Локалитети во Црна Гора
-24.03.2008г
Outdoor Club Podgorica нé поканува во Црна Гора. Совршени локалитети за практикување на нашите алпинистички активности во текот на целата година. Овде ви претставуваме само многу мал дел - чисто да ве инспирираме. Повеќе информации - фантастични фотографии и описи можете да најдете на нивната веб страна www.montenegroclimbing.net
Замрзнати водопади
Долина Комарница – мраз Скакавица
Иако водопадите во Црна Гора се замрзнуваат скоро секоја зима, нивната мала надморска височина, близината на морето и сé потоплите зими влијаат на тоа сезоната за качување да биде сé пократка. Периоди во кои може да се очекува формиран мраз се од средината на Декември до средината на Февруари.
Најпосетена дестинација за овој вид на алпинизам е околината на малиот град Шавник т.е. долината Комарница. Овде се наоѓаат два водопади од кои едниот - „Скакавица“ (WI4, 50m) претставува досега најдолг и најубав искачен мраз во Црна Гора. Овој мраз се наоѓа скоро на самиот почеток на долината, на малата река Грабовица – пред самото влевање во Комарница и влезот во познатиот кањон Невидио. Надморската височина на мразот е околу 1000м и има северозападна ориентација. Тоа овозможува формирање на широка завеса од мраз која воодушевува со својата убавина и просто не дозволува а да не биде качена. Овој мраз прв пат беше качен од страна на алпинисти од Никшич и Подгорица во 2002 година. Другиот водопад се наоѓа неколку километри подлабоко во долината кон масивот Бољска греда и се формира на реката Комарница. Висок е 25 метри и e со тежина WI5.
До долината Комарница се доаѓа преку патот кој од Подгорица оди преку Никшич (50км), а потоа преку Шавник (47км) уште 2,3км кон Жабљак до свртувањето за долината. Од овде уште 4,5км преку селото Пошчење до почетокот на долината и влевањето на Грабовица во Комарница. Во близина е влезот во познатиот кањон Невидио. Мразот Скакавица се наоѓа од десната страна на патот. Спиењето е во шатори, а во моментов во селото Пошчење кое е неколку километри пред долината се гради планинарско село со домови и бунгалови. |