На оваа тема:

- Е. Нортон - соло и без кислород кон врвот на Еверест,

- Највисоките експанзиони клинови,

- Реакција на НАК,

-„Стоп“ во Ирска,

- Чисто качување

 

Во 1924 година англискиот алпинист, Едвард Нортон, се искачи без употреба на дополнителен кислород на само 300 метри под врвот на Еверест – соло во последните моменти... Во чест на овој многу важен момент (а некако за жал недоволно афирмиран) во историјата на светскиот алпинизам, се решивме да ви презентираме текстови кои ќе бидат посветени на етиката во нашата активност...

Елементите на стилот

(Ова се извадоци од текстот на Марк Џенкинс објавен во 2005 година, но пораката останува многу актуелна...)

...Милиони зборови се напишани за Третата Британска Експедиција на Еверест од 1924-тата година во која исчезнаа Џорџ Мелори и Ендру Ирвин, во која со тоа остана мистерија дали тие успеаја да се искачат на врвот или не. Сепак нивната приказна го прекри можеби најважното достигнување во таа експедиција. Само четири дена пред нив, водачот на експедицијата, Едвард Нортон, се искачи на само 300 метри под врвот на Еверест без употреба на дополнителен кислород.
Нортон и неговиот партнер, Хауард Сомервел, го напуштиле нивниот последен висински камп во совршено чисто утро и движејќи се преку Жолтиот Појас и пречејќи кон Северната Страна, тие стигнале до последната пирамида под врвот околу пладне. На Сомервел му станало многу тешко, но сепак тој го охрабрил Нортон сам да продолжи кон врвот. Нортон покрај, според денешни стандарди, лошата облека и дерези имал само еден цепин со долга и дрвена рачка и немал јаже, подршка од Шерпаси и дополнителен кислород. Претходно тој исто така ги имал тргнато своите наочари при преминувањето на црните карпи на Северната Страна и имал добиено изгореници. Сепак и покрај сето ова – тој продолжил нагоре сам.

На висина од околу 8570м, изморен од качувањето во такви услови и увидувајќи дека добива снежно слепило, почнал да се враќа назад. Ниту еден човек нема да се искачи повисоко сé до искачувањето на Хилари и Норгај кои употребуваа кислород и стигнаа до врвот во 1953 година (29 години по неговото искачување). Ниту еден човек нема да се искачи повисоко без употреба на дополнителен кислород сé до искачувањето на Меснер и Хабелер во 1978 година (скоро 50 години по неговото искачување)

Што ако Едвард Нортон се искачеше на Еверест во 1924 година – соло и без дополнителен кислород? Не само што комплетно ќе ја сменеше историјата во хималаизмот, туку ќе поставеше целосно различни основи за стилот во кој овие високи планини ќе се качуваат.

Во познатиот натпис на Лито Техада–Флорес од 1964 година „Игрите кои качувачите ги играат“, тој го дефинира качувањето како игра „бидејќи нема потреба од качување“. Тој во натписот разликува седум основни форми во качувањето – од болдеринг па сé до експедиционизам... Според него болдерингот е најкомплексна игра во хиерархијата затоа што има најмногу правила или забранувања – без јаже, опрема, обезбедување... На другата страна на спектарот е експедиционизмот. За него вели: „иако најкомплициран за организирање и играње, формално кажано тој е наједноставен од сите, бидејќи скоро ништо не е забрането во него. Скорешната употреба на авиони и хелокоптери е пример на тотален недостиг на правила во чистата игра наречена експедиционизам...“

Мислам дека Техада-Флорес ја извртел оваа хиерархија. За нас – кога има повеќе качувачи, повеќе опрема, пари, логистика, ризик – толку играта е покомплицирана. Зарем не е болдерингот, за кого се потребни само карпа, патики и магнезиум, наједноставен па дури и најчист како форма на качување? Целосно спротивно на тоа е сликата на четворица неизбричени и неизмиени алпинисти кои кој знае колку денови се заглавени во шатор за двајца, во големо невреме, на кој знае колкава висина – и кои се прашуваат зошто по ѓаволите не почнале да се занимаваат со голф наместо со ова.

Сепак Техада-Флорес има право: качувањето во својата основа е игра – дури и покрај тоа што е животно опасна. Но поради тоа што качувањето може да убие, многу луѓе обрнуваат посебно внимание на основите на значењето на зборот „игра“. Дали јавањето бикови е игра? Дали скокањето од мостови е игра? Сите овие активности имаат правила кои во основа се код на чест за заштита на духот на играта... Секако секогаш можеш да ги скршиш правилата. Се работи за свест. Во планините нема судии и публика. Слободата да правиш сопствен избор е една од причините поради кои качуваме.

Техада-Флорес пишува: „Етичкото качување значи почитување на сет на правила во оваа игра наречена качување која ние ја играме.“

Правилата се менуваат. Кога јас почнав да качувам, во средината на седумдесетите години, качувањето беше во една етичка револуција. Клиновите кои се забиваа во карпите почнаа да се заменуваат со употреба на чокови и френдови – обезбедување кое може да се поставува во карпата и да се вади од неа без да се остава трага врз неа. Оваа промена во стилот на обезбедување ја подобри одржливоста на овој ресурс кој има свој крај – некои пукнатини едноставно беа полни со лузни од постојани забивавања... Исто така се подобри и одржливоста на самото качување.

Во 2002 година, скоро 100 најдобри алпинисти во тоа време ја подржаа Тиролската Декларација за Најдобро Практикување на Планинските Спортови. Таа потоа беше дистрибуирана во 89 алпинистички клубови во 67 земји... Таа претставува манифест кој на многу едноставен јазик ги одразува прифатените правила во качувањето. Таа претставува хиерархија на вредности во која на највисокото скалило е човечкиот дигнитет следен од живот, слобода и радост; негибнувањето на природата, сложноста, вистината, авантурата.... Тиролската Декларација ја сочинуваат десет члена – секој посебно се однесува за различни аспекти во качувањето – од зачувување на природата до лична одговорност, од првенствени искачувања до спонзорства.

Осмиот член е за стилот. Тој завршува со следнава реченица: „Добар стил во планините значи да не се употребуваат фиксни јажиња, средства/дроги кои ги подобруваат резултатите, дополнителен кислород...“

Толку многу се форсираше прашањето: „Зошто качуваме?“ Како што напиша Дејвид Робертс во своите мемоари „На гребенот меѓу Животот и Смртта“: „Од најраните денови, качувачите истрошија вагони мастило во пишувањето на бљаткави одговори...“

„Зошто качуваме?“ е лично прашање, но „Како качуваме?“ (прашање кое ретко се поставува) е колективно прашање. Тоа како качуваме го дефинира духот на нашиот спорт. Тоа како качуваме има директен удар не само врз иднината на алпинизмот, туку и врз здравјето на планинската средина.

Минатата година мојот добар пријател Кит Спенсер отиде на Еверест. Потроши дваесет илјади долари и помина два месеци во насоката која Нортон се обиде да ја помина во 1924 година. Кит не успеа да се качи на врвот. Кога се врати дома ни покажа фотографии и еве што ни кажа:

„Невозможно е да се води оваа насока. Постои фиксно јаже од базниот камп па сé до врвот. Компаниите изнајмуваат Шерпаси кои ги поставуваат јажињата, а за клиентите носат боци со кислород, шатори, храна, гориво... Не можете да се качите на планината по нормалната насока во сопствена режија. Ќе бидете на 10-тина сантиметри од фиксно јаже, а Шерпасите веќе ќе го имаат искористено целиот простор за шатори за клиентите. Тоа не е планинарење. Не е ни авантура. Во најдобар случај е настан во кој се испитува издржливоста.

Минатата година беше 50-годишнина од првото искачување на К2 – вториот највисок врв во светот. Експонирана и технички тешка планина со репутација на убиец. Но заразата од Еверест се префрлила и овде во 2004 година. Таа година на врвот застанаа 200 луѓе – повеќе од било кога. Загинаа 6 качувачи и 6 носачи. Фиксно јаже како да имаше по целата должина на гребенот Абруци. Од Непал беа донесени Шерпаси за да качуваат боци со кислород нагоре по планината. Имаше повеќе од 40 искачувања од кои скоро сите на фиксни јажиња и повеќе од половина со дополнителен кислород. 

Дополнителен кислород и фиксни јажиња се употребуваат и на Чо Оју... Колку време ќе помине за сите планини повисоки од 8000м станат заболени на овој начин? Пет години? Десет? На нормалната насока на Монт Мекинли постои фиксна линија на висина од 5000 до 5300мнв веќе со години. Колку време ќе помине за да таа се постави скроз до врвот?

Тоа е качување без стил. Кога има напредување во технологијата, техниката и знаењето – мора да има и во правилата на играта.

За сé поголем број планинари да се победи во играта – стана многу поважно отколку како таа се игра. Ричард Салисбери и Елизабет Холи неодамна објавија статистички податоци за сите експедиции во Непалските Хималаи – од 1904 до 2004 година. За прв пат можеме да го проучуваме алпинизмот употребувајќи наука наместо анегдоти.

Од 1950 до 2004 година од 11734 луѓе кои отишле над базниот камп на Еверест 2251 направиле обид да се искачат до врвот. Од нив 2119, или 94 проценти употребиле дополнителен кислород, а само 6 – не.

Што физиолошки значи да се употребува дополнителен кислород на големи височини? „Вдишувањето на кислород од два до четири литри во минута – колку што во просек тоа го прават качувачите – ја намалува висината на Еверест за 1500 до 3000 метри...“ вели Д-р Брауни Шоне.

Џон Харлин вели дека употребувањето на дополнителен кислород е како техничко качување – се зависи повеќе од опремата, отколку од подготвеноста. Тој уште додава: „Реално – Хилари и Норгај не го направија првото вистинско искачување на Еверест. Планината не беше искачена сé до искачувањето на Меснер и Хабелер....“

Употребувањето на дополнителен кислород е лош стил, но исто така и многу неетичко. Зошто? Затоа што ако вие самите не си ги носите боците нагоре (а ретко кој го прави тоа) – Шерпасите го прават тоа. За разлика од пакувањето на опремата во базниот камп – носењето на боци со кислород во висинските кампови е опасна работа. Во минатиот век, на Еверест загинаа 119 качувачи. Но исто така загинаа и 60 носачи од кои две третини при поставување фиксни јажиња или качувајќи боци со кислород нагоре за клиентите. Со тоа што ќе му дадете на некој Шерпас да ви ја качува боцата нагоре – го ставате во ситуација да го превземе вашиот ризик.

Со цел Шерпасите безбедно да ги качуваат боците со кислород, но и другите потребни работи нагоре кон висинските кампови, тие поставуваат фиксни јажиња. Клиентите потоа се прикопчуваат на овие јажиња и се движат по стапките кои Шерпасите пред нив ги оделе. Не ли би се сметало ова за неспортско однесување во некои други игри? Замислете да користите скала за да можете да направите забивање во кошарката. Но многу поважно, со прикопчување на фиксните јажиња ја губите шансата да водите некој должина – со сопствени цепини и дерези, но и со техника и размислување. Го нема задоволството од качувањето.

Фиксните јажиња придонесуваат во огрдувањето на планините. Тие дозволуваат пристап на опрема, екстра храна, боци, компјутери и слични работи, да се качуваат во висинските кампови, а најголем дел од тоа никогаш не се симнува. Дури и самите линии на фиксни јажиња не се тргаат и со тоа се остава само повеќе ѓубре на врвот. „Не оставај трага“ е максимата на планинарите и трекерите со децении, но сепак овој основен принцип често се игнорира во високите планини.

Разбирам дека со елиминирањето на дополнителниот кислород и сé што тој носи со себе, искачувањето на планините повисоки од 8000 метри ќе има последици. Дополнителниот кислород ја зголемува границата на безбедност, па неговото одземање може да го зголеми процентот на смртност. Водачите на Еверест често употребуваат дополнителен кислород со цел да можат подобро да размислуваат и да носат правилни одлуки, Шерпасите за да ги придружуваат клиентите, клиентите за да можат воопшто да се движат... Веројатно без дополнителен кислород Еверест и К2 повеќе нема да бидат комерцијално водени. Секако, гледано на кратки патеки, тоа финансиски би се одразило лошо на компаниите, десетици водичи, стотици носачи... Но овие компании водат клиенти и на други планини....

На крајот во својот текст Техада-Флорес пишува дека може да го види денот кога наврска од двајца алпинисти со одлична бивак опрема би направила искачување на планина од 8000метри исто како што тоа денес се прави на пример во Тетоните или Алпите.

Меснер и Хабелер го направија токму тоа, а секако после нив следуваа и други, но сепак сé уште во недоволен број. Таквиот стил бара длабока поврзаност со природата, техника која е веќе инстинктивна, силна ментална присебност, нозе и бели дробови како на локомотива – работи кои бараат години поминати во планините.

Кога дополнителниот кислород го заменува тренингот, фиксните јажиња – техниката, Шерпасите – личната одговорност, не само што сте ја омаловажиле големата и смртна игра на алпинизмот, туку сте се омаловажиле и самите себе.
Ако од друга страна секогаш сте сонувале за искачување на голем Хималајски врв, тоа секогаш можете да го направите етички и смислено и без водич. Најмете Шерпаси да ви помогнат да се однесе опремата до базниот камп, но нагоре сé качувајте самите. Ако употребувате фиксни јажиња, правете го тоа самите, а на симнување земете ги со себе, со целата своја опрема и ѓубре. На крај секако соочете се со планината и целата нејзина големина и амбиент, по нејзините услови – без дополнителен кислород.

Зошто се качуваме на планина, треба да се смени со како качуваме. Имаме избори. Тиролската Декларација не е обврзувачка. Не постојат казни. Планините се слободни, а ние имаме слобода да ги качуваме како сакаме. Наш водач нека биде нашиот најдобар карактер...

Copyright © Alpinizam.org