|
Генерален покровител на алпинистичките искачувања во Перу, Доломитите(Италија) и Пакленица(Хрватска) во 2008г.
Доломити, Италија - Август 2008г.
Најубавите планини во светот
Можеби насловот звучи премногу субјективно, но истиот е наслов на книгата на еден од најголемите визионери во алпинизмот, Рајнолд Меснер и со оглед на неговото пребогато качувачко искуство во голем број планински масиви на сите страни на светот – истиот може да се прифати како аксиома.
Овие планини прв пат ги посетивме во 2005 година и бевме фасцинирани од нивната грандиозност. Едноставно колку и да имавме читано и слушано за нив, ништо не можеше да нé подготви за директната средба. Не може да се опише како буквално одеднаш од прекрасните долини се издигнуваат огромни карпести ѕидови и кули на планини кои достигнуваат и преку 3000мнв. Совршен спој на бои кои создаваат слика од која запира здивот. При таа прва посета сосема случајно го погодивме и вистинското време – пролет. Зелената боја беше волшебна, невидена и несекојдневна. Како Бог да решил таа нијанса само на тој дел од светот да ја има. А како тоа да не е доволно – насекаде уште поневеројатни бои на разни цвеќиња.
Другата половина од сликата ја прават варовничките карпи на кои е пишувана историјата на модерниот алпинизам. Ретко кој локалитет во светот може да се пофали со 150-годишна алпинистичка историја и неверојатно голем список на луѓе кои качувале на нив - кои значат многу во овој наш спорт.
При таа наша прва посета поминавме одлично, искачувајќи 9 алпинистички насоки на 7 различни планини. Бевме многу исполнети од качувањето во една таква средина и многу лесно ја донесовме одлуката токму тука да дојдеме повторно во чест на нашата 10-годишнина алпинизам. Наш партнер во овогодинешните искачувања беше МАТ (Македонскиот Авиотранспорт) кој беше генерален покровител и на искачувањата во Перу и во Пакленица (Хрватска).
Искачувањата започнаа со Монте Аверау (2647м). Овде ја искачивме насоката „Алвера“ која е висока околу 150 метри во вертикала. Планината е во близина на планинскиот превој Џау (2236м) кој се наоѓа на 13-тина километри од градот Кортина Дампецо, еден од најпознатите скијачки центри во светот. Во оваа насока уживавме во друштвото на четворица англиски алинисти кои беа малку пред нас пристигнати под карпата. Иако поради редот качувањето се одвиваше малку побавно, сепак нашите новостекнати пријатели ни беа забавни и уживавме во нивното друштво – поради нивниот познат (силен и чист) англиски стил на качување. На нивниот специфичен акцент ни повторуваа како „имаме цел ден“, дека е „време за чај“ или „време за ручек“, се движеа апсолутно незаинтересирани дали се токму на точната насока, поставувајќи си свои точки за обезбедување и велејќи како во основа треба да се движиме нагоре независно дали сме малку на страна или не....
Беше забавно секако, но сé беше под контрола и одлично поминавме движејќи се секогаш во вистинската линија. Од врвот имавме можност да се потсетиме на нашите претходни искачувања. Имавме убав поглед кон некои од нив, бидејќи оваа планина се наоѓа во близина на планинскиот превој кој ни беше нешто како база пред три години: локалитетите Чинкве Тори, Лагацуои, Сас ди Стриа, Фалзарего...
Следна цел беа планините околу планинскиот превој Села кој се наоѓа на 2240мнв. Овој превој е дел од границата помеѓу Тирол и Италија. Токму овде се наоѓаат многу познати алпинистички локалитети од кои ние овој пат се одлучивме можеби за најпознатиот – Кулите на Села. Наш избор беше Првата Кула на Села чиј врв достигнува 2533мнв, на која ја качувавме прекрасната насока „Тренкер“ која е висока околу 200 метри во вертикала. Од нејзиниот врв се простираше фантастичен поглед кон големите карпи на Пордоишпиц и Сасолунго, а исто така можевме да уживаме и набљудувајќи ги и другите две кули кои се издигнуваат како споени веднаш до нашата.
По оваа насока во непосредна близина се издигнува Пиц Чиавазес (2828м). Неговата јужна страна е висока околу 450 метри, но искачувањата се прават до големиот сипарест појас кој ја дели карпата скоро на половина. Алпинистичките насоки завршуваат овде бидејќи горниот дел од карпата е во лоша состојба и излезот од неа се прави со движење по тој на места многу експониран појас каде веднаш до вас има чиста вертикала од 250-тина метри и движењето треба да биде многу внимателно. Во оваа карпа ја поминавме насоката „Микелуци“ која е со должина од 250 метри и си поминавме многу убаво. Пред нас повторно имаше еден англиски пар со што качувањето повторно одеше малку побавно, но затоа пак од друга страна имавме можност повеќе да уживаме во околината во која качуваме, да ги разгледуваме околните планини и да одредуваме следни цели. Исто така и друштвото беше фино. Секогаш ќе имаме голема почит кон англиските алпинисти и нивниот карактеристичен однос кон планината и качувањето. Еден од овие качувачи ни рече дека не сме првите македонски алпинисти кои ги запознал, потсетувајќи се на неговото искачување на Пик Ленин пред неколку години кога се запознал со учесниците во македонската експедиција на таа планина.
Поради пократкиот временски период кој овој пат го имавме на располагање, имавме време за уште една насока и се одлучивме за фантастичната „Мариаканте“ на Пордоишпиц (2952м), која се издигнува 450 метри во вертикала. Со цел на ваква подолга насока да нема никој пред нас, решивме да тргнеме малку порано и качувавме сами цело време. Некаде кога бевме на половина приметивме дека тогаш други алпинисти и приоѓаат на карпата. Се движевме многу добро и за околу два и пол часа бевме на врвот. Овој врв се издигнува над планинскиот превој Пордои (2239м) и со него е поврзан со жичара која им овозможува на туристите за 10 минути да се качат до горе и да уживаат во погледот. Насоката која ја качувавме завршува од карпата директно во набљудувачките платформи и кога пристигнавме бевме пречекани со аплауз и комплименти. Всушност насоката постојано додека качувавме ја поминуваше жичарата и туристите можеа да нé видат и фотографираат.
На врвот се фотографиравме, ги разгледувавме планините наоколу кои се гледаа од таму и како за крај се почестивме со возење со жичарата надолу до паркингот наместо околу час и половина пешачење по ситниот сипар.
Со ова искачување заврши едно повторно многу силно и инспиративно доживување во Доломитите. Искачувањето на овие карпи секогаш е голема авантура и на нив може да качуваат само искусни алпинисти кои во целост може да изведат едно качување од сите негови аспекти – ориентација во карпата, поставување сопствено обезбедување и секако качувачи кои се целосно свесни дека целата акција завршува кај возилото на паркингот или шаторот во блиската долина бидејќи често симнувањето е многу поопасно и посериозно од самото качување. Сепак целото опкружување е неверојатно и секогаш нешто што по враќањето дома инспирира веднаш да размислуваме за следните искачувања таму... |
Други текстови за Доломити:
- Претставување на локалитетите,
- Наши искачувања во Мај '05,
- Наши искачувања во Август '08
Други искачувања ова лето:
- Пакленица (Хрватска),
- Перу
Галерии од овие искачувања:
- Пакленица,
- Доломити,
- Перу |