Бркајќи го Меснер - Дали Меснер значи нешто денес во алпинизмот
-текст на Догалд Мекдоналд
Кај Меснер дома
Треба да се сретнеме со Меснер на крајот на нашата прва недела престој овде. Дејв се однесува како тинејџер пред својата прва забава. „Лошо е кога имаш повеќе трема во ден кога не качуваш, наместо во ден кога качуваш.“, вели Дејв. „Мислиш дека ќе гледа на нас како на алпинисти? Можеби за него сме планинари... или абзелувачи.“
Кога бевме подготвени да заминеме Дејв ме праша: „Мислиш дека е навредливо да одам во сандали кај човек кој нема прсти на стопалата?“
Меснер е роден во Јужен Тирол. Областа е повеќе германска отколку италијанска. Знаците на улиците се на германски, планинарите по патеките нé отпоздравуваа на германски, а прва атракција после домот на Меснер е локалната пивница...
Добивме добри инструкции и лесно пристигнавме пред неговиот дом – замок на ридот над Џувал. Последните неколку метри се одат пеш, а ние одевме брзо и ги соблековме блузите. Дејв успори и ми рече: „Би изгледале глупави ако пристигнеме задишани пред Меснер одејќи по оваа кратка патека.“
Пред куќата нé пречека неговиот син кој си играше во дворот. На италијански ни рече: „Затворено е!“
„Дојдовме даго видиме Рајнолд,“ му реков и тоа отрча во куќата да го викне татко му.
Меснер има 57 години и изгледа фит. Има густа коса и брада и силни рамења и гради. Има густ распоред и имаме еден час на располагање. Само што се вратил од Бон тоа утро од Европскиот Парламент каде е избран во 1999 година како претставник на еден дел од северна Италија. Утредента треба да замине во Индија со семејството.
„Качувавте ли?“ нé запраша седнувајќи во дворот. „Што качивте?“
Споменавме неколку насоки.
„Комичи... тоа е добра насока. Има ли многу експанзиони“
О, не. Еве го почнува – си помислив. „Не,“ одговорив „Нема ниту еден.“
Нé погледна: „Хм, тоа е добр“. Изгледаше како да не верува.
Почнав да поставувам прашања. Дали во негово време најдобрите алпинисти качувале болдери и тренирале како денес или качувале само планини?
„Јас тренирав на болдери и на еден каменест ѕид покрај мојот универзитет во Падова.
Дали најдобрите качувачи во планините беа исто најдобри и на болдерите и кратките насоки или во секоја област посебно?
„Беа истите луѓе“, се насмевна. Очигледно тој бил најдобриот. „Но тоа беше како мала забава,“ продолжи „качувавме болдери само за тренинг. Најдобрите алпинисти ги бараа најубавите линии во најголемите карпи.“
Го запрашавме каков тип на обезбедување користел и тој рече дека носел на нова насока по 5-10 клина и неколку гуртни и карабинери, а за поголемите карпи како Мармолада по 20-тина клина.
„Ако сте добар качувач, тогаш би ставиле само по 5 клина во една должина и ништо повеќе. Како би можеле да ставите повеќе? Треба да се тоа места каде ќе ви бидат слободни и двете раце. Исто така има и техничко качување, но тоа нема врска со алпинизмот.“
Како тоа?
„Алпинизмот претставуа слободно качување. Само слободно. Во основа кога качував нови насоки гледав да можам да качувам слободно – следејќи пукнатини.“
Но тие пукнатини денес сите се поминати.
„Да и затоа веројатно ќе има потреба од експанзиони клинови.“
Молам? Не можев да верувам што слушам. Значи во ред е според тебе да има експанзиони клинови по планините?
„Никогаш не би користел експанзиони клинови. Но ако некој качува нова насока и има потреба да стави експанзионен клин за слободно да качува, тогаш тоа е во ред. Сидриштата секогаш треба да бидат добри.“
Каде ја повлекуваш линијата тогаш?
„Класичните насоки никогаш не треба да добијат експанзиони клинови. Тоа се случува, а посебно во западните Алпи и тоа е многу погрешно. Да работиш болдеринг или да качуваш во сала е една работа - тоа е спорт, но ако одиш на Големата Кула на Лаваредо тоа треба да биде авантура.“
Дали има некои нови алпинисти или насоки кои ти се допаѓаат?
„На карпа денес качувачите се многу подобри од тие во 70-тите и 80-тите години од минатиот век. Еволуцијата е брза. Лео Холдунг, браќата Хубер – тие качуваат работи кои беа невозможни пред 10 години.“
Во текот на разговорот постојано ни кажува на кои насоки да одиме, а на кои не. Кога ќе се присети за некој тежок момент, му се појавува насмевка и повторува: „Тоа е добро качување“...
Морам да признаам – инспириран сум. Флексибилноста и ентузијазмот за модерното качување ме изненадија. Во неговите зборови, стил и избор на уметност тој покажува почит кон убавината, едноставноста, директноста и чистотата...
|