На оваа тема:

- Јануарско турирање (јан/2017),

- Турно и БЦА ранци (јан/2016),

- Турно: дел од сезона 2014/2015 (прв дел);

- Турно: дел од сезона 2013/2014;

Share

Јануарско турирање

-04.02.2017г. Игор Т.

Некако во изминативе 4 години, јануари полека почна сериозно да се наметнува како месец скоро целосно посветен за турно скијање. И во споредба со сите претходни години, овој јануари ни беше најразнолик и исполнет со сосема фина бројка на излегувања. Бев пресреќен што имав можност да посетам што повеќе места и да останам успешно оттргнат од прангите пред се’ на качувањето секако, но и на Шапка, каде најчесто си игравме во претходните години. Така, се случи повторно Водно, Патишка, Маврово, Пелистер, Брезовица... Па еве:

Се’ започна на Божиќ: првите убави врнежи на снег оваа година повторно малку задоцнија, но кога паднаа - паднаа многу фино и Водно беше прекрасно!

Потоа се случи кратка посета на Патишка Река. Кратка, бидејќи утрото заедно со Весна и фамиЉа Зарапчиеви имавме друг план, но бидејќи на тоа место каде што првично заминавме немаше доволно снег, план Б ни беше Патишка Река. Таму стигнавме некаде околу 10:30-10:45 часот, што во комбинација со длабокиот снег - не’ релаксираше да не бркаме некакви цели, туку едноставно да уживаме во прекрасниот ден, до каде и да стигнеме. Мнооогу убав снег!


Потоа Маврово... Со Горан Рафајловски направивме кругче од паркингот на ски центарот, низ забелените шуми во правец кон Сандакташ, но не со намера да стигнеме до врвот, туку во моментот кога излеговме над шумскиот појас тргнавме во правец кон ски центрот, по чии патеки и се вративме назад на паркингот. Не многу долга тура, но супер фина! Ем башка стигнав на време за на работа попладнето во Скопје :)


Секако дека не можевме целосно да ја скокнеме Попова Шапка! Со Весна и Горан направивке класика кругче по кое најчесто сме правеле турно и симнување до сега - сакајќи едноставно да имаме релаксиран ден на заснежена планина радувајќи и се преку туринг активноста. А имавме и супер искуство скијајќи надолу на момент и по фин мек снег:




Долго време посакувавме да му се радуваме на Пелистер - турирајќи! Пред да заминеме таму заедно со Весна, два дена претходно јас имав средба со дел од заедницата во Битола, заинтересирана за дел од опремата за лавинска безбедност на БЦА, а следниот ден бев воден на една тура од Јонче И., Горан К. и Вања А... Без зборови! Каква само шума и каков само снег уживавме! Фантастично! Им благодарам!
Потоа ковавме планови со Весна. Направивме две тури: една од инфо центарот на НП Пелистер до „Ловечка“ и една до Палиснопје со кругче кон Копанки. Ловечка е на фантастична местоположба: може да се направи аранжман да се преспие таму и да се ужива во убав фрирајд во околината!



Момент од скијањето надолу со момците. Горан Кузмановски во акција по многу убава „пудра“ :)


До „Ловечка“

Инфо центар - Палиснопје - Копанки - Инфо центар



И последна тура во јануари ни беше во Брезовица (Косово)!
Таму заминав на средба со дел од фрирајд заедницата која го посетува овој центар, претставувајќи им ги ранците со воздушни перничиња на БЦА: некои од нив имаат купено од Outdoor.mk вакви ранци, па имав можност лично да ги запознаам со дел од нивните карактеристики и да направам повторно полнење на боцата по нивното прво, тестно активирање. Секако - дента со Весна уживавме турирајќи наоколу :)




Повеќе фотографии можете да погледнете на нашиот ФБ профил >>>>


Copyright © Alpinizam.org