Монт Блан ду Такул и Ејги ду Миди
По два дена патување и еден ден престој во Шамони за докомплетирање на опремата, на 29-ти Јуни пристигнавме на Valee Blanche - Белата Долина. Едвај се симнавме од жичарата која од Шамони не однесе на Ејги ду Миди (3842м), до околу 300 метри пониската долина која беше место на нашата база за аклиматизацијата. Имавме тешки ранци - со облека и храна за 12-тина дена. Кога го маркиравме нашето место, ископавме „базен“ како што го нарече Бојан просторот во кој ги сместивме двата шатори. Од интензивното копање поради тоа што сепак не се чувствува веднаш висината по некое време дел од екипата почувствува проблеми во стомакот и слаби главоболки кои до крајот на денот беа надминати. Од самото пристигнување веднаш почнавме да топиме многу вода и дефинитивно тоа беше основно нешто што помогна. Потоа во текот на следниот ден полека почна да ни се враќа и нормалниот апетит...
Следниот ден (не многу рано) тргнавме кон првата етапа од планираната аклиматизација - искачување на врвот Монт Блан ду Такул (4248м) по неговата нормална патека. Тоа е патека која оди по северо-западната страна на оваа планина и е со техничка тежина PD-. Од нашиот шатор до излезот на гребенот со бавно темпо стигнавме за околу 2,5 часа, а потоа уште еден час ни беше потребен да стигнеме до врвот. Се движевме бавно со цел само полека „да добиеме на висина“ - не се брзавме никаде. Од мачнините претходниот ден ни стана јасно дека треба добро да се аклиматизираме поради тоа што нашата цел - насоката Red Sentinel (D+) на 1400 метри високата Бренва којa завршува на 4810мнв, не може да биде искачена „на Ура“...
Аклиматизацијата ни беше така планирана да не претставува оптоварување на телото пред самото качување, така што планиравме после секој ден поминат на висина над 4000 метри да направиме одмор (лесни прошетки) на висина помеѓу 3600-3800 метри. Откако помина тоа качување на Ду Такул, следниот ден сакавме да ја видиме Бренва т.е. да го видиме пристапот до под насоката. Требаше да се искачиме на т.н. Граничен Гребен (по кој понатаму до врвот на Маудит (4465м) продолжува насоката Гребенот Куфнер (D)) од каде се открива целата Бренва. Поради тоа што стигнавме околу пладне под гребенот на кој треба да се искачат 2 должини тежина AD за да се стигне на неговиот врв, кога требаше да почнеме да качуваме со Весна проценивме дека условите не се добри - по стрмнината течеше снег, од време на време паѓаа камења и едноставно ќе се качевме но ќе имавме проблеми за симнувањето - ќе требаше да оставиме малце повеќе опрема (тубуларци и гуртни) што секако не сакавме да го направиме.
Во тие моменти до нас стигнаа две наврски - едни кои сакаа да ја качуваат Куфнер, а други кои сакаа да одат на Бренва на насоката Brenva Spur (AD/D). Тие одеа „во еден правец“ така што не се двоумеа за одење нагоре, но тука имаше еден друг поважен момент. Дечките кои сакаа да одат на Бренва во краток разговор ни рекоа дека и тие сакале да одат на Red Sentinel, но по консултирањето со неколку водачи во Шамони дознале дека „никој не ја качува повеќе“ поради лоши услови во горниот дел - сераците. Поради тоа се решиле да одат на Brenva Spur. Во Шамони во канцеларијата на OHM кога прашавме за Red Sentinel ни рекоа дека „немаат информации“, но ни рекоа дека „пред 15 дена“ Brenva Spur ја качиле некои алпинисти кои рекле дека е во одлична состојба...
Кога тргнавме назад кон Белата Долина одлучивме да ја смениме целта - Brenva Spur. За следниот ден решивме да одиме на една од насоките на Триаголникот на Северната страна на Ду Такул. Се одлучивме тоа да биде насоката Left Edge (AD). Таа беше висока 350 метри и имаше уште околу 150 метри излез до гребенот. Во книгата пишуваше дека се потребни околу 3 часа. Станавме рано со цел да качуваме на добри услови, но сепак со изотерма 0 степени на 4200 метри условите веројатно никогаш не можат да бидат задоволителни - мразот во првата должина беше многу лош - со кршлив горен слој кој бараше неколку удари за стабилно поставување на цепинот. Потоа во следните три должини кои беа чист цврст снег движењето беше многу побрзо, а осигурување поставувавме ретко и на карпата веднаш до нас каде ги правевме сидриштата. Од следната должина до крајот на насоката качувавме „микс“ терен со лесни делови на карпа кои ги минувавме со дерези и јазици добар мраз и цврст снег.
Во тие 350 метри висинска разлика поминавме цели 12 должини од по 50 метри (600 метри должина), а потоа излезот од крајот на насоката до врвот го одевме паралелно со поставување меѓуобезбедување на поголемо растојание и тука не знам колку должини би излегле ако одевме „цуг по цуг“... Сепак едно знам - качувавме многу повеќе од 3 часа - во шаторите бевме доцна попладнето... Се запрашавме како може насоката да биде помината за 3 часа??? Си помисливме дека веројатно ако се оди постојано паралелно - како што направија 2 наврски кои не поминаа во првите 4 должини... Но Борче и Бојан имаат поинакво мислење и за тоа откако ја поминаа насоката North Couloir (AD-)...
Следниот ден почнавме да добиваме информации дека временските услови ќе се влошуваат. Бевме среќни мислејќи дека тоа ќе трае кратко, а и така за нас следниот ден требаше да биде ден за одмор. За 4-ти Јули прогнозата исто така не беше добра па решивме да поминеме една насока на Ејги ду Миди (3842м), Тоа е насоката по јужно-јужнозападниот гребен кој се нарекува Космик и има тежина PD+. Целата насока ја поминавме движејќи се паралелно и поминавме многу добро - сите бевме задоволни од искуството, а посебно Борче кој ги водеше последните должини на карпа со детали од III/IV.
Тоа веќе беше период кога требаше да се качиме на Монт Блан преку т.н. пречка, а потоа да одиме на Бренва. Но наредните 4 дена без престан врнеше најпрвин град, а потоа и снег во висина од околу 15-20 сантиметри (барем кај нас) и тоа значеше крај за Бренва. Едноставно требаше да поминат неколку дена за да тоа се стабилизира - подлогата со град беше совршена за лизгање на подлогата со снег врз неа поради тоа што топчињата беа како лагерчиња... Немаше да имаме време да чекаме таа состојба да се стабилизира, а потоа да качуваме на Бренва (решивме да не одиме на Монт Блан преку пречката туку директно на Бренва) и да брзаме да стигнеме на работа - ќе беше глупост. Откако поминаа тие неколку дена кои ги преседовме во шатор, мое лично мислење беше дека ќе треба да се исчека барем некој ден за било што друго, поради тоа што беше факт дека лагерчињата си стојат под снегот. Со Весна немавме намера за искачување на Монт Блан преку пречката да губиме денови од одморот седејќи во шатор уште некој ден и се симнавме во Шамони, а Борче и Бојан решија да останат и во период од 2-3 дена ја поминаа пречката и ја качија насоката North Couloir (AD-) на Ду Такул.
|