Бркајќи го Меснер - Дали Меснер значи нешто денес во алпинизмот
-текст на Догалд Мекдоналд
Крај
Повторно почнува да врне, но сепак тргнавме кон Мармолада. Како што се приближувавме, на врот се појавуваа сé повеќе облаци. Не можевме да ја разбереме големината на оваа карпа која беше стрмна на почетокот, но поблага кон крајот. Има 25 должини...
Централната класична линија на Мармолада ја има искачено Ханс Винацер во 1936 година, а Меснер откако ја имал поминато два пати, одлучил да ја качи соло и да направи подиректен финиш. Во 1969 година тој почнал соло и без обезбедување - насока со оцена VI+. На средина по таа нова варијанта, Меснер наишол на експониран и стрмен ѕид без пукнатини или гребени за одмор. Меснер вели дека не се сомневал дека ќе успее: „Кога е невозможно да се обезбедуваш, можеш да поминеш, само ако знаeш дека можеш да поминеш.“
За време на вечерата во домот, домарот нé запраша дали ќе одиме на Мармолада следниот ден, предупредувајќи за лошата временска прогноза. Ни подаде еден дневник за да се потпишеме. Таму ги имаше имињата на Алекс Лов, Џорџ Лов, Патрик Берo, Патрик Едланже, Марк Вилфод, Хајнц Марихаер... Ни изгледаше каке да сме упаднале на некоја приватна забава и дека во секој момент некој ќе не’ избрка.
Рано утрината, Дејв ја почна првата должина и набрзо исчезна, а јас останав да се тресам од студ во пештерата на подножјето. Кога почнав јас да качувам, се воодушевував како тој ја имаше поминато плочата без можност да се обезбеди, а потоа ми текна и на Меснер во неговите гломазни чевли.
Дождот врнеше сé посилно, но на моменти над облаците се појавуваше и сонце и во нас имаше надеж. Сепак секоја должина беше тешка и бавно напредувавме. Некаде на пладне стигнавме на средната тераса, а тогаш започна да врне и град.
Качував низ камин низ кој буквално течеше вода, а Дејв стоеше над мене покрај еден „водопад“ која како да му се приближуваше сé повеќе и повеќе. Сидриштето беше на другата страна на овој водопад. „Ова го немаше кога стигнав овде“, извика Дејв. „Си одиме и тоа веднаш!“
Погледнав нагоре и видов дека сме победени. Насоката поминува низ камини кои беа преплавени со вода, а од време не време низ нив се одронуваа и камења. Колку сакав да стигнам до варијантата на Меснер и да го замислувам таму сам. Но немавме избор.
Уште се надевавме дека ќе можеме да ја поминаме насоката на Меснер на Втората Кула на Села, каде на северната страна во 1968 година поминал насока со оцена VI, при тоа поставувајќи само пет клина. Но, времето беше уште лошо и се одлучивме да ја качиме Микелуци насоката која има 11 должини и оцена VI+, која Меснер ја имал солирано. Првите три должини беа „утоп“, а пукнатините имаа кал во нив. Потоа почна да врне снег и капрата стана бела. И оваа насока не ја завршивме.
Кога заминувавме од Доломитите, времето се расчисти и можевме да ги видиме Чивета, Кулите на Села и на југоисток групата Пала – врвови за кои Меснер рече дека се најмалку познати и најголеми во Доломитите. На Мармолада – нов снег и светкави линии вода…
Времето беше лошо. Утешно е тоа дека направивме сé што можевме, но сепак ниту ги пипнавме насоките на Меснер. Можеби така требаше да биде. Меснер се грижи за зачувување на авантурата и тежината при качувањето, а лошото време е дел од тој предизвик. Сепак – можеме да се вратиме повторно. Ако Меснер не биде во овие планини, неговите насоки ќе останат и ако ги оставиме такви какви тој што ги качил, тие никогаш нема да бидал лесни. |