Болдеринг на Водно
Овој викенд решивме малку да се релаксираме. На Матка отидовме во Сабота околу пладне со цел да качуваме после пладне (кога не е многу топло), да спиеме, да качуваме ноќно и што ли уште не... Но откако качувавме малку на плочката - покрај езерото, решивме да се повлечеме во Скопје (најнапред на сладолед), а потоа на Водно на болдеринг. Истото го направивме и во Неделата...
Болдеринг е специфичен начин на качување на карпа кога на ниски карпи се вежбаат одредени технички движења. Се качува без обезбедување – единствено вашите пријатели треба да стојат под вас и да ве придржат при пад. Често и не се качува воопшто нагоре, туку се оди лево-десно или како велиме ние „се пречи“ - на нашиот специфичен јазик. На Водно има една совршена мала карпа за болдеринг. Се наоѓа на 5 минути пешки од врвот на Водно - по патеката кон Матка. Така откако направивме добар кондиционен (исфорсиран) тренинг, дојдовме до под карпата и си направивме и добар технички тренинг.
Правевме разни движења, потези – логични и нелогични. Едноставно се забавувавме. Добра работа за овој локалитет е тоа што се наоѓа во „длабока“ сенка, така што може слободно да се отиде рано наутро и да се остане до 12 часот на пладне без проблем и во најголемите жештини.
Толку пишување - сега погледнете дел од фотографиите во Галеријата... 27/28 Мај 2006
|