Партнери:

 

На оваа тема:

- „Тајниот премин“ (VI, 7м), Камена баба (Април/2011);

- „Пинки“ (VI-, 35м), Камена баба (Април/2011);

- „Убаини“ (V, 30м), Камена баба (Март/2011);

- Во чист стил, најава на планирани акции (Март/2011);

- Битолчанине (Март/2011);

- „Убава“ на Трескавец (Јуни/2010);

- „Ајкула“ на Плетвар(Мај/2009);

- „Кривиот оџак“ и „Античка стрела“ (Февруари/2009)

Share

Kaмена Баба - во чист стил

- 27.04.2011г., Игор Т.

Пишчанец, Василица, Тајниот премин, Дервен...

Ако се сеќавате после нашата последна посета на Камена баба, кога ја искачивме „Пинки“, реков дека фабулозната „Пишчанец“ при нашата следна посета, би сакале да ја пробаме како прва насока. Стилот во кој ги качуваме линиите на оваа карпа е „максимално заглавувачки“. Секогаш покрај поставениот чок или френд за обезбедување, имаме потреба дополнително добро да бутнеме и по некој екстремитет во пукнатините кои ги следиме и тоа резултира со гребаници. Уште во првите неколку метри. Оваа линија сепак заслужува целосно внимание и сакавме да ја пробаме прва - целосно фит и без повреди. Поради тоа што е многу убава. Едноставно само поради тоа и ништи друго. Не е важно со која техничка тежина е, таква пукнатина заслужува да биде посакувана и качувана и да е III-ка и да е CIII-ка. Како изрезбана во средината на мазните плочи - повикува.

И така, овој пат веднаш тргнавме кон нејзе. Ги игнориравме другите постоечки насоки и неискачени линии наоколу кои надвиснуваат од сите страни и како да викаат „Мене, мене...“. По стандардното редење на редениците, поглед кон горе, претпоставки за можни решенија од долу - тргнав. Логиката ми велеше дека пукнатината би требало да се пристапи од лево преку еден блок одвоен од карпата со широка пукнатина во која поставив голем френд кој требаше да спречи пад до земја при обидот да се префрлам десно во пукнатината. Имав видено и фотографии од тој момент од првите качувачи - тоа Битолчаните од СКК Вертикал... Ми беше речено и дека на мене, демек повисок - ќе ми било полесно. Се заглавив во пукнатината, поставив френд, се извлеков нагоре и пред мене едноставно се издигна голема, мазна зелена плоча, а пукнатината од тоа место ми бегаше можеби еден и пол метар во десно. А стоев скоро до работ на тој блок. Горе на плочата не можев да најдам некое изводливо решение. Ментална блокада... Се свртев во секој можен правец со телото, но ја доживував пукнатината како да ми бега. И можам вака сега до бесвест на темава да пишувам - крајниот резултат е 0:4 за „Пишчанец“. Јас имав три обида и Весна еден - неуспешни... Горан К. - тоа Битолчанецот беше на болдеринг во тој период и кога си одеше ние ја качувавме „Василица“, па си имавме еден довикувачки разговор во кој уште тогаш му кажав дека сум сигурен дека покрај имагинацијата и храброста кои се многу потребни за изведување на тој/тие потези за да се влезе во пукнатината - сабајлето сигурно се напил и некое „волшебно“ чајче. Шала на страна, дефинитивно влезот во оваа пукнатина целосно ја манифестира моќта на чистиот стил на качување.

И како што напишав погоре - со свиткан опаш, тргнавме кон „Василица“.

Тоа е првата насока за која слушнав кога прв пат и воопшто слушнав за оваа карпа. После толку насоки на западната страна, решивме да пробаме и нешто на источната, каде и таа се наоѓа. Многу убава насока со интересни движења!

Прв пат искачена од Крунослав Аџиевски и Бојан Митковски од АК Матка од Скопје, „Василица“ е многу логична линија која следи широк спектар на пукнатини - од тие со широчина колку само да влезат прсти, до тие во кои влегуваш со целото тело и едвај можеш да ја свртиш главата поради тоа што пукнатината е поширока за само милиметар од шлемот... До самиот крај! Многу убави движења и многу убави проблеми. Ја поминавме целосно слободно и чисто. Од аспект на техничка тежина мислам дека оцената е некаде најмногу VI+, а од аспект на обезбедување во тој стил - има многу голем избор и сите точки релативно лесно се поставуваат и покрај тежината, па таа е многу безбедна. Со оглед на тоа што се качуваат најмалку два големи превиси/тавани, а ние качувавме со едно јаже, направив две сидришта плашејќи дека би имал триење на јажето при водењето.

Следниот ден...

Истражувавме... Поширокото опкружување на Камена баба ни е многу мистично. Покрај очигледното археолошко ископување под западната страна на карпата, на сите страни има очигледни знаци на живот од минатото. Е сега понекогаш сите веројатно сакаме да си играме Индијана Џонс, па тој ден ние си претпоставуваме дека тој „живот“ бил од пред илјадници години, па си замислувавме како оваа карпа има изрезбани делови за таа цел, како таа карпа не е таму случајно поставена па служела за тоа и тоа итн итн. Покрај тие истражувања, со ранците на грб сакавме да влеземе и во некоја нова линија. Погоре споменав како од сите страни ве повикуваат разни пукнатини - долги, кратки, широки, тесни, превисни, легнати - за сечиј вкус! Тргнавме кон една која ја гледавме уште од првата посета. На околу 300 метри јужно од Камена баба, кратка, висока само околу 7 метри сепак е многу привлечна бидејќи засекува мазни бели плочи и е можеби најочигледна кога се разгледуваат карпите од долу, од патот. Во целиот тој истражувачки дух, ја именувавме „Тајниот премин“ и има техничка тежина VI.

Иако на прв поглед од страна гледано, карпата не е највертикална, сепак пукнатината е со чудна широчина и некако чудно исфрла на страна во ситуација кога најмалку една рака е заглавена внатре до рамо. 7 метри - но имаше битка :))) Беше убаво секако! По ова искачување отидовме кон север од Камена баба, во делот каде словенечките качувачи кои качуваа таму пред некое време (овде >>>>), имаа искачено една чиста линија. Сакавме да ја погледнеме од блиску, но целото излегување до таму, ни отвори нова претстава за можностите за качување во овој локалитет...

Дервен

Базниот камп ни беше во Богомила. Од таму до Камена Баба возевме 132 километри преку Плетвар, а од секогаш имавме слушано за „патот преку планината“ кој е многу пократок. Тоа е всушност стариот пат од Велес до Прилеп преку Извор. Го прашавме Ице (Христо Белакапоски) за мислење и ни го препорача без двоумење. Крајниот резултат беше - од Камена Баба до Богомила овој пат возевме 60 километри, од кои околу 25 километри по добар макадам, што додаде околу еден час (и нешто) повеќе во возењето, но беше многу убаво!!! Продолживме во гореспоменатиот истражувачки лајт мотиФ, а сепак и природата е многу убава и имавме можност да го видиме и планинарскиот дом Дервен (тоа што е останато од него по опожарувањето во 1990-тите години), но и други селца и манастири во овој дел од Македонија... Многу убаво искуство!!!

Домот е на 1100мнв и на многу убава местоположба, со убав поглед кон прилепските и велешките долини и планини. Според книгата на д-р Владо Стаменков, „Водич по планинарските домови во Македонија“, тој бил пуштен во употреба во 1955 година и во него имало две големи соби со 50 кревети.


На мапата се прикажани местоположбите на Камена баба (доле) и Дервен (горе)

Користете го „+“от и „-“от за зумирање во мапата со цел подобро да ја видите околината и местоположбата на Камена Баба...

Copyright © Alpinizam.org