Текст на Антонио Додевски за искачувањата во Маљовица во 2003 год. објавено во „Алпинист“
Вовед
22.08.2003 (Петок)
5:30ч Иако легнав во 02:30ч утрово, а станав во 04:30, сепак не можам да заспијам во автобусот со кој во 05:00 тргнавме кон Скопје, јас и Дарко. Мислам дека вакват ситуација ми ја наметнува неудобноста на седиштето, а уште повеќе преголемата возбуда од она што го очекувам веќе две и пол години, а еве започна утрово да се случува.
08:00ч Само што успеав да заспијам, ме разбуди Дарко на влезот во Скопје. Треба да го замолиме возачот да не остави кај Зоолошката градина бидејќи во близина ни се наоѓа вежбалната (импровизирана гаража) каде во 12:00ч треба да се собереме сите и од каде треба да тргнеме кон Маљовица. Инаку покрај мене и Дарко Наумоски од АК „Магаро“ – Охрид, во акцијата учествуваат и Зоран Мајсторски од ПД „Бел Камен“ – Радовиш (водач на акцијата), Борче Манев од ПОД „Венец“ – Св. Николе, Бојан Митковски АД „Матка“ – Скопје и Мирослав Ристовски од ПД „Љуботен“- Тетово.
... Во точно 21:30ч пристигнавме пред „Централната Планинска Школа – ЦПШ“ која се наоѓа на 1720мнв, многу брзо се истоваривме и ги поставивме шаторите бидејќи беше многу ладно... Веќе во 22:30 бевме во вреќите за спиење...
23.08.2003 (Сабота)
06:15ч Пред околу 15-тина минути се разбудив од спиење и веднаш излетав од шаторот со мојот фото апарат. Она што утрово се отвори пред мене како глетка не знам дали фотографиите ќе успеат да го доловат, но јас нема да се обидувам да го опишам. Веќе сите се надвор од шаторите, брзо ќе се спакуваме и веднаш ќе се упатиме кон местото предвидено за нашиот логор бидејќи имаме голем товар, а не знаеме колку време ќе ни биде потребно па мораме да побрзаме... Околу 7:45ч со по два тешки ранци се упативме кон планианрскиот дом „Маљовица“. Се обидовме тука да го регулираме престојот во Р. Бугарија, но не успеавме и кога сме веќе тука сакам да им порачам на сите кои планираат да одат на Маљовица ова да го сторат во некоја полициска станица во гр. Самоков. Некаде околу 10:50ч пристигнавме на планираното место за логор – поточно месноста позната под името „Еленини Езера“. Ова е одлично место за логорување кое ги исполнува сите услови како што се: одлична подлога за шаторите, изобилие на вода, изолација од наглите климатски промени и како најважно извонредната и брза комуникација со повеќе карпи за качување во околината. Откако го подигнавме логорот, дел од нас отидоа во обиколка на теренот, а јас и Дарко останавме во логорот. Тој момент го искористивме за да ги тестираме радио врските кои ни ги подари Пајо (Владимир Андреевски – „ЕЕС Комуникации“) и кои не изненадија со нивната моќност како и со потребата од нивно присуство на вакви акции. Многу сме му благодарни на Пајо не само зо радио врските туку и за големата подршка каки и за радоста која ја изрази по успешното изведување на оваа акција. 19:35ч веќе спиеме.
|