На Демир Капија
АСКК „Стенае“ од Неготино во соработка со Македонската Алпинистичка Асоцијација организираше алпинистички табор (средба на алпинисти) на локалитетот Демир Капија во викендот 14-16 Април 2006. За жал поради работни обврски ние пристигнавме околу 10 часот во Саботата, но веднаш можевме да ја почувствуваме работната атмосфера на локалитетот – насекаде можевме да видиме качувачи. За почетниците се грижеше Центарот за стручно оспособување при ФПСМ, а поискусните алпинисти се подготвуваа „да влезат“ во поголемите насоки.
Сместувањето беше организирано во интернатот покрај основното училиште „Димче А. Габерот“ во Демир Капија, но ние веднаш отидовме под насоките. Таму само што почнуваа да се подготвуваат да качуваат и другите алпинисти. Прва насока која ја одбравме да ја качуваме беше насоката „Тулумба“. По нас качуваа Орце и Мики. За Мики знаевме дека веќе имаше качувано овде (и тоа најмалку еднаш во наврска со нас), но за Орце ова беше прва насока на оваа карпа. На локалитетот тој имал качувано неколку спортско-качувачки насоки, но ова беше прва алпинистичка насока за него. Одлично поминаа.
Додека другите се подготуваа да заминат на ручек во интернатот, ние решивме да поминеме уште една насока – „Полжав“. Оваа насока на крајот има иста должина со претходната насока, па откако пристигнавме на тоа место се симнавме по фиксираната сајла до тунелите каде ни беше паркиран автомобилот.
Кога пристигнавме во интернатот, сега другите се подготвуваа да отидат на ново качување, а ние по ручекот решивме да ги набљудуваме од патот кој е од спротивната страна на карпата преку реката Вардар која минува веднаш под неа. Ни беше интересно да ги гледаме нашите пријатели – се поделија во три насоки и можевме да гледаме кој како качува, каде има проблеми и слично.
Вечерта имаше организирано видео презентации во една од училиниците на училиштето. Прво Горан Кузмановски (алпинист од Битола) ни прикажуваше фотографии од минатогодишното искачување на врвот Корженевска во Памир на кое беше заедно со алпинист од Бугарија. Потоа Алекаснадар Дончев (алпинист од Струмица) ни прикажуваше фотографии на тема планини сликани од некои врвни фотографи. Александар е професионален фотограф и сакаше да ни покаже примери за подобра презентацијата на алпинизмот во јавноста преку добро замислени и направени фотографии и видео материјали. По неговото изложување, требаше да следува филм од искачувањето на Северната Страна на Јану од страна на Руска експедиција која беше добитник на наградата Златен Цепин за 2004 година, но ние бевме заморени и отидовме на спиење.
Следниот ден, на 16-ти Април (Недела) први тргнавме под насоките со цел повторно да качиме две насоки и побрзо да се вратиме во Скопје попладнето. Прва насока која ја одбравме беше насоката „Б2“. И таа има ист излез како „Тулумба“ и „Полжав“ – ја делат последната должина, а по неа отидовме на насоката „Блажева“. Ова е една од подолгите насоки на Демир Капија. Не се карактеризира со некоја поголема тежина, но тоа што ми се допаѓа во неа е што во еден момент излегува на гребен од кој има прекрасен поглед од двете страни на оваа „Железна Порта“...
По ова искачување се спакувавме и тргнавме назад кон Скопје. Бевме среќни и убаво си поминавме. Времето не беше многу топло и брзо ги поминувавме насоките. Но сепак веројатно најмногу уште две-три недели ќе може да се качува нормално на овој локалитет поради тоа што температурите ќе станат неподнесливо високи, па се надеваме на барем уште една посета пред летото. На ред полека доаѓа Солунска Глава, а се надеваме и на некој од локалитети во Бугарија...
|