Текстот кој Игор го напиша за искуствата при неговата прва посета на Перу, беше објавен во неделникот „Форум“ - како репортажа со наслов „Перу е вистинскиот предизвик“(дел 1) и „Перу, фантастични 700 метри (дел 2)“


Генерален покровител на алпинистичките искачувања во Перу, Доломитите(Италија) и Пакленица(Хрватска) во 2008г.

„Перу, фантастични 700 метри“ (дел 2)

Хатун Мачај беше првиот локалитет за кој заминавме. Се наоѓа на висина од околу 4200м и во превод значи „Шума од карпи“. Навистина, кога се гледа кон овие карпи од повисоките ридови околу нив, тие наликуваат на шума која се спушта кон долините. Тоа е голем локалитет на кој локалните качувачи почнале да работат само пред неколку години, во моментов со околу 90-ина кратки насоки, но со огромен потенцијал. Токму во разговор со нив, со голем ентузијазам сите ни препорачуваа од Хуараз прво таму да отидеме.

Насоките беа со должина до 30 метри, но на 4200м. Ова беше прво скалило од нашата аклиматизација и во исто време можевме да бидеме и активни качувајќи на карпите кои беа многу цврсти и со најразлични технички тежини. Немаше многу странци, но тие што беа таму, беа само качувачи и се чувствуваше позитивна енергија во местото. Набрзо се спријателивме со сите. Првиот ден бевме внимателнни при движењето. Го поставивме шаторот и само со лесна прошетка стигнавме до под карпите за да ги разгледаме. Знаевме дека му треба малку време на организмот сепак да се приспособи на висината и чекавме да видиме како ќе реагира по некое време, без да го оптоваруваме

Следниот ден тргнавме кон највисоката точка во тој регион – Пунта Чонта (околу 4700м). Качувајќи се кон таа кота имавме можност да ја видиме вистинската големина на Хатун Мачај: од платото на 4200м „шумата“ практично исчезнуваше кон долината. Ова е дефинитивно еден од највисоките и најголеми вакви локалитети, кој во блиска иднина ќе има уште многу нови насоки кои ќе привлекуваат планинари од сите страни на светот.

Локалното население уште многу одамна сосема нормално живее на таа висина и ги искористува природните ресурси. Нивната адаптација беше очигледна. Иако сите бевме спортисти со добра физичка подготвеност, многу лесно во еден момент враќајќи се кон шаторите бевме поминати од една постара женичка која го пасеше стадото крави на околните ливади. Таа практично потрчнувавше додека ние бавно се движевме искористувајќи го секој расположлив молекул на воздух при дишењето...

Ла Есфинге (5325м)

Лично, верувам дека пред Есфинге требаше да отидеме на уште една лесна планина преку 5000м, со цел да добиеме солидна висина привикнувајќи го организмот за да можеме полесно да се искачуваме по карпите. Тоа подоцна се покажа како правилно, но сепак веќе беше доцна на некој начин. За Есфинге заминавме со Џован со цел да ја качуваме Оригиналната насока која се издигнува 700 метри во вертикала по совршените плочи на оваа планина. За прв пат искачена во 1985 година, таа денес најчесто е качувана во период од 2 дена, а може и во еден ден ако се работи за брза, добро аклиматизирана наврска...

Џован подолго време сакал да ја качи оваа насока и кога зборувавме за Перу рече дека „мора“ да одиме и таму. Секако дека прифатив бидејќи карпата изгледа фантастично, мазно, со сериозни технички тежини и на релативно голема висина. Бевме максимално расположени после Хатун Мачај и решивме да одиме за Есфинге без претходно да правиме искачување на некоја од блиските лесни планини до Хуараз. Некако сакавме веднаш да направиме нешто сериозно и сакавме да се качуваме што побрзо.

Есфинге се наоѓа во долината Парон, а почетокот на приодот кон карпата е кај истоименото езеро кое се наоѓа на висина од 4200м. Првиот ден го искористивме да ја однесеме опремата до под самата карпа, некаде на висина од околу 4700м. Патеката за приод беше многу стрмна и носењето на целата опрема некако нé истошти.

Планиравме да почнеме да се искачуваме следното утро. Постојано ја разгледувавме насоката, беше лесно да се препознае линијата. Во основа, помеѓу мазните плочи на карпата секогаш се следи нешто логично, на пример некоја пукнатина во која најлесно може да се качува и да се поставува обезбедување. Ја гледавме линијата, го баравме местото кое најчесто се споменува како „огромна полица“ на кое се преспива во карпата, ја баравме линијата за абзелување – спуштање од врвот...

Следното утро јас ја имав честа да го започнам искачувањето.

Не можам да ја опишам радоста што ја чувствувавме конечно качувајќи по таа карпа. Постојано имаше насмевка на нашите лица, дури и кога ги поминувавме потешките делови од насоката. Бевме среќни што ја допираме карпата и што се искачуваме во таа насока конечно решавајќи ги техничките проблеми за кои толку долго читавме по описите во книги или на интернет... Но, не само тоа, денот беше прекрасен и целото опкружување делуваше нестварно. Бевме задоволни затоа што се искачувавме според планираното темпо.

Сепак како што одевме повисоко, забележивме дека почнуваме да се задишуваме дури и на полесните делови од насоката. На потешките делови беше уште „поинтересно“, бидејќи тежините се високи и беа во основа нашиот лимит, а висината некако дополнително создаваше проблеми. Често и двајцата се фаќавме во ситуација како се држиме со врвовите на прстите, со обезбедување на поголемо растојание и како задишано се потпираме со шлемовите на карпата... Решивме да се вратиме достигнувајќи висина од околу 5000м.

Не стигнавме до врвот, но тоа и не беше веројатно нашата вистинска цел. Патем, до врвот има и полесен начин како да се стигне. Наша цел беше веројатно да влеземе во авантурата наречена „700 метри високата карпа на Есфинге“. Се радувавме како мали деца. Викавме, си дофрлавме пофалби за качувањето, се шегувавме и се смеевме. Карпата исто така нé сакаше.
Одлучивме после Есфинге да отидеме на Писко или Валунараху. Имавме време уште точно можеби за две сериозни искачувања кои требаше да бидат на мраз.

Болест

Во тие денови до езерото Парон ретко стигнуваа таксисти бидејќи сé уште немаше многу туристи и алпинисти. Додека ние бевме на Есфинге, значи во тие 4-5 дена, немаше друго возило во таа долина, т.е. по тој единствен пат кон езерото. Затоа требаше да се симнеме до последното село кое е на околу 2 часа пешачење од езерото (или околу 5-6 часа од карпата) и таму да најдеме такси кое требаше да нé однесе до езерото за да ги земеме нашите работи и потоа да се симне до градот Караз од каде се стигнува до Хуараз. Возење е по неасфалтиран пат со дупки, камења... И тоа трае околу 4 часа, со многу прашина која влегува од подот на возилото, од отворените прозорци (кои ги отворивме за колку-толку да влегува малку воздух).

Од прашината се разболевме и двајцата. Мене кивавицата и кашлања ми поминаа за два дена, но кај Џован состојбата иако најпрво се смири, подоцна сé повеќе се влошуваше.

Требаше да барам друг партнер за качување додека Џован не оздрави, но тоа одеше малку тешко. Канадскиот алпинист кој беше со нас ја имаше скршено десната рака во пад при обид да солира некоја планина во близина на Хуараз (не запаметив која), а втората „резерва“, еден австриски алпинист, со кого се запознавме на Хатун Мачај, исто така беше онеспособен. Неговата ситуација беше малку покомплицирана од скршена рака. Тој се решил да солира на една од иконите во Кордилерите – планината Алпамајо, и при тоа доживеал голем пад – пролизгување скоро од самиот врв до дното на страната, што е околу 300 метри голема стрмнина. За голема среќа, сé завршило само со повреди и задолжителен престој во болницата во Хуараз. 

Во секој случај, бев погоден од состојбата на Џован и ми беше жал за него. Секое утро се трудеше со ентузијазам да даде охрабрување дека ќе можеме да одиме, но во текот на денот му отекуваа очите и се јавуваше силна кашлица. По скоро една недела исчекување и неизвеснот, решивме да се вратиме порано дома...

Како за крај

Факт е дека се вратив 10-тина дена порано од планираното и дека во тој период ќе можевме да направиме барем уште 2 искачувања, но таква беше реалноста. Оваа моја прва посета на Перу ме исполни со најразлични емоции уште од првиот ден, за кои ќе ми треба уште долго време да ги исфилтрирам и евентуално да донесам некаков заклучок од сé што таму доживеав. Сепак, останав со уверување дека токму тоа требало да се случи. Верувам дека некои други искачувања требало да останат за следниот пат (кога и да биде тоа), а тогаш на овие планини ќе им пријдам со многу повеќе знаење и поинаква претстава.

Од аспект на качувањето, можам само да кажам дека сум пресреќен од искуствата. Научив многу. Дополнително е и чувството на гордост што имав можност да го претставувам македонскиот алпинизам во неколку наврати и среќен сум што повеќето од алпинистите по искачувањето прашуваа: како, кога и каде би можеле да дојдат и да се искачуваат во Македонија.

Потсетете се на првиот дел овде >>>>

 

Текстови поврзани со овие искачувања:

- „Перу е вистинскиот предизвик (дел 1)“,

- „Перу, фантастични 700 метри (дел 2)“,

- Кордилера Бланка - планините во Перу

 

 

Галерии

- Патувањето во Перу и градот Хуараз,

- Насоките на Хатун Мачај (4200м),

- Ла Есфинге (5325м)

 

 

Други искачувања ова лето:

- Пакленица (Хрватска),

- Доломити (Италија)

 

Copyright © 2005 Alpinizam.org