Во 1924 година англискиот алпинист, Едвард Нортон, се искачи без употреба на дополнителен кислород на само 300 метри под врвот на Еверест – соло во последните моменти... Во чест на овој многу важен момент (а некако за жал недоволно афирмиран) во историјата на светскиот алпинизам, се решивме да ви презентираме текстови кои ќе бидат посветени на етиката во нашата активност...
Едвард Нортон - соло и без кислород кон врвот на Еверест
На 4-ти Јуни 1924 година во 6:40 часот утрината, Хауард Сомервел (32) и Едвард Нортон (38) го започнуваат искачувањето кон врвот од својот шатор поставен на висина од околу 8150м – без употреба на дополнителен кислород. Тие се членови на третата британска експедиција на оваа планина.
Искачувањето одело бавно. Двајцата по направени тринаесет чекори застанувале силно задишани, а на секои 10-тина минути седнувале на снегот на малце подолг одмор. Покрај заморот имало и други проблеми. Сомервел имал силна болка во грлото, а Нортон имал проблеми со очите. Имено тој при поминувањето на појасот во кој имало црни карпи, за подобро да гледа ги тргнал наочарите кои се многу важна заштита од зрачењето на Сонцето. Околу пладне Сомервел повеќе не можел да се движи поради сериозни проблеми со дишењето предизвикани од споменатиот проблем со грлото, па Нортон продолжил сам. Еве што тој пишува за неговото искачување и обидот сам да стигне до врвот:
„...Сомервел остана да седи под една карпа во близина на работ - на врвот на карпестиот појас, а јас продолжив. Го следев тој раб кој се искачуваше под благ агол кон и низ Големиот Кулоар. Но за да го достигнам тоа, требаше да поминам два изразени столба кои се спуштаа од горе. Едниот беше продолжение на карпата во близина на врвот која ја нарековме „Втората скала“ и која таму горе ни изгледаше толку сериозен предизвик, што поради тоа всушност и се одлучивме да одиме од оваа висина, наместо преку нејзината највисока точка.
Од моментот кога стигнав до овие столбови, искачувањето стана потешко. Падината стана пострмна и експонирана, стојалиштата станаа помали – од само неколку сантиметри, а истите поради големата количина на прашест снег беа сокриени. Целата оваа страна на планината се состоеше од плочи кои беа наредени како керамиди на покрив на некоја куќа. На два пати морав да се симнувам по патеката по која качував, бидејќи во кулоарот снегот беше длабок до колена, а на места и до половина и истиот не беше доволно конзистентен за да ме задржи во случај на пролизгување.
По кулоарот, искачувањето стануваше уште полошо. Плочите по кои качував беа како керамиди и секоја од нив се лизгаше надолу. Чувствував како премногу зависам од триењето на клинците на чевлите. Не беше нешто посебно тешко, колку што беше опасно за сам и необезбеден качувач бидејќи секое пролизгување со голема веројатност би ме однело до подножјето на планината. Притисокот од тоа да качувам исклучително безбедно - почна да ме заморува. Дополнителен проблем ми претставуваше снежното слепило кое стануваше сé поизразено. Имав уште околу 70-тина метри до последната пирамида и верував дека таму ќе има лесна и безбедна насока до врвот.
Беше 1 часот попладне и немаше да имам шанса да ги поминам последните 300 метри до врвот и да се вратам назад на безбедно место...“
Нортон достигнува висина од околу 8580м - соло и без употреба на дополнителен кислород. Околу 2 часот попладнето стигнува до Сомервел и заедно го почнуваат напорното симнување кон четвртиот висински камп каде Ирвин ги чекал со супа и чај. Кога пристигнале во шаторот им биле понудени боци со кислород и Нортон извикал: „Не го сакаме проклетиот кислород. Дајте ни нешто за пиење!“
* * * * *
„Што ако Едвард Нортон се искачеше на Еверест во 1924 година – соло и без дополнителен кислород? Не само што комплетно ќе ја сменеше историјата во хималаизмот, туку ќе поставеше целосно различни основи за стилот во кој овие високи планини ќе се качуваат.“ - Марк Џенкинс
Ниту еден човек нема да се искачи повисоко сé до искачувањето на Хилари и Норгај кои употребуваа кислород и стигнаа до врвот во 1953 година (29 години по неговото искачување). Ниту еден човек нема да се искачи повисоко без употреба на дополнителен кислород сé до искачувањето на Меснер и Хабелер во 1978 година (скоро 50 години по неговото искачување).
Во 2009 година - 85 години по ова негово/нивно искачување, на Еверест се избушени експанзиони клинови за фиксирање на јажиња, а „освојувачите“ се фотографираат уште во базните кампови со маските од боците со кислород...
|