Текст на Антонио Додевски за искачувањата во Маљовица во 2003 год. објавено во „Алпинист“
24.08.2003 (Недела)
Трет ден на планина а прв качувачки ден. Според планот од претходниот ден требаше да качуваме во две наврски и тоа: Јас и Борче во една наврска и Зоки и Бојан во друга, а планиравме да ги качуваме насоките „Класически“ ( IV+) , „Академик“ ( V+) и „Камините“ ( IV+/A1). Но не е секогаш онака како што ќе испланираш, бидејќи кога би било така самото остварување на планираното нема да ја има вистинската магија на задоволството. Имено јас и Борче го згрешивме почетокот на насоката „Класически“ и тргнавме во некоја нова насок, на што не наведоа два клина кои беа поставени на почетокот од насоката. Бидејќи насоката ја немаше во водачот за Маљовица што го имавме а не беше исклинчена бевме приморани да ја водима како првенствена насока (Сакам да потенцирам дека Борче ова го направи со голема прецизност, одлична ориентација и пред сé безбедно и со голема мера на сигурност. Ваквата ситуација ни одзеде малку повеќе време па наместо планираните три тој ден искачивме две насоки. Зоки и Бојан според планот ги искачија трите насоки.
...25.08.2003 (Понеделник)
Четврти ден – јас и Борче останавме во логорот, а Дарко и Мики нé заменија во наврските. Тие ги качуваа истите насоки од претходниот ден. Јас го искористив времето за фотографирање и испраќање на пораки до блиските од сите нас и нормално до Коки.
26.08.2003 (Вторник)
04:00 Ме разбуди силен ветар, излегов од шаторот – надвор е облачно, видливоста е намеленаи дува силен ветар. Сé што имаше надвор распоредивме по шатори и се молиме за убаво време...
Петтиот ден според планот требаше да ги качуваме насоките „Плевен“ ( V+/A3) и една нова насока која дента кога пристигнавме доцна вечерта ја завршија двајца бугарски алпинисти кои истата вечер дојдоа во логорот и ни кажаа дека ја исклинчиле насоката која е со оцена VI/VI+. Утрото тргнавме јас и Зоки во една наврска на новата насока која јас ја нареков „Пекол во рајот“ поради двата импонзантни превиси на почетокот кои со нивната тежина на слободно качување ми асоцираа на „пекол“ а она „во рајот“ бидејќи остатокот од насоката со оцена VI во континуитет беше прекрасно уживање. Борче и Бојан влегоа во насоката „Плевен“. Разликата од претходните денови беше во тоа што сега бевме приморани да качуваме со зимски капи под шлемовите, со по два пара блузи и ветровка, а да не го опишувам како (нé) ги чувствувавме рацете и нозете особено на сидриштата. Уште на половина насока почнаа да се слушаат силни грмотевици од соседните планини кои ни се приближуваа од југ со голема брзина, за веќе на излезот од насоката нé фати силно невреме проследено од град и громови кои удираа во наша непосрдена близина. Брзо се ослободивме од металните делови од опремата и побрзавме кон логорот. На спуштање имав ретка можност да набљудувам огромна камена лавина предизвикана од удар на гром која се истури од врвот „Мала Маљовица“ кон планинарскиот дом во подножјето. Остатокот од денот го поминавме главно во вреќите за спиење... |