Други поглавја:

- почетокот;

- 1924;

- 8-ми Јуни 1924;

- 1933 и 1979 (со фотка од поважните точки од оваа приказна);

- теорија на Холцел;

- 1999;

- заклучоци...

 

Дома

Мистеријата на Мелори и Ирвин

1999 – Истражувачка Експедиција за Мелори и Ирвин

14-члена експедиција со три цели: прво, да се направи реконструкција колку е тоа можно подобро на искачувањето од 1924; второ, со помош на детектори на метал да се пребаруваат горните северни падини и северниот гребен со цел да се најдат телата и нивните камери и трето, член на експедицијата слободно да се качи по Втората Скала и да ја оцени нејзината техничка тежина со цел да се одреди дали Мелори и Ирвин можеле тоа да го направат.

На 1-ви Мај тим составен од Конрад Анкер, Дејв Хан, Џејк Нортон, Том Полард, Тед Ричардс и Едни Полиц тргнуваат од 5-тиот висински логор. Полард сепак по кратко време морал да се врати поради проблеми со кислородниот систем, а Полиц се упатил кон местото од кое Одел во 1924 го набљудувал искачувањето на Мелори и Ирвин – тука се потврдува мислењето дека Скалите од тоа место се чисти и добро видливи форми и дека Одел навистина ги видел Мелори и Ирвин НАД Втората Скала, но под притисок од јавноста и расправиите го сменил исказот дека ги видел на Првата Скала...

Во 10:45 часот Нортон по радио-станица ја известува базата дека пронашле стара боца со кислород со бледа сина боја – какви што користеле Кинезите во 1975 година и тоа бил добар знак дека се на патеката по која се движела оваа експедиција чии членови тврделе дека пронашле „тела на Англичани“. Потоа во базата стигнуваат информации кои звучат како висинскиот тим да минува низ гробишта: тимот пронаоѓа шест тела распределени по овој дел кој е како магнет за сé и секој кој поднал од местото каде е откриен цепинот на Ирвин (околу Првата Скала)...

Еден час подоцна – околу 11:45 часот, Анкер здогледал „некакво бело парче – побело од карпите и снегот наоколу“. Тоа било тело со бела памучна и свилена долна облека, волнена облека и многу стари кожнени чевли. Според претходните теории, тимот помислил дека тоа е толото на Ирвин, но Џејк Нортон пронашол ознака со впишано име – “ G. Leigh-Ma…” . Телото на Мелори. Тоа не беше Ирвин, туку лично човекот кој бил водечка личност во Хималаизмот во 20-тите години на минатиот век и човек чие име ќе остане вечно поврзано со Монт Еверест. Позицијата на телото покажува дека до последен момент се борел да го запре падот/лизгањето – свртен на стомак со поглед кон снегот, рацете испружени нагоре, а прстите излезени од искинатите волнени ракавици и забиени во камењата. Падот бил фатален, а преживувањето со тешки повреди на целата десна страна на телото, на таква височина – невозможно.

Тимот во неговите џебови пронашол висинометар, ноже и очила. Но не го пронашле најважното – неговата камера. Со дозвола на семејството земени се делови за ДНК – анализа, за потврдување на идентитетот... Шеснаесет дена подоцна во новонаврнатиот снег, покрај телото пристигнале Полиц и Полард кои со детектори за метал пронашле и други лични предмети – вклучувајќи го и часовникот, но не и камерата. Тие го погребале телото на тоа место и си заминале.
 
Copyright © 2005 Alpinizam.org