Ви презентираме инспиративни достигнувања на странски и домашни алпинисти кои нé инспирираат да работиме и понатаму со уште поголем интензитет.
Во 2008...
Диретисима на Нупце
Француските алпинисти Стефан Бено и Патрис Глерон-Рапа искачија нова директна насока по јужната страна на Нупце (7861м). Тие насоката ја качуваа од 27-ми до 30-ти Октомври при тоа поминувајќи тежини до М5 и вертикален мраз. Висинската разлика на страната е околу 3000 метри и тие откако стигнале на гребенот под врвот на околу 130 метри од него, решиле наместо да одат нагоре, да се симнат до нивното место за бивак... Патрис пред две години имаше соло обид по оваа насока при тоа стигнувајќи на околу 1300 метри под врвот.
Тајниот Премин
Од 6-ти до 10-ти Октомври, Белгијците Николас Фаврес и Шон Вилануева искачија нова насока во слободен стил на крајната десна страна на Ел Капитен. Насоката е именувана „Тајниот Премин“, има 15 должини и е со оцена 5.13c R. Таа се движи генерално по две технички насоки кои достигнуваат оцена А4 и плус по нов терен...
Повеќе инфо овде >>>>
E12
На 29-ти Септември Џејмс Пирсон (22) ја искачи „Патот на животот“ Е12, 7а. Насоката е во северен Девон во Англија, долга е 48 метри и е прва насока преку Е11. Тој прво ги извадил поставените клинови од минатото и ја искачил со сопствено обезбедување. На овој проект тој работел 4 години (!!!) и имал интересни падови на микро чокчиња...
Да потсетиме сепак дека Дејв Меклод не ја оцени насоката „Ехо“ за која кажа дека е потешка од „Рапсодоја“ која пак е со оцена Е11...
Дејв Меклод на „Ехо“
Шкотскиот алпинист Дејв Меклод, на 30-ти Јули повторно се надмина и ја искачи најтешката насока во Европа - со сопствено обезбедување (френдови и чокови) - „Echo Wall“. Се сеќаваме на неговата насока „Рапсодија“ (Е11, 7а) од 2006год. која има само две повторувања (Сони Тротер и Стив Меклур оваа година во Мај/Јуни). За оваа нова насока тој не дава официјална оцена и вели дека е потешка од „Рапсодија“ и било што друго што качувал до сега...
Драма на К2 (8611м)
На 1-ви Август трагедија на К2 – во пад во делот познат како Bottleneck (на висина од околу 8200м) загина Дрен Мандиќ, член на војводинската експедиција. Според официјалниот извештај на водачот на експедицијата, Дрен се ослободил од фиксното јаже со цел да направи промена во системот за снабдување со кислород (имало друг качувач кој зад него требало да го помине) и во тој момент јажето неконтролирано се поместило при што тој паднал 100-тина метри по многу стрмна падина загинувајќи на место. Покрај него од други околности загинуваат уште 10 качувачи, а тројца се повредени. Имено во истиот тој дел се откачил серак и ги откинал фиксните јажиња, заробувајќи високо во планината неколку качувачи. Најмалку двајца од загинатите се двајца носачи (Пакистанец и Непалец) кои се вратиле кон групата во организираната спасувачка акција од останатите качувачи на планината.
Германци на Бафин
5-член германски тим воден од алпинистите Штефан Гловач и Роберт Жаспер направија прво искачување на карпата „Бастион“ на островот Бафин. Насоката е наречена „Долг пат до дома“ (IX+, A4, 21 должина, 800м) и е качувана во период од 14 дена. Името на насоката е такво бидејќи до насоката (и назад) приодот е направен преку 350 киломтери мраз - влечејќи тешки санки, штитејќи се од големите бели мечки :) ...
Од Алберта на Макалу
Винс Андерсон и Стив Хаус се подготвуваат за нова насока на Макалу (8463м) каде ќа качуваат заедно со Марко Презељ. Фотката лево е од нивното искачување на Монт Алберта (3619м)во Канада - прво искачување во зимски услови и тоа по нова насока... Каква совршена сцена за качување!!!
Ново на Даулагири
Валери Бабанов и Николај Тотмјанин на 18-ти Април го започнаа своето искачување на нова насока на Даулагири – преку западниот гребен (на фотката десно). Никој до сега се нема обидено да ја качи оваа насока која започнува на 3700мнв, а завршува на 8167мнв. Валери и Николај планираат за искачувањето да им бидат потребни 7-8 дена и ќе го направат тоа во лесен алпинистички стил – без фиксни јажиња и меѓу-кампови...
Убави искачувања во Канада
На крајот на Март се случија неколку многу силни искачувања на Монт Чефрен (3307м) и Монт Темпл (3543м) во Канада. Учесници: Рафаел Славински, Пјер Дарабелеј, Имон Волш, Јан Велстед, Стив Хаус и Роџер Стронг. Насоката „Гринвуд-Џоунс“ (IV/V M6, 20 должини, 1300м) го доживеа своето прво зимско искачување - најпрво во 3 дена, а веднаш потоа во 25 часа, а кулоарот наречен „Кучешка нога“ (V/VI M7 A1, 1300м) - своето прво искачување, воопшто (Славински и Дарбелеј)...
Алпинисти - уметници
На 4-ти Март беа прогласни победниците од фотоконкурсот на climbingguidebg.com Македонскиот алпинист Горан Кузмановски со оваа фотка (десно) го освои првото место на тема „Природа“.
Ретко зимско искачување на Пиц Бадиле
На 17-ти Февруари, Кристоф Хајнц и Роџер Шали направија ретко зимско искачување на северо-источната страна на Пиц Бадиле (3308м). Тие ја искачија ултра класиката - насоката на Касин (TD, 800м). Насоката прв пат е качена во 1937 година, а првото зимско искачување го доживува во 1968 година. Второто и третото зимско следуваат дури во 1981 година и од тогаш не се знае дали е направено и друго зимско искачување. Хајнц и Шали насоката ја качија во еден ден - абзелувајќи од врвот надолу по северниот гребен.
Нов рекорд на Штек на Ајгер
На 13-ти Февруари швајцарскиот алпинист Ули Штек го направи најбрзото соло искачување на Северната Страна на Ајгер: 2 часа 47 минути и 33 секунди. Поточно си го поправи својот личен рекорд за нешто повеќе од еден час кој го имаше направено минатата година во Март. Не ни се допаѓа што во последните вести забегуваме со вакви „рекорди“, брзи искачувања и слично ама просечното темпо од околу 25 метри во минута на таа карпа е нешто што е за ГОЛЕМА почит!
Најбрз тим на Северната Страна на Ајгер
На 28-ми Јануари Сајмон Антаматен (24) и Роџер Шали (30) го направија најбрзото тимско искачување на Северната страна на Ајгер по првата насока на оваа страна искачена за прв пат во 1938 година од Херер, Хекмаер, Каспарек и Форг. Тие на врвот застанаа по 6 часа и 50 минути качување. Насоката патем е оценета ED2 и е висока 1800метри во вертикала...
Пречење на Серо Торе
Од 21-ви до 24-ти Јануари, Роландо Гариботи и Колин Хејли го направија првото целосно пречење од Серо Стандард до Серо Торе - преку Пунта Херон и Торе Егер...
Котопакси - Еквадор
Двајца македонски алпинисти, членови на Алпинистичкиот Клуб „Шри Чинмој“ од Скопје, се искачија на вулканот Котопакси (5897м) во Еквадор. Шакшама - Слободан Колоски и Сашко Јосифовски својот последен висински камп го поставиле на 4800м. и од таму по околу 7 часа стигнале на врвот на овој сé уште активен вулкан.
Мразеви, мразеви...
Германскиот алпинист Роберт Жаспер и швајцарскиот алпинист Бернд Ратмаер во период од три дена искачија нешто повеќе од 1000 метри мраз. Тие се искачија на мразевите BASE (WI6+, 11 должини, 450м), Almendudler (M9+/10-, 350m) и Crack Baby (WI6) во Швајцарија
Почина Сер Едмунд Хилари
На 11-ти Јануари почина Сер Едмунд Хилари – човекот кој заедно со Тенцинг Норгај во 1953 година го направи првото официјално искачување на Еверест. Освен по неговите непрекинати авантуристички потфати тој ќе остане запамтен и по неуморната работа да им се помогне на Шерпасите во Непал. Преку неговата фондација таму беа изградени неколку училишта, амбуланти, мостови, водоводни системи и две болници.
Се откажува „Златниот Цепин“
2008 навистина носи промени во манифестацијата „Златен Цепин“ - за прв пат во историјата таа ќе биде откажана. Официјалните причини се тоа дека организаторите не успеале да одговорат и да ги усогласат сите барања за што подобро дефинирање на ова признание. Манифестацијата во последните неколку години доживеа комерцијализација и веројатно тоа беше причина да се одбираат „победници“ кои во основа и не ја пратеа еволуцијата на вистинскиот алпинизам...
„Златниот Цепин“ се сели во Аоста
2008 година носи промени во најзначајното признание во светот на алпинизмот - „Златен Цепин“. За прв пат после 16 години, манифестацијата која до сега се одржуваше во Франција, оваа година ќе се одржи во Италија - во областа Аоста. Ова признание во минатата година ги доживеа најголемите критики во однос на прогласувањето на лауреатите и многу видни светски алпинисти бараа промени - во однос на жирито, начинот на гласање итн, итн... Па еве - веројатно се почнува со нешто. |