Ви презентираме инспиративни достигнувања на странски и домашни алпинисти кои нé инспирираат да работиме и понатаму со уште поголем интензитет.
Во 2007...
Руско злато
Русите го избраа своето најдобро алпинистичко достигнување за оваа година. Првиот „Руски Златен Цепин“ од 13 номинирани го доби тимот кој го направи искачувањето на Западната страна на К2. На второ место беше избрано искачувањето на нова насока на Јану (Бабанов и Кофанов), а на трето место искачувањето на Шингу Чарпа (Деви, Кленов и Шабунин).
2 зимски обида на преку 8000м
Два мали тима – и двата составени од по еден италијански и еден пакистански алпинист, ќе се обидат да направат зимски искачувања на планини повисоки од 8000м во Каракорам. Симоне Моро и Шахин Баиг ќе го направат вториот обид за прво зимски искачување на Броад Пик (8047м), а Симоне Ла Тера и Мербан Карим ќе се обидат да направат прво зимско искачување на Нанга Парбат (8125м). Некои податоци за Моро и Баиг: на Броад Пик минатата година стигнаа до 7200м во првиот зимски обид на оваа планина (на фотката лево), Баиг се има качено на К2 и Гашербрум 2, а Моро е единствениот алпинист кој не е Полјак кој направил зимско искачување на планина повисока од 8000м – на Шишапангма во 2005год. Сите други 7 зимски искачување се направени од полски експедиции. Токму Полјаци минатата година направија зимски обид и на Нанга Парбат, каде оваа сезона Ла Тера и Карим ќе се обидат по Диамир страната...
Ново на Јану
На 21-ви Октомври, руските алпинисти Валери Бабанов (42) и Сергеј Кофанов (29), искачија нова насока на Јану(7710м) по северозападниот столб на оваа планина. Искачувањето траеше осум дена и беше направено во алпинистички стил. Оваа насока Валери се обиде да ја качи и во 2006 година, а обиди правеа и француски алпинисти во 1994 и 1998 година. Нова насока на оваа планина на 24-ти Септември во соло стил искачи и Шпанецот Жорди Тосас. На фотографијата црвената линија е насоката на Русите, а црната на Шпанецот.
Монт Блан порасна
Монт Блан поради многу тегнење за уши пораснал: за два метра. Од 4808,45мнв пораснал на 4810,9мнв. Исто така и се здебелил: во 2003 година (кога за прв пат се направени мерењата) имал 14600 кубни метри снег и мраз, во 2005 - 14300, а оваа година 24100 кубни метри. Генерално висината се должи на поголемата количина снег и мраз на планината, а тоа пак генерално се должи на обилните врнежи на влажен снег на висина од над 4000 метри...
К2 по северниот гребен
Поради лоши временски услови, Сергеј Самоилов и Денис Урубко се откажаа од нова насока на Северната Страна на К2, но на 2-ри Октомври се искачија преку Северниот Гребен – насока која беше искачена од голема јапонска експедиција во 1982 година. Тоа е веројатно прво искачување во алпинистичи стил на К2 – без употреба на фиксни јажиња и претходно наместени висински кампови. Оваа насока е многу ретко качувана и последен пат е качена во 1996 година, а последен пат искачување во есенска сезона на К2 е направено во 1978 година. Ова е навистина сериозно искачување и овие двајца алпинисти покажуваат дека работат совршено заедно – претходно во 2005 направија искачување во чист алпинистички стил на Броад Пик, а во 2006 на Манаслу. Црвената линја е насоката која сакаа да ја качат, а зелената - насоката која ја качија...
Нови насоки во Кина
7-члена финска експедиција направи искачувања на четири неискачени планини во Кина повисоки од 6000 метри. Сега планините имаат нови имиња: Мансе (6355м), Танг (6013м), Лацио (6045м) и Је Зи (6046м). Насоките по кои се искачени овие планини се со оцени од AD до TD- со должини до 950м. Велат има останати уште многу неискачени планини преку 6000м во тие масиви долги околу 2500 километри...
K2 од запад
На 21-ви Август, руска експедиција стигна до врвот на К2 искачувајќи ја Западната Страна на оваа планина. На почетокот тие рекоа дека нивни цели се: искачувањето да биде без дополнителен кислород, без помош од страна на дополнителни носачи и преку тоа искачување да се подобри кредибилитетот на спортот во Русија и да се добие престиж на нивната земја.
Нова насока во Индија
Џони Коп и Мика Даш искачија нова насока во брз, алпинистички стил на Тврдината Шафат (5852м) во Кашмир – Индија. Насоката се вика Колорадо (VII, A1, M6) и тие ја качувале четири дена – вклучувајќи ги тука двата дена поминати во шатор поради лоши услови. По само осум дена откако пристигнале во базниот логор на оваа планина тие преку оваа насока стигнале на врвот на 11-ти Август. Насоката оди преку 1100 метри високиот гранитен ѕид на западната страна на планината, а искачувањето беше спонзорирано од страна на Американскиот Алпинистички Клуб.
Нови насоки на Транго
Во средината на Јули, два руски тима направија нови насоки на огромната Северозападна Страна на Големата Транго Кула во Пакистан. На фотографијата – насоката од десната страна е долга 2000 метри и е искачена во период од четири дена – во горниот дел се приклучува на гребенот Азим и стигнува до под северо зпадниот врв кој е висок 6250 метри. Насоката на левата страна е искачена во период од единаесет дена. Оваа насока во 2003 година беше искачена до 100 метри под врвот од страна на украински алпинисти кои тогаш се повлекоа поради премор и недостаток на храна и гориво.
Нова насока во Пакистан
На 12-ти Јуни, Хималајските ветерани Јаник Грациани и Кристијан Тромсдорф од Франција, направија тешко првенствено искачување во чист алпинистички стил на до сега неискачената планина Пумари Чиш Јужен Врв (7350м) во Пакистан. Тие ја искачија јужната страна која е висока 2700м во период од четири и пол дена и се симнале по истата насока – комбинирано со симнување и околу 35 должини со абзелување. На оваа планина Тромсдорф имаше 2 обида во 2003 година, а во 1999 и 2000 година свои обиди имале и Џули Ен Клима и Роџер Пеин. Во првиот обид биле удрени од три лавини на третиот висински камп, а во лавината која ги фатила во вториот обид (при враќање поради невреме) Џули била затрупана на нејзиното сидриште, но и двајцата поминале без повреди.
Еверест и К2
Велат „редици се редат“: на 16-ти Мај по јужната нормална насока на Еверест се искачија 27 луѓе и при тоа загинаа тројца (двајца Корејци и еден Јапонец). Од друга страна на К2, 4 различни тима се подготвуваат за нови насоки на 3 разлчини страни на планината. По западната страна ќе се обидат голем руски тим (16 алпинисти) и мал полско-словачки тим: Петер Хамор, Додо Кополд и Пјотр Моровски. Овој мал тим има големи идеали – без носачи, минимум фиксни јажиња и без кислород. Планираната насока е со црвената линија на фотката. На малку познатата северна страна свој обид ќе направат Казакстанците Денис Урубко и Сергеј Самоилов, а на јужната страна Американците Бил Пирсон и Фабрицио Зангрили...
Во спомен на Лара Келог
Тажна новост: Лара Карена Келог (38) загина абзелувајќи од Монт Вејк на Аљаска на 23-ти Април. Се претпоставува дека барајќи место за поставување на следното сидриште, таа не увидела дека стигнала до крајот на јажето и паднала околу 300 метри надолу до глечерот… Во тој период нејзиниот сопруг Чед Келог заедно со други двајца американски алпинисти искачи нова насока на до тогаш неименувана планина висока околу 5700м во Кина – како аклиматизација за нова насока на Монт Шигунианг (6250м). Насоката ја именувале „Американски Стандард“, ја качувале во период од три дена и на врвот застанале на 18-ти Април. Откако се симнале во базниот логор, до нив стигнала веста за Лара по што веднаш се упатиле назад дома. Планината ја именувале Лара Шан…
Две нови насоки во Тибет
Британците Мик Фаулер и Пол Рамсден го направија првото искачување на Менемчо (6264м) во Тибет. Насоката го следи Северо-западниот гребен во период од седум дена (во двата правци) и е со тежина TD. Стив Барнс и Јан Кортрајт направија прво искачување на неименувана планина висока 5935 метри – во истиот регион. Ова искачување траело 4 дена и е со тежина AD. На фотографијата е Манемчо, а гребенот кој е искачен е на десната страна на планината.
Двојно пречење на Монт Еверест
Дејвид Тејт е Англичанец кој има намера да направи за прв пат двојно пречење на Монт Еверест. Тој веќе се има искачено на највисоката планина во 2005 година и тогаш толку му се допаднало искуството што овој пат сака тоа да го направи 2 пати во една сезона. Поточно, тој ќе се обиде најпрвин да се искачи на врвот од Северната – Тибетската страна, а од врвот да се симне во базниот логор на Јужната т.е. Непалската Страна. Потоа ако временските и здравствените услови бидат ОК, тој ќе се обиде да се врати назад – Од овој базен логор, преку врвот кон базниот логор во Тибет...
Грантови, грантови...
Американскиот Алпинистички Клуб врвниот алпинизам го спонзорира преку разни грантови. Оваа година од два од тие грантови поделени се 18 илјади долари за 9 тима – експедиции: Британците Дејвид Нодингс, Ејд Џеб и Мика Деш за нивниот обид за искачување во слободен стил на карпестата пирамида Доџиценга (5700м) во Тибет; Скот Декапио и Кели Кордс за обид на неискачениот Западен Врв на К7 (6858м) во Пакистан; Џони Коп и Мајкл Пенингс за искачување во алпинистички стил на еден огромна карпа во Кашмир, Индија; Канаѓаните Кори Ричардс, Имон Волш и Дана Руди за обид на неискачената Југоисточната Страна на Хуанцан (6369м) во Кордилера Бланка во Перу; Дејв Тарнер за соло обид на Серо Ескудо во Патагонија по првенствена насока, Џош Вартон и Бин Бауерс за обид на Северниот Гребен на Латок 1 (7145м) во Пакистан, Џесика Дрис и Ерик Вортон за обид за нова насока на Гренланд, Џо Парјер и Чад Келог за обид за нова насока на Монт Шигунианг во Кина и Џон Саливен и Лиу Јонг за обид за искачување на неискачени планини повисоки од 5000 метри во долината Бипенг во Кина.
Градоначалникот на Прага ќе се обиде на Еверест
Павел Бем, градоначалникот на Прага, после неколку дискусии доби дозвола за 2-месечен неплатен одмор од страна на градскиот совет. Причината е неговото учество во експедицијата на Еверест во која ќе биде заедно со уште пет алпинисти од Чешка и Словачка. И покрај критиките за оваа одлука, дури и од страна на претседателот, неговите подржувачи велат дека со тоа тој само ќе помогне во промоцијата на Прага - што е една од неговите задачи...
Ново неверојатно соло на Ули Штек...
Ули Штек го направи најбрзото искачување по Северната Страна на Ајгер – 3 часа и 54 минути. Стариот рекорд беше 4 часа и 41 минута. Ули е во сериозни подготовки за неговиот ултра сериозен проект – соло искачување на Јужната страна на Анапурна – без употреба на дополнителен кислород и во чист алпинистички стил. Страната се издигнува 3000 метри во вертикала, а тој сака да ја следи насоката започната во 1992 година од Пјер Бегин и Кристоф Лафаил кои поради лоши временски услови се повлекоа на висина од 7500 мнв. Неговата експедиција ќе се одвива во Април и Мај.
Зоран М. второ место на фотоконкурсот
Македонскиот алпинист, Зоран Мајсторски, го освои второто место на фотоконкурсот за 2006 година на бугарскиот сајт climbingguidebg.com. Добитниците беа објавени на 22-ри Февруари. Тој наградата ја освои во категоријата „Природа“ за својата фотографија „Пат Кожуф“ која и ви ја претставуваме. Фотографиите на Зоран, често медиумите ги користат за презентирање на активностите на македонските алпинисти. Исто така, тој во последниов период работи на средување на локалитетот Плоча – Пилав Тепе покрај родниот Радовиш, па се надеваме на скора промоција на некој табор. Освен за врвен алпинизам, нé бива и за уметност... Честитки!!!
Три нови жртви
Тројца Полски алпинисти се пронајдени загинати во подножјето на Северната Страна на Матерхорн на 9-ти Февруари. Има многу претпоставки околу причината за нивната смрт и текот на искачувањето, а исто толку и пишувања од тамошните медиуми (поради краткиот период по загинувањето на тројцата Бугарски алпинисти) дека треба да се воведе некаква селекција на кандидатите за искачувањето на оваа страна...
Трагична вест од Матерхорн
Бугарските алпинисти Иван Ненков (27), Филип Жазмати (29) и Тихомир Стојанов (24) загинаа при обидот да направат зимско искачување на Северната Страна на Матерхорн (4478м) - која се издигнува 1100 метри во вертикала. Тие почнале да качуваат на 26-ти Јануари (Петок), а во Саботата околу 19 часот се јавиле по телефон во Бугарија да кажат дека се некаде околу 100 метри под бивакот Солвеј (4003м) кој се наоѓа на Швајцарскиот Гребен. Веселина Шишкова која ги чекала во Цермат, откако немала контакт со нив ги известила локалните спасувачки екипи кои ги пронашле телата... (climbingguidebg.com)
Возбудлива најава
Изјава на Денис Урубко за russianclimb.com: „Благодарение не моите искачувања во Хималаите и Каракорум во изминатите години се здобив со многу корисни искуства. Заедно со мојот пријател Сергеј Самоилов направивме искачувања во чист алпинистички стил на планини повисоки од 8000 метри и тоа по нови насоки – на Броад Пик и Манаслу. Оваа година се подготвуваме за искачување на К2 во ист стил и секако по нова насока. Ова искачување може да биде многу сериозно спортско достигнување и ние се подготвуваме со силно темпо.“ Шерпасите во „дрим-тим“ за својата чест
Двајцата Шерпаси кои имаат свои рекорди поврзани со искачувањето на Еверест, Апа Шерпа и Лакпа Гелу Шерпа, ќе направат заедничко искачување во пролетната сезона оваа година. Апа Шерпа го држи рекордот за најмногу искачувања на Еверест – вкупно 16, а Лакпа за најбрзото искачување од Базниот Логор до врвот - за 10 часа 56 минути и 46 секунди. Инаку Лакпа има направено 12 искачувања до сега, па ако двајцата застанат на врвот двајцата заедно ќе направат 30 искачувања на Еверест. Тие со ова искачување сакаат да го свртат вниманието на јавноста кон Шерпасите – да потсетат и укажат на големото значење на овие луѓе од самиот почеток на експедиционизмот во Непал кои секогаш остануваат запоставени и заборавени.
Повлекување од Нанга Парбат
Полската експедиција која имаше цел да направи прво искачување на Нанга Парбат (8125м) во зимски услови, донесе одлука за повлекување од планината и идејата. Причина за одлуката се лошите услови на планината и лошите временски услови. На 11-ти Јануари тие го поставија третиот висински логор на висина од 6800мнв. Температурите во базниот логор се движеле околу –30 степени Целзиусови, а во вториот висински логор (6150мнв) околу –25 степени (во снежна јама ископана како бивак). Планини (повисоки од 8000мнв) на кои нема зимски искачувања: Нанга Парбат, Броад Пик, Макалу, К2, Гашербрум 1 и 2.
Нова насока на Антарктикот
После 13 години по првото искачување на Улветана (2931м), Норвешки тим се врати на Антарктикот и искачи нова насока по ветикалната Северна Страна на оваа прекрасна гранитна игла. Роберт Касперсен и Ивар Толефсен (кои беа учесници во искачувањето во 1994 година) заедно со Стеин-Ивар Гравдал и Тронд Хилде по 1000 метри високата страна се качувале од 5-ти до 20-ти Ноември. Насоката има 21 должина со многу тешко (А4) техничко качување во долниот дел и осум должини со тежини до VI во горниот дел од насоката. Тимот имал направено три кампови со висечки полици на карпата и базен логор во подножјето. Касперсен во е-маил напишал дека температурите биле во просек околу –20 степени Целзиусови. По ова тие искачиле и други шест планини (за кои веруваат дека се први искачувања).
Соло во зимски услови на Пиц Бадиле
Италијанскиот алпинист Фабио Валсечини го направи првото соло искачување во зимски услови на Северо-источната Страна на Пиц Бадиле (3308м) која се наоѓа на границата помеѓу Швајцарија и Италија. Оваа страна е една од т.н. „шест големи северни страни“ на Алпите, на која првото искачување го направи екипа водена од познатиот италијански алпинист Рикардо Касин во 1937 година. Валсечини ја искачил насоката „Насока на Браќата“ (VI, A2) која е искачена во зимата 1970 година. Почнал да качува утрото на 26-ти Декември, а на врвот бил попладнето на 31-ви Декември минатата година, каде бивакувал по шести пат. За симнување било лесно - загрижените пријатели му испратиле хелихоптер. На сликата лево прикажани се дел од насоките на оваа 1000 метри висока страна: 1)Британска насока, 2)Насока на Браќата, 3)Насока на Касин, 4)Белата Линија, 5)Уште еден ден во Рајот, 6)Недојдија...
Промени во пристапот во Патагонија
Во северниот дел на Националниот Парк Лос Глациарес во Патагонија, каде се наоѓаат познатите Фицрој и Серо Торе има неколку нови правила - за пристап кон овие делови и масиви. Поради зголеменоста на бројот на посетители – од неколку стотина во 80-тите години од минатиот век па сé до 45000 посетители во 2005 година, почнувајќи од Септември 2007 година стапуваат во сила неколку нови правила т.е.
- нема да смеат да се употребуваат коњи за транспортирање на опорема и храна по патеките кои одат кон Фицрој и Серо Торе, домот „Кампо де Агостини“ и домовите околу базните логори ќе бидат целосно срушени и нема да се дозволува поставување ништо друго освен шатор, се препорачува да не се престојува во долг временски период во паркот (на пример чекање на добро време) и слични работи - со цел заштита на природата и паркот од понатамошно загадување... |