Текст од хрватскиот алпинист Стипе Божиќ за последните денови од експедицијата на Еверест во 1989 година кога заедно со Димитар Илиевски - Мурато се искачува на врвот...
11-ти Мај 1989 година
Денот беше ветровит. Диме не се врати. Вики беше премногу изморен и требаше што побрзо да се симне пониско. Борче имаше проблеми со нозете, па и тој мораше да се симнува. Одлучив да останам уште еден ден на јужното седло. Во случај ако се појави Диме, би му бил од голема помош. Борче пред да замине во шатор ми донесе боца со кислород, за да не се исцрпам целосно.
Вики и Борче во 3-тиот логор го сретнале Шерпа Даву, но тој немал радио со него. За среќа таму пристигнале Американците и со нивната радио-станица ја известил базата за лошата вест. Водачот Јован Попоски веднаш му наредил на Даву да ја однесе американската станица кај мене на јужното седло, поради тоа што во тој момент најважно беше да имаат врска со мене. Дава на почетокот негодувал, но на крај попуштил и во 12 часот се појави на вратата на мојот шатор на јужното седло.
-Сахиб, ви донесов радио.
Се напи чај и веднаш исчезна надолу. Се јавив по станицата.
-Стипе од јужното седло ја повикува базата. – зборев на англиски, поради тоа што знаев дека ме слушаат и во американскиот логор.
-Овде Боб Рејнолдс. Здраво Стипи, како се чувствуваш?
-Добро Боб, добар сум. Го чекам пријателот кој е изгубен.
-Сите слушнавме. Жал ни е. Честитки во секој случај на искачувањето. Имаш ли доволно храна и гориво? Ако немаш, можеш да земеш од нашите оставени таму.
-Фала Боб, но имам сé доволно.
-ОК момче. Ние сме постојано на врска – цел ден и ноќ. Ако нешто ти притреба, само јави се.
-Фала Боб. Сега ќе изгаснам за да штедам батерии, а ќе се јавам по потреба.
Ветер силно удираше во страната на шаторот. Радиото стана тивко. Убаво е да имаш пријатели. На одредени периоди го отварав патентот на шаторот за да не го видам диме случајно... Изгубив надеж. Следното утро повторно ја вклучив станицата.
-Боб, Стипе овде. Нема надеж за Диме. Се симнувам.
-Здрави Стипи. Овде има неколку твои другари. Сакаат да позборуваат со тебе.
-Ајде.
-Здраво Стипе. Горазд овде. Нема ли надеж?
-За жал, нема.
-Што можело да се случи?-ме запраша Горазд.
-Веројатно продолжил по гребенот кон источната страна- му одговорив.
-Добро, постои ли можност да се спушти во глечерот и да преживее? На некои им успеало. Се јавиле по 15 деналутање низ Тибет. – Би сакал да е така Горазде, но има малку шанси за пронаоѓање премин низ стрмната карпа над Кангсунг глечерот.
-Добр Стипе, сами внимавај на симнувањето и врати се побрзо. На сите ни е тешко... |