е. „Златен Цепин“ де...

Ееее – може и жичара! Сите на Еверест! Елизабет Холи да не може да постаса со статистиките... Во меѓувреме не ме чепкајте додека на Дискавери има „Еверест – бијонд д лимит“... Многу поучно, а и многу драматично посебно поради шкотскиот акцент на нараторот.  

Иако комерцијализацијата на Еверест е процес кој почнува уште од 1990-тите години и е навистина трагична целата таа работа, оваквите вести навистина ми носат многу горчина и ете резултираат со цинични коментари...

„Историски ден...“ рекол типот горе цитиран...
„Oh Мy God!“ што би рекле неговите сонародници...

Copyright © Alpinizam.org