На оваа тема:

- Јануарско турирање (јан/2017),

- Турно и БЦА ранци (јан/2016),

- Турно: дел од сезона 2014/2015 (прв дел);

- Турно: дел од сезона 2013/2014;

Share

Турно скијање - дел од сезона 2014/15 (прв дел)...

-22.01.2015г. Игор Т.

Клучен дел од насловот: „Прв дел“.

Сезоната 2014/2015 е далеку од својот крај, па ова му доаѓа само како фалење за досега сработеното. А фалењето започнува со спектаклот наречен: скијање на Водно. Да не ме разберете погрешно, многу сум против правење на ски центар на Водно! Криво ми е што молчам сите овие години (барем последниве неколку), кога планинчево наше почна да добива инфраструктура со цел да стане туристичка Мека. Да кажев барем збор: „Не!“ Но, не кажав... Тоа е многу важна тема, која заслужува посебни текстови, но еве „не е време ни сега за тоа“... Да се вратам на скијањето. Сигурно знаете дека може да се скија и без да има ски центар по планиниве така? Беа да има жичара, топови за снег, ратрак... Е па, еден ден на Водно заврна толку снег што едноставно нели - не можеше, а да не се искористи тоа. И така по неколку СМС-а, излеговме само двајца најголеми ентузијасти: его и ооо, Работилница ооо (читај како: Бонд, Џемс Бонд) = Гоце. Еј чекај, па и Оп Оп дојде!

Од Средно Водно до детско во ноќните часови и назад. Јас турно, и он турно: јас на скии, он на сплит борд, а Оп Оп пред нас-зад нас. Многу добар помин! И не’ фати некаде мислам 11 навечер на симнување. Тоа беше еден веројатно незаборавен ден во Скопје, повторно изненадено од снегот на крајот на декември: 28-ми поточно! Неколку дена подоцна, на 3-ти јануари, турата ја повторив во продолжена варијанта до врвот заедно со Зарап, ЧилиМен и Мухиќ. И повторно, топ уживање под челни лампи на симнување. Лу-ди-ло! Снегот беше задржан и навистина уживавме. А тоа натаму-наваму ви е тура од некои 10 километри и скијањето си трае прилично фино.


Првата тура: Средно-Детско-Средно

Мислам дека со Водно и ми започна оваа сезона. Доста доцна овој пат: на 28ми декември. А имам и еден „скрин-шот“ на католички Божиќ од веб камерите на Шапка: да можеше да се зумира сигурно кокичиња ќе се видеа. Многу слабо снегче и оп одеднаш, изненадно нели: многу снег! На Водно!

И секако, снегот на Водно полека си отиде (барем за скијање), а на Шапка скоро и да не дојде - бидејќи ветрот не го дозволи тоа. Но, ветрот пак од друга страна - го оддува снегот на „другите страни“ од планината. И така еден ден, (на 10-ти јануари поточно) со пријателчето Метју си ја направивме турата од Шапка до Шипковица и назад. Тоа е тура која натаму-наваму е некаде околу 12 километри и уживавме! Имаше многу снег и беше одлично за скијање! Наши пријатели тој ден си беа во кулоарите после Антени и исто така супер си поминале.

Метју беше инспиратор и на уште една тура: на 21ви јануари бевме од Ниќифорово до Сандакташ и секако - назад :) Тоа беше тура од околу 14 километри. Снегот веќе се беше повлекол и кога возевме со автомобилот нагоре по кривините кон Маврови анови - шумите беа голи. А добар дел од турата кон Сандакташ поминува низ шума. Си помислив (читај: се исплашив) дека оваа тура ќе помине во добар кардио тренинг со скиите на ранец. Сепак, магија: целата тура беше со сосема доволно снег, како за турно нагоре, така и за скијање надолу. И тоа во многу убав длабичок снег на моменти. Викавме од радост!

Тоа ви е пријатели! Вовед за оваа сезона. Сигурен сум дека ќе има барем уште волку до крајот на истата, па очекувајте го нестрпливо и вториот дел :)

Copyright © Alpinizam.org