
|
Иван Жежовски
Иван Жежовски е една од најпознатите личности во светот на планинските спортови во нашата земја. Жежо, како што сите го знаеме, го посветува својот живот на спелеологијата и е еден од најзаслужните за популаризацијата на оваа активност во пошироката јавност, за постигнатиот висок квалитет во истражувањата и за промоцијата на подземните убавини на Македонија во светски рамки.
Потребата да ги истражува пештерите и другите форми под земјата, започнува пред повеќе од 40 години кога тој станува член на Спелеолошкото Друштво „Пеони“ во 1965 година. Во разговорот тој ми спомена дека барем една година претходно, заедно со своите другари на своја рака истражувале пештерски простори во Рашче и на Матка, при тоа имајќи интересни авантури „благодарение“ на нивното недоволно или никакво искуство. Како на пример губењето во тесните лавиринти во пештерата во Рашче низ кои се поминува само со ползење низ каллив терен... „Пеони“ благодарение на неговата, но секако и на неговите колеги, љубов и посветеност, денес е силна институција во планинските спортови, а Жежо останува сé уште многу активен инспиратор на уште посериозни истражувања.
Повод за мојата средба со него беше потребата да слушнам за неговата инволвираност и во алпинизмот. Претходно имав само слушнато, а не дослушнато за тоа што тој качувал, па сакав тоа да биде „од прва рака“.
Жежо ми спомена дека во 1967-68 година тој е претставник на „Пеони“ на курсот по алпинизам на Матка во организација на тогашниот Алпинистички Отсек на Град Скопје. Тој ја потенцира потребата на спелеолозите за учење на техниките и од алпинизмот, па така и денес младите членови на „Пеони“ минуваат обука организирана на алпинистички табори.
На тој табор под водство на искусни алпинисти како Владимир Андреевски – Пајо и Јован Ангелов – Циго, тој станува полека инволвиран и во светот на вертикалите над земјата.
На тој табор, се присетува Жежо, тие почнале да ги учат основите на вежбалиштата во близина на манастирот Св. Никола (Камините) и излезот на Новогодишен – околу терасите денес лево од „Гуштеров лет“... Подоцна секако следуваат искачувања на долги насоки, како „АПБ“, „Чељо“, „Борник“, „Нина“...
Тој се присети исто и на искачувањето со Пајо на „Отмар“ преку „Варијанта 1“. „Варијанта 1“ е всушност искачување преку „Ветерански“ до висина некаде на првото сидриште на „Отмар“ (кај дрвото), а потоа пречење во лево кон тоа сидриште. Тогаш Пајо кој го водел до таму искачувањето, му дал шанса тој да продолжи да ја води насоката – преку превисите и му останал тој момент во сеќавање како момент на оддавање доверба од поискусниот алпинист...
Исто така ми спомена и на моментите на качување со Циго, за кого зборуваше со голема почит. Тој најмногу всушност работел со него на техниките на качување, обезбедување, извлекување... Тие техники ги вежбале на плочата што е пред влезната порта на манастирот Св. Андреа (и ресторанот на езерото) и на превисните делови пред таа плоча – во кои денес се гледаат зарѓани стари клинови.
Полека Жежо почнува да истражува и самиот – дотогаш неискачени карпи и нови насоки. Жежова Централа е карпата која денес ги има некои од потешките кратки насоки на цела Матка. Таа се наоѓа во непосредна близина на хидро-централата, на 100-тина метри нагоре по патеката кон Св. Никола. Тука тој искачува насока на десната страна од оваа карпа, која полека станува популарна и кај другите алпинисти. На Отмарова Карпа пак, Жежо е дел од тимот кој ја отвара една од поубавите линии овде. Најпрво заедно со Борче Даниловски, а потоа со Жарко Гостовиќ ја искачуваат насоката „Четири клина“. Ми беше интересна приказната околу името на насоката. Имено во тој период Жежо се присетува, тие имале голем проблем со снабдување со алпинистички клинови. Насоката е искачена во неколку наврати и при тоа тие секој пат во неа влегувале со по 4 клина на располагање...
Други првенствени насоки на Матка во кои тој има учествувано се и „Љиљак“ (техничка насока искачена со Климент Ботунков), „Спелеолошки“ (насока која се наоѓа на карпата над К1, К2 насоките искачена заедно со Жарко Гостовиќ, Драган Ангелов и Борче Даниловски), „Циго“ во долниот дел (до сидриштетото со кутијата) заедно со Јован Попоски... Покрај овие искачувања на Матка, Жежо прави искачувања и на Демир Капија, на карпите околу врвот на Китка, но и надвор од Македонија како на пример искачувања во Доломитите заедно со Жарко Гостовиќ и во Словенија заедно со Јован Ангелов-Циго, Јован Попоски и Жарко Г.
Покрај искачувањата на карпа, членовите на Спелеолошкото Друштво Пеони, се активни и на експедициски план. Имено тие ги прават првите македонски експедиции на Арарат (Жежо, Неделков Лазар и Јовица Гроздановски) и Демавенд во кои на врвот на двете планини се искачува Јовица Гроздановски, а освен во тие Жежо учествува и во искачување на Матерхорн и во експедицијата на Андите во 1982 година. За таа цел, како што кажува Жежо, тие учествуваат на соодветни табори и подготовки (зимски искачувања) на македонските планини како Љуботен, Солунска Глава, Караџица...
Прекрасни искуства – а посебно за мене најинтересни, искачувањата на домашните локалитети, полни со истражувачка енергија. Приметувам дека всушност имам потреба да разговарам со постарите алпинисти од две причини. Прво си мислев дека само сакам да си ја направам „поцелосна“ сликата за Матка и/или некој друг наш локалитет - на пример кој со кого и кога ја качил некоја насока... Меѓутоа почнувам да согледувам и друга причина и тоа можеби поважна за мене. Колку нивните истражувања и искачувања биле силни ми покажува енергијата која се создава кога ми раскажуваат за тие денови. Тоа е енергија која инспирира, ми ги отвара очите, ми носи насмевка, ме тера веднаш потоа да одам да качувам, откривам, истражувам... Комичи, Бонати, Касин, Ребуфа – сé е тоа убаво... Меѓутоа јас инспирацијата ја добивам од нашите – Циго, Пајо, Јове, Жац, Жежо, Екстреме, Боби, Борче, Франго, Панче, Мурато... Тоа се Моите Херои!
- Игор Т. (13.07.2009г.) |
|