Дел од биографијата:

Роден во Ноември 1978 година. Сериозни искачувања на нови насоки, први повторувања во алпинистички стил…

Учествува во експедиции надвор од Словенија (па и Европа) од 1997 година. Има качувано во Боливија каде качува соло и првенствени насоки на врвови повисоки од 5500м со тежина до V+.

2000 – Перу: Токлараху (6032м) и Алпамајо (5947м),

2002 – Непал: Патибара Јужен Врв (6702м) по првенствена насока со тежини VI и должина 1200 метри во вертикала.

2003 – Јосемити (САД): Регуларната Насока на Халф Доум и Фрирајдер на Ел Капитен

2004 – Каракорам (Пакистан): Транго Кулите

2005 – Тибет: Кула Кангри – не е достигнат врвот преку Северната Страна поради лошо време

2006 – Патагонија: насоки со тежини до VIII на Агуја Рафаел (2482м), Фиц Рој (3375м) и Агуја Сент Егзепери (2558м)

 

Share

Миха Валич

-08.10.2008г.

Со голема тага известуваме дека Миха на 5-ти Октомври 2008г. загина при симнување од Чо Оју (8201м)... Ова е втора голема загуба за словенечкиот и светскиот алпинизам во помалку од два месеци по заминувањето на Павле Козјек...

Потсетување за неговите искачувања во Алпите кои ви ги претставивме минатата година:

Словенечкиот алпинист, Миха Валич, во зимската сезона 2006/2007 се искачи на „сите“ 82 врва повисоки од 4000 метри во Алпите во период од 102 дена („Сите“ е во наводници бидејќи постојат различни дефиниции за тоа колку ги има, дали се помалку или повеќе и што точно го прави еден врв - самостоен врв...). Тој се надевал дека ќе ги искачи во период од 82 дена, но поради лоши временски услови некои искачувања се одложувале така што тој предизвик „82 врва во 82 дена“ сé уште останува недостигнат.

Искачувањата ги направил во периодот од 27-ми Декември 2006 до 7-ми Април 2007 и при тоа во разни прилики качувал со 15 негови пријатели кои допринеле во извршувањето на проектот – и временски и финансиски: Рок Благуш, Аленка Клеменчич, Блаж Грапар, Лука Кронегер, Борис Лоренцич, Гашпер Рак, Тина Дибатиста, Миха Ламперт, Матевз Крамер, Тадеј Дебавец, Весна Никшич, Миха Мачек, Блаж Штрес, Клемен Грицар и Томаж Јакофчич.

Еве што тој уште вели: „Идејата да се искачат сите 82 врва повисоки од 4000 метри во Алпите во континуитет (по можност во 82 дена) веќе подолго време е трн во око кај европските алпинисти. Во летото во 1993 година Англичаните Мартин Моран и Сајмон Џенкинс се искачија на 75 врва во 52 дена (тогаш не постоеше сегашната листа на УИАА). Следни кои се обидоа да го поминат овој маратон во пролетни услови беа Патрик Беро и Филип Мањин во 2004 година, но обидот заврши по искачени 65 врва поради загинувањето на Беро. Во пролетта во 2006 година Италијанците Франц Николини и Микеле Компањони се искачија на 25 врва, но се откажаа понатаму поради лоши временски услови.

Јас сум прв кој се обидел во зимски услови. Класичните насоки на популарните врвови повисоки од 4000 метри се преполни со планинари за време на летниот период, но во зимски услови тоа е сосема поинаку. Планинските домови се затворени или не одржувани, а снегот ги прави тешко достапни. Комбинацијата на кратки денови, екстремни студови, силни ветрови и целосна изолираност даваат чувство на величенствени планински масиви на некој друг континент. И покрај меката зима во долините, над 3000м имаше многу снег, а условите на планините беа далеку од питоми.

Сакав да направам поврзување и да искачам што повеќе врвови во што пократко време и ниту едно од тие искачувања кои ги направив не е тешко алпинистичко постигнување. Сепак направив некои пречења на гребени кои можат објективно да се сметаат за сериозни зимски искачувања… Лошите зимски услови и силните ветрови дури и „полесните“ врвови ги направија сериозни предизвици.

Морав да издржам до самиот крај. Да издржам 82 врва во 102 дена. Беше логистички и физички тешко, но најголем предизвик беше мотивацијата и психолошката издржливост…“

Други текстови:

-82 врва во 102 дена;

-Интервју за списанието Climbing

Copyright © Alpinizam.org