Текст од хрватскиот алпинист Стипе Божиќ за последните денови од експедицијата на Еверест во 1989 година кога заедно со Димитар Илиевски - Мурато се искачува на врвот...
10-ти Мај 1989 година
Нема потажен момент за хималајците од оној кога треба да излезат од топла вреќа и да започнат да се подготвуваат за искачувањето. Станавме во еден часот по полноќ на 10-ти Мај и почнавме да топиме снег за чај. Потребно е да се пијат многу течности на Хималаите – најмалку три пати повеќе отколку во долините... Движењата ни беа успорени, а требаше многу работи да направиме: да го подготвиме кислородот, да се облечеме, да ставиме опрема... Ранецот ми тежеше повеќе од 20кг поради тоа што имав две боци со кислород, 16-милиметарска камера, 3 филма, 2 фотоапарата и малку чоколадо и бонбони. Прв по падината над јужното седло почна да се качува Вики Грошељ. По стотина метри го презедов водството, а ме следа Вики, Димитар Илиевски и Шерпасите Сонам и Агива. Борче Јовчевски остана во 4-тиот логор поради тоа што не се чувствиваше добро. На почетокот снегот беше добар, но бавно напредувавме по стрмната падина. Не бевме наврзани и секој качуваше сам за себе – тоа беше најбрзо и најсигурно за целата група. Сите бевме искусни Хималајци, вклучувајќи го тука и Илиевски кој како член на Македонска експедиција во 1986 година учествуваше во качувањето на Манаслу. Сонам и Агива веќе се имаа качено на Еверест, па во случај на успех ова ќе беше нивно второ искачување исто како и на мене.
...На гребенот под јужниот врв стигнавме дури околу два часот на пладне. Од таму имавме величенствен поглед кон врвовите Макалу(8481м) и Кангченџунга(8596м). Тибет се гледаше како на дланка. Уште само 400 метри до врвот. Снегот беше длабок до колена и требаше малку повеќе да запнеме... Ме изненади стрмнината поради тоа што од оваа стграна на планината очекував полесен терен. По околу 200 метри – „издишав“. Водството го превзеде Илиевски и така покажа дека е вистински Хималаец – рамен на останатите. По 50-тина метри на сцена дојдоа Шерпасите кои ја пробиваа патеката до јужниот врв (8748м). Токму тука ми снема кислород, а Сонам веднаш ми ја понуди својата резервна боца. Од јужниот врв последните 100м до врвот на Еверест немаше длабок снег, туку само остар назабен дел наречен Hillary Step ( Скала на Хилари). Кога некако успеав да се качам на таа дваесет метри висока карпа си помислив „Еве сега ќе биде и врвот!“ Но кога се качив на неа, видов друг повисок дел. И така неколку пати, сé додека не го видов Сонам како возбудено ми мавта. Ми останаа уште 50-тина метри до него. Бев возбуден и скоро и да заплакав.
По 10 години повторно бев на врвот! Последните 10 метри скоро ги поминав во спринт. Ме дочека широката прегратка на Сонам.
На врвот сме?
На највисокиот на светот! Далматинец. По втор пат! На никој друг Европјанин не му успеало тоа досега – да се качи на врвот преку два гребена: западниот и јужниот. Го здогледав Вики на јужниот врв – 100 метри под нас, како оди бавно поради тоа што му снемало кислород. Веќе е 17:30 часот. Доцна е, но пресреќни сме. Стигнуваат и Агива и Илиевски. Сите се прегрнуваме. Убаво е на врвот, но студено. Се обидувам да снимам нешто со мојата камера, но таа едвај се движи. Сликав неколку фотографии, се обидов да го сменам филмот, но голите раце почнаа да ми смрзнуваат. Се откажав – требаше да бегаме.
-Диме, одиме надолу!- му реков. –Одиме- ми возврати Диме на македонски.
Не можеме да му помогнеме на Грошељ – ќе го испушти и овој врв, си помислив. Ја извадив празната боца и ја оставив на врвот. Во тој момент на снегот забележав рачен часовник – Денг Јуе беше испишано на него. Го ставив во џеб и тргнав по Диме. Диме се симнуваше брзо. За Шерпасите и да не зборувам. Нив им се брзаше, па не се ни фотографираа. Грошељ го сретнав на врвот на Хилари Степ.
-Касно е и наскоро ќе падне мрак- му реков. –Ќе се обидам да се качам. Уште малку имам. –Но Вики, мислам дека тоа не е паметно. Касно е. – Знам, но што да правам кога сум толку блиску.
Диме продолжи. Не можев да го следам.
-Диме, чекај ме! – му довикнав поради тоа што сакав да бидам со некого. Ме почека на јужниот врв, ми помогна да ја поправам ламбата и повторно го снема. Едноставно не можев да го следам.
-Диме, чекај ме! – повикав уште еднаш.
Не ме слушна. Последен пат го видов на местото каде требаше да се премине гребенот и да почне да се симнува по стрмниот мраз кон јужното седло. Имав проблеми со челната ламба. Одамна веќе беше мрак. Со познатите потези со дерезите и цепините почнав да се симнувам... Не знам колку време помина кога одеднаш од страна здогледав светлина од челна ламба.
-Диме, каде си? – извикав.
-Не сум јас Диме, туку Вики- го служнав гласот на Вики.
-Вики! А каде е Диме?
-Не знам. Не сум го видел. Што се случило со него? – ме запраша Вики.
Не можев да одговорам. Продолживме да се спуштаме заедно, но по некое време заклучив дека сум повторно сам... Одеднаш кога помислив дека шаторот на јужното седло веќе не е далеку и дека стрмнината станува поблага, се лизнав и летнав надолу. Над мене ѕвездите хаотично се вртеа и си помислив дека е готово со мене, чекајќи го последниот удар. Но за чудо, приземјив на благ терен и сé се смири. Останав цел...
Грошељ и Борче ме дочекаа со чај. Бев спасен. Но, каде е Диме?
-Каде е Диме? – ги запрашав пријателите. – Не дојде- одговори поодморениот Борче.
Кај Димитар Илиевски – Диме остана и нашата радиостаница, така што не можевме да се јавиме во базата. Немаше друго освен да чекаме... |