Share

Тестирање на гуртни

-09.11.2010г.

Тест – споредба на издржливоста на шиени гуртни направени од најлон во однос на шиени гуртни од Dyneema/Spectra материјалите.

Тестот е направен од производителот на опрема за качување - ДММ од Велс. Во него се споредени Dyneema гуртна широка 11мм и најлонска гуртна широка 16мм – кои се динамички оптеретени со тег од 80кг (се симулира пад на качувач тежок 80кг). Должината на гуртните е 120см. Тестот е направен во два случаи: при пад директно на гуртната - со фактор на пад 1 и при пад со фактор на пад 2 (потсетете се на фактор на пад овде >>>>), но исто така со истите овие бројки и во случај кога во средината на гурните (од различни причини) би бил врзан најобичен чвор. Од сите овие тестирања и ситуации направени се по три повторувања и по еден тест кога Dyneema гуртната е со должина 60см и 30 см (кога е во комплет со 2 карабинери).

Овој тест е симулација што би се случило кога на пример некој качувач брзо би се прикопчал за точка на сидриште – користејќи гуртна, а не „усидрувајќи“ се со јажето...

При пад со фактор на пад 1 имаше само еден случај на кинење на гуртната – кога таа беше од Dyneema материјал при што на нејзе во средината беше врзан обичен чвор. Кинењето на гуртната се случува кај чворот.

При пад со фактор на пад 2 имаше неколку кинења на гуртна – кога и Dyneema и најлонската гуртна имаа чвор во средината, но и кога падот беше само на Dyneema гуртна – без никакви други интервенции (чворови на неа и сл.). Значи во овој случај падот беше задржан само во ситуација кога беше користена најлонска гуртна без никакви други интервенции (чворови на неа и сл.).

Еве што вели табелата од овој тест:

Да ги разгледуваме гуртните посебно:

Dyneema гуртната покажува помала издржливост во овој тест и се кине и при двата фактори на пад кога има чвор во неа - на местото каде е чворот. Бројките покажуваат дека чворот ја намалува скоро за два пари нејзината издржливост. Но таа се кине и кога е без чвор - при фактор на пад 2 (и во третото повторување при фактор на пад 1). Останува здрава само при фактор на пад 1, при што се создава голема ударна сила врз точката на која е прикопчана. Таа сила се намалува како што се намалува нејзината должина т.е. должината на пад. Бројките зборуваат сами по себе: при фактор на пад 1 со должина на пад од 120см врз точката на сидриштето каде сте прикопчани, со таа гуртна се генерира толкава сила што ако „преживее“ гуртната - се става под прашање дали ќе преживее карабинерот на кој таа е прикопчана, но дефинитивно нема да преживее на пример чокот или френдот на кој таа би била прикопчана. Причината за толку голема бројка е едноставно нејзината многу мала еластичност. При фактор на пад 1 при должина на пад од 60см - гуртната и карабинерот ќе преживеат, но повторно се става под знак прашање тоа дали ќе преживее чокот и френдот на кој сте прикопчани. Во најлесниот случај кога при фактор на пад 1 има пад со должина од 30см - веројатноста да преживее е најголема, но сепак силата од 12.5kN воопшто не треба да се занемари!

Најлонската гуртна успешно го поминува овој тест од аспект на нејзино преживување освен кога факторот на пад е 2 со должина на пад од 240см и тоа кога на гуртната има чвор (гуртната се кине кај чворот). Оваа нејзина издржливост се должи на нејзината поголема еластичност во однос на Dyneema гуртната - со што таа има поголема способност да ја апсорбира силата при падот... Всушност ако се погледне вториот ред кај најлонската гуртна - кога на нејзе е врзан чвор, ќе се види дека силите се помали за скоро 2kN. Тоа покажува дека и самиот чвор на некој начин кај нејзе ја апсорбира силата при падот. Сепак и овде се генерираат големи сили врз точката на сидриштето - што ќе значи опасност само по поставениот чок или френд, но не и за карабинерот...

По некој заклучок

Тестот се однесува за конкретна ситуација во која гуртната добива голем дел од ударот и од ДММ велат дека од него не треба да се заклучи дека Dyneema-та е лоша, а најлонската гуртна добра. Тоа што е најважно е да ги разбереме квалитетите на овие влакна, што ќе ни покаже како подобро да ги користиме производите кои се добиваат од нив.

Dyneema има многу поголем сооднос на издржливост/сила во однос на тежината во споредба со најлонот, но многу помала еластичност. Исто така таа е и многу поотпорна на сечење и помалку апсорбира вода (што е многу важно во зимски услови). Таа исто така е поотпорна и на ултра-виолетови зраци и хемикалии. Сепак – има пониска точка на топење. Ова е важен фактор кој треба да се знае на пример при правење абзел ако јажето директно поминува преку гуртната – со триење може да ја пресече/стопи.

Исто така е важно да се знае дека карактеристиките на гуртните (сами или во комплети) зависат и од плетката и од мешањето на влакната. На пример Dyneema гуртните најчесто се правени од мешавина од најлонски и Dyneema влакна...

Веројатно најважен заклучок од аспект на усидрување е тоа на сидриште да се приврзувате користејќи го јажето. Сепак ако на сидриштето се искористи гуртна - да бидете затегнати за точката и при секое поместување (над точката или слично) што во случај на невнимание би значело пад на гуртната - да бидете свесни за последиците кои може да настанат при тоа.

На оваа тема :

- Гуртната на Шерман;

- Гуртна на гуртна - тестирања во БД;

- Споредба на Dyneema и најлон гуртни - тестирања во ДММ;

- Импровизација (директно поврзување на гуртна со сајла на чок)

Copyright © Alpinizam.org