На оваа тема:
- Статистика за 2012г,
- Статистика за 2011г,
- Статистика за 2008-2010г
По некој текст за споменатите насоки:
- Козина;
- Отмар - лева варијанта;
- АПБ;
- К1, К2, К3 и К4 на Матка |
Матка - нова кутија (2)
-20.08.2013, Игор Т.
Црвената двојка во заградата во насловот значи дека ова е дополнување на текст. Пред точно еден месец напишав дека со Весна бевме малку вредни и работевме на средување на дел од патеките кои се користат за пристап до алпинистичките насоки на Отмарова карпа на Матка. Исто така покрај тоа, поставивме и кутија со тетратка за потпишување на сидриште кое е заедничко за неколку насоки (за нас со многу убави детали!) кај кои до сега не постоеше таква можност...
Во тој текст напишав дека имаме уште две такви кутии на располагање на кои би сакале да им најдеме соодветно место. Прво нешто на што ни текна се К-насоките на Матка. Во еден момент, по објавување на наш текст за овој локалитет, имаше неколку наврски кои направија искачувања на насоки таму, но повторно некако како да остана запоставен тој дел. Лично претпоставувам дека една причина за тоа можеби е и многу обраснатиот пристап и патека за симнување од карпата. Движењето таму навистина беше непријатно.
Така, со ентузијазам за продолжување на вакви акции, во реализирање на оваа идеја се придружија и Александар Зарапчиев и Методи Чилиманов (членови на АК 8 од Скопје) и Виктор Хаџи-Василев (ПСД Макпетрол од Скопје). Денес по 2-3 претпладневниња работа, ја поставивме и кутијата во близина на излезите на насоките. Мислам дека го изнајдовме најкраткото и најпрактично решение и со исклучок на детали, се работи за убаво исчистени патеки кои ќе овозможуваат брзо и лесно пристапување и симнување од насоките.
Имаме уште идеи како сето тоа да биде многу попедантно средено, но се работи за детали, а најважно ни беше пред се’ да овозможиме лесно движење. Треба да се внимава на лизгавост и ронливост во делот кога почнува симнувањето, но патеката сега е широка и безбедна. Исто така и кутијата треба да си најде посоодветно место, но во секој случај подготвена е и уште од сега ја чека нашата поезија! :)
Еве потсетување за текстот од пред еден месец:
-20.07.2013г. Игор Т.
На Матка на дел од алпинистичките насоки, на сидришта на кои најчесто се вкрстуваат неколку насоки, има кутии со тетратки
и алпинистите кога ги искачуваат тие насоки имаат можност да си напишат каде и со кого качувале, да напишат по некој инспиративен збор (колку било прекрасно да се качува во волшебно место како Матка), да се пофалат (дека се најдобри и без конкуренција, дека качувале ноќно без челна лампа следејќи ги знаците на своето срце), да се пожалат
(им врнело, имало боцки и прашина во насоката) итн. Е сега - тоа „на дел од насоките“ е клучен момент. На друг дел пак од насоките, нема кутии и одлучивме да направиме нешто во врска со тоа.
Со помош на Виктор Трпевски, член на АК Матка од Скопје, беа направени 3 кутии кои сакаме да ги поставиме на нови места. Една од нив веќе е поставена: на сидриште на кое поминуваат 3 насоки: „АПБ“, „Козина“ и „Отмар - лева варијанта“. Тоа се случи пред една недела и кутијата си повлече искачувања: секако првото беше направено од мене и Весна (пошто сме секогаш и секаде први и како што горе споменав: најдобри и без конкуренција), а потоа во текот на неделата која помина следуваа искачувања на членови на новооформираниот алпинистички клуб, АК 8 од Скопје. Во една недела веќе има 4 регистрирани искачувања на „Отмар лева“ и „Козина“, па така останува уште „АПБ“ и тетратката ќе биде уште повесела... Еве поточно каде е поставена оваа нова кутија:
Исто така со Весна бевме малку вредни и околу средување на пристапните патеки до насоките. Главната патека која од манастирот Св. Никола води до езерото веќе беше исчистена од Зоки и Аце (луѓето кои се грижат за манастирот), па ние интервениравме само во деловите кој се одвојуваат од оваа патека и водат кон насоките. Сега веќе може лесно да се поминува таму. Исто така почнавме да подработуваме и на патеката која води од браната до манастирот Св. Никола. На фотката можете да погледнете точно каде сме подработувале (белите кругови):
Тоа би било тоа за сега. Но наскоро планираме и нови интервенции и поставување и на другите две кутии, па бидете во исчекување и Алпинизам.орг нека ви биде постојано „он“! |