Текст од хрватскиот алпинист Стипе Божиќ за последните денови од експедицијата на Еверест во 1989 година кога заедно со Димитар Илиевски - Мурато се искачува на врвот...
Приклучување на Македонската експедиција
7 Мај - меѓу сераците – се надевам за последен пат. Со нас се Шерпасите Сонам и Агива кои ги следеа Македонците до врвот. Времето не е толку лошо, барем не сабајлево. Сега патот низ глечерот е во загрижувачка состојба и се надевам дека ништо нема да се сруши додека сме ние таму. Шерпасите не се воопшто загрижени. Ќе биде што ќе биде – нема корист човек да биде загрижен за нешто што ќе се случи без да сакаме.
Ми беше полесно кога стигнав на крајот на глечерот каде се наоѓаше нашиот прв висински логор. Сваривме чај, го испивме заедно со Шерпасите и се упативме кон „двојката“ каде не чекаа Илиевски и Јовчевски. Патот беше лесен и заштитен од ветер од планините кои се издигнуваа над него – Еверест, Лотце и Нупце. Логорот беше под западната страна на Лотце преку која продолжуваше патот кон јужното седло кое ги одвојува Еверест и Лотце. Македонските алпинисти срдечно не пречекаа и беа очигледно среќни за престојното заедничко искачување на највисоката планина во светот. Нашето искуство им го подигна моралот. Не пречекаа со одличен ручек. На менито имаа одлична храна која ја набавиле од Бугарија...
Во ноќта не разбуди викање – тоа беше Марк Батард. Тој беше Французин кој сакаше да сруши уште еден рекорд на Еверест. Првиот пат се качи на Еверест за 16 часа. Викаше покрај нашите шатори и ги довикуваше своите Шерпаси. Му возвратив дека го промашил шаторот и веднаш отрча 20-тина метри подалеку и таму повторно почна да вика. Времето не беше за рекорди...
Од вториот логор немаше потреба да се тргне многу рано. Иако западната страна на Лотце преку која требаше да одиме е стрмна, не е претерано опасна. Мразот беше мазен и светкаше на сонцето. Беше невозможно да се качува без дерези на нозете и цепини во рацете. Додека минувавме преку јужниот гребен на Нупце ветерот се засилуваше. Позади нас одеа и други алпинисти од други експедиции рачунајќи веројатно на нашето искуство. Како што одевме повисоко, така ветерот стануваше сé посилен. Рацете и нозете ми трпнеа, а јажињата се замрзнуваа и беше тешко да се работи со нив. Џеј сигерс прв почна да се враќа назад. За него иако беше од Алјаска беше премногу ладно и ветровито. Набрзо по него почна да се враќа и Белгиецот Карл Хај Берехт, а потоа и неговиот Шерпас. И на Шерпасите им беше студено. |