На оваа тема:
- Јануарско турирање (јан/2017),
- Турно и БЦА ранци (јан/2016),
- Турно: дел од сезона 2014/2015 (прв дел);
- Турно: дел од сезона 2013/2014; |
Турно - што до сега сезонава и тест на воздушните перничиња...
-20.01.2016г. Игор Т.
Турирање – што до сега сезонава...
Во 2-3 наврати, како на сајтов, така и на нашиот ФБ профил, веќе објавивме по некој текст и/или фотографија за нашето враќање кон турно скијањето т.е. започнувањето со сплитбордањето на Весна. Тоа што до моментов го реализиравме оваа сезона се сведува на врткање во близината на Попова Шапка, нешто со пријатели во помала или поголема група, а нешто сами.
Грубо, фотките на фоткава се од зимата 1999та година! Започнавме да се запознаваме со турно скијањето и уживавме! Деновиве најдовме еден од комплетите кои ги користевме (само ни недостасуваат крзната): најчесто се користеше било каков модел на Елан скии, Фричи турно вез (најверојатно моделот e ФТ88) и алпинистичките пластични чевли на Трезета (моделот беше ТФК8000). Фотките се од пред домот на клубот Љуботен на Попова Шапка, за време на честите турно тури таму и разни зимски/снежни обуки
Сосема на кратко и сега по некој збор, а и по некоја фотка. Би ги издвоил следниве моменти од сезонова до сега:
-и покрај тоа што лично не сум нешто по социјализирање во планините, бидејќи си ги доживувам како храм во кој одам по тишина и мир и сакам да сум сам или со максимум уште 1-2 придружници, тоа што ми се допаѓа многу е сепак тоа што бројот на луѓето кој си го почитува турирањето (независно дали со скии или сплитборд) станува се’ поголем и бев среќен што една од турите беше во весела и релативно голема група (за оваа активност, во моментов секоја група поголема од 7-8 „локалци“ е голема :));
Групно на Попова Шапка, кон Церепашина. Некој на скии, а некој на сплитборд...
-заедно со пријателчето Зарапчиев реализиравме една „Патрола во зора“, на негова иницијатива и сум благодарен што не’ потегна на супер утринската гимнастика по Церепашина и скијањето надолу во прекрасна светлина! Првата „патрола“ ја направивме минатата сезона заедно со Весна и со пријателчето ни Метју Хачерсон, а беше инспирирана од истоимената активност на вработените во познатиот производител на опрема за качување и скијање Блек Дајмонд, кои за тоа имаа направено многу фино видео. По една година еве не’ повторно со челни лампи во 4ам на Шапка :)
Патрола во зора #2:
2:30ам будење, 3:00ам Скопје-Шапка, 4:30ам Шапка турно Церепашина, 6:50ам Скијање,
7:30ам Шапка-Скопје, 9:00ам На работа (фотки: Александар Зарапчиев)
-уживањето со Весна по прекрасната „пудра“ до бачилата на пат кон Шипковица од Шапка... Снегот беше фантастичен, а искуството кое го доживеавме бидувајќи сосема сами таму, а толку блиску до ски центар (кој е „преку брдото“) – неописливо! Фотка од рутата и една од сцените:
...И тест на воздушните перничиња
Тоа што исто така е за поздравување, е и кревањето на свеста кај оваа група на луѓе која го сака турното, за постоењето на лавинска опасност на секоја страна на планината (што од теоретски аспект, но и од практичен аспект, бидејќи некои од нив и беа зафатени од поголема или помала лавина). Тоа само по себе значи и поседување на соодветна опрема, вклучително и ранец со воздушно перниче, при што доминација во моментов се моделите на ранци на американската компанија БЦА, која нуди убедливо најдобар сооднос на квалитет и цена.
Аутдор.мк е претставник на БЦА во Македонија и беше организирано дружење со корисниците на овие ранци во просториите на оваа компанија, при што беа разгледувани основите на овие ранци (нивни составни делови, пробно активирање на воздушното перниче и негово повторно пакување во ранецот), како и си се потсетивме за значењето на човечкиот фактор во лавинската опасност.
Пробно активирање на воздушното перниче
Пакување на воздушното перниче назад во ранецот по неговото активирање
|