Генерален покровител на алпинистичките искачувања во Перу, Доломитите(Италија) и Пакленица(Хрватска) во 2008г.

 

Други текстови за Пакленица:

- Претставување на локалитетот,

- Наши искачувања во Август '08

 

Други искачувања ова лето:

- Доломити (Италија),

- Перу

 

Галерии од овие искачувања:

- Пакленица,

- Доломити,

- Перу

Пaклeницa, Хрватска - Август 2008г.

Замислете книга со описи на 11 локалитети со околу 200 долги насоки и 27 локалитети со околу 120 кратки насоки – во релативно непосредна близина, а имате само пет дена за качување... Паника? Ви се потат рацете? Ве боли главата? Не можете да спиете? Отприлика тоа ни се случуваше и на нас кога требаше да избереме што од сето тоа ќе можеме да качиме. Не знам колку звучи компромисно решението што избравме да качиме барем по една насока во секој поголем локалитет, но барем престанавме да си ја удираме главата во ѕид. Треба да му се суди на секој кој ќе понуди толку многу насоки во една книга. Сигурно им го скратува животот на многу качувачи кои навистина имаат тежок избор – од целиот тој избор...

Како и да е. По два часа поминати на меѓуграничниот простор помеѓу Македонија и Србија, десет саати возење по „Братство и Единство“, преспивање на едно одморалиште во Хрватска и уште еден час возење следното утро – стигнавме во Хрватската качувачка Мека - Пакленица.

Се сместивме во еден од камповите во прекрасното приморско село Стариград и решивме тој прв ден да го искористиме за одмор и разгледување – и бањање. Времето беше топличко и почнавме да правиме стратегија како ќе качуваме следниот ден – избирајќи ги локалитетите според нивната поставеност, со цел насоките кои ќе ги качуваме да бидат во сенка. Сепак, беше Август, а Пакленица си е Пакленица.

Почнавме со насоката „Централни камин“ (V+, 180м) на Велики Чук. Пристапот беше околу 15-тина минути од паркингот. Тоа беше наш прв влез во Пакленица и уживавме во местото со сите тие карпи наоколу и качувачи кои висеа како лампиони на новогодишна елка – наредени така да ги има од сите страни за да изгледа убаво. Во насоката беше интересно – барем во првата должина каде и беше најтешкиот детал. Мазна карпа со големо растојание меѓу клиновите, но со интересни релјефни форми – канали во кои можеше да се заглави патиката и на тој начин да се издигнеме до повисоко место. Од таа должина до крајот веќе влеговме позади една словенечка наврска и две чешки, на сидриште каде се спојуваа 2-3 насоки. Решивме да ги поминеме и бевме успешни без да направиме меѓународен инцидент. Додека тие се местеа, се поместуваа, разговараа – отидовме. Качувавме брзо и покрај тоа што токму во таа должина повторно имаше фина техничка тежина доделена на една прекрасна пукнатина. Излезот од насоката се правеше преку добро означена патека која нé доведе до паркингот.

Сега веќе сонцето беше „од другата страна“ и под сенка беа насоките на Кукови испод влаке. Ја избравме „Лидијин“ (V+, 90м). Седнавме малку под сенка до нашиот автомобил и имавме убав поглед кон таа линија, на која во тој момент влегуваа двајца качувачи. Запнаа на втората должина каде и е најголемата тежина. Полека тргнавме и ние. Игор ја водеше втората должина и успеа да ги стигне двајцата качувачи на сидриштето. Тоа беше многу убава должина која следи една широка пукнатина, но се искористуваа како фаќалишта и места на плочите до пукнатината. Беше тешкичко, но без брзање и со внимателно качување и читање на карпата – поминавме лесно. Од тоа сидриште се излегува на гребенот кој до излезот ја следи насоката „Носорог“ (IV+) уште 100-тина метри. Иако лесни тежини, сепак интересни детали – меѓу кои една фина плоча со хоризонтална пукнатина и убав превис. Од излезот на насоката, повторно по (сипареста) патека стигнавме до паркингот.

Следниот ден: Овчи Кук и насоката „Циле“ (IV+, 80м). Убава кратка насока со убав поглед кон Кукови испод влаке. Без поголеми тежини, но сепак си ја исполнувавме нашата цел – качувајќи ги поубавите насоки на секоја од тие карпи и оваа насока беше најтешката на оваа...

После „Циле“ така добро загреани се одлучивме да влеземе во насоката „Пикси и Дикси“ (V+, 100м) на Кук од Скраделин. Повторно – најтешкиот детал беше во првата должина. Многу убава должина! Од таму според прикажаната должина на насоката во водичот имавме уште 1-2 должини до излезот и додека на сите други насоки имаше ознака дека симнувањето е со абзел, на оваа не беше така и мислевме дека од неа симнувањето се прави преку некое експонирано делче од гребенот. Поминаа една, два, три должини, а теренот никако да олабави малку, туку напротив сé поголеми вертикали паѓаа надолу кон сипарот. Повеќе немаше ниту поставена опрема и клинови за обезбедување... Заклучивме дека сепак (поради тоа што книгата која ја имавме беше постаро издание) и од оваа насока се абзелува надоле, но веќе беше доцна и ќе требаше да оставиме наша опрема и да се симнуваме по експониран терен. Одлучивме да избуткаме до врвот на овој „кук“ и да се симнеме од таму по целата должина на сипарот (и да се буткаме низ дрва, грмушки, боцки...) Имаше и овде некои интересни III-ки, но лесно поминавме и сепак по кратко уживање во погледот кон Јадранското Море од врвот, симнувањето не беше толку лошо.

Следниот дел ја качувавме насоката „Цељски ступ“ (V+, 150м) на Мали Чук. Насоката ја гледавме постојано додека се шетавме од една до друга насока и беше инспиративна вертикалноста на првата должина. Кога влеговме во неа можевме да видиме дека тоа е една фантастична должина. Веројатно најубавата насока од сите. Континуирана тежина со големи растојанија меѓу клиновите, убава експонираност – насмевки на сидриштето. Многу исполнувачко искуство. Остатокот од насоката е малку полесно, но искуството од првата должина „држи“ до крај.

Како да отидеш на Пакленица, а да не качуваш на големата карпа на Анича кук и како ако си прв пат таму (како што беше случајот со Весна), а да не отидеш на „Мосорашки“ (VI, 350м). Иако најголемата тежина е во последните 2-3 должини, а остатокот лесна IV-ка, сепак качувањето по нејзе е прекрасно искуство. Сé е убаво – погледот по целата површина на Националниот Парк, погледот кон другите насоки наоколу бидејќи насоката како да поминува во централниот дел на карпата и секако – убавата, цврста карпа. Прекрасно искуство. За чудо во големите насоки овој пат скоро и да немаше качувачи и тие како да беа само во кратките насоки, па и овде го немаше тој ред кој вообичаено се формира на оваа најпопуларна насока. Пред нас имаше само една наврска од француски алпинисти кои се движеа доста брзо и кои не нé заглавуваа... Фино се движевме и ние и сé помина прекрасно.

Како последна насока ја избравме „Згрешени“ (VI-, 100м) на Столбот на Дебели кук. И овде си поминавме убаво, а секако најубаво на најтешкиот детал – една убава експонирана пречка со генерално добри фаќалишта (ако ги дофатиш) и лизгави места за застанување со нозете. Една од оние пречки во кои и првиот и вториот во наврската при пад може баш фино да се залулаат... Една од оние пречки која ве претвора во Штрумфот кој сé нешто мрази и од вас излегува: „Мразам вакви насоки!“. Беше интересно секако. Остатокот од должините е качување слично на првата должина од нашата „4 клина“ на Матка. По два кратки абзела се симнавме до сипарот и од таму за последен пат по патеката кон паркингот.

Си поминавме фантастично на Пакленица! Останаа уште толку многу работи што сакавме да ги направиме и се надеваме што поскоро ќе се вратиме повторно овде. Строго препорачливо место за одмор и фин провод во прекрасна алпинистичка средина.

Copyright © Alpinizam.org