Пилав Тепе - Април / 2007г...
Од 13-ти до 15-ти Април 2007 година, на локалитетот Пилав Тепе – Плоча беше организиран алпинистички табор. Тоа всушност беше промоција на работите извршени во локалитетот во однос на неговото уредување – на насоките, пристапот и слично.
Најголема заслуга за навистина добро завршената работа имаат алпинистите Зоран Мајсторски од ПД Бел Камен од Радовиш и Бобан Стојанов од ПД Лисец од Штип кои овој локалитет го претворија во еден од најдобро уредените во Македонија. Финансиска помош за овој проект е добиена од германската фондација ГТЗ, а помош во реализирањето дале и нивните колеги - планинари од нивните друштва. Претставници од оваа фондација, но исто така и од Општината па и самиот Градоначалник на Радовиш присуствуваа на таборот и беа задоволни од работата и со пофални зборови ги подржаа сите присутни алпинисти. Исто така, Зоран не извести дека имаат добиено и нови средства за поставување на болдер вежбална во Радовиш во износ од 2700УСД по аплицирањето на проектот во Американскиот Мировен Корпус во Македонија...
Исто така Зоран не извести и дека една од бараките под локалитетот е доделена за планинарски дом, за што допрва очекуваме и подетални информации... Навистина работите таму се одвиваат со неверојатно темпо!!!
Имавме можност таму да качуваме пред една година (ама лета времето – мислевме поскоро беше тоа) и сега разликите беа очигледни... Прво има знаци и маркации како да се стигне до насоките, патеките (барем таа по која ние одевме) беа многу попрегледни од претходниот пат и почисти од вегетација, потоа не изненадија клупите поставени под насоките (и во сенка), новите насоки, промената на сидриштата и клиновите... Момците завршиле голема работа!
Ние пристигнавме на 14-ти (Сабота) и прва насока која ја качивме беше „Младина“ ( III+/IV) . Кога пристигнавме под насоките сакавме да качуваме насоки на кои не бевме претходниот пат, но под насоките немаше некој да ни покаже каде се новите насоки и се решивме за нешто што знаеме каде оди... Кога ја завршивме таа насока, на симнување се решивме да одиме на „Левичарска“ (IV/V-), а по нејзе по предлог на домаќините отидовме на „Ракета“ (IV+) (први качувачи Зоки и Боби на 7-ми Април 2007, а целосно завршена насоката е на 13-ти Април 2007). Тоа е една од најновите насоки во централниот дел на плочата каде има МНОГУ мов и поради малата можност за поставување клинови и друг вид обезбедување, насоката е обезбедена со експанзиони клинови. Не би рекол дека уживавме во оваа насока многу (поради мовта насоката на шега си рековме дека требало да ја крстат „Црнила“), но беше интересно и со убави движења. После оваа насока решивме да си го поставиме шаторот во близина на манастирот Св. Пантелејмон и едноставно да се релаксираме...
На 15-ти почнавме со насоката „Штипски“ ( III/IV). Прекрасна насока! Лесна, но прекрасна и многу добро доаѓа за растегнување и загревање... Потоа отидовме на други две – исто како „Ракета“, најнови насоки: „Атис“ (III+/IV+) (први качувачи Зоки и Боби на 6-ти Април 2007) и „Бомбона“ (IV+/V+) (први качувачи Зоки и Боби на 7-ми Април 2007). Тие се наоѓаат во десниот дел од плочата и се исто така многу убави насоки. Почисти се од тие во левиот и централниот дел. Иако тоа повторно се должи на средувањето и на трудот што го вложиле Зоки и Боби бидејќи како што ни кажа Боби, на почетокот на „Атис“ исчистиле голем дел со мов и трева... Иако „Бомбона“ е за нијанса потешка, сепак навистина е бомбона. Експонирана и со многу убави движења.
Со новите работи локалитетот сега е поделен на неколку сектори и тоа:
Централна (Голема) Плоча со 15 алпинистички насоки со тежини III до VI+, Мала Плоча со 9 алпинистички насоки со тежини III до VI+, Сектор Коцка со 8 спортски насоки со тежини од IV до VIII и Сектор А со 3 спортски насоки со тежини од VI до VII.
Убаво си поминавме и се надеваме ќе дојдеме повторно, но овој пат побрзо..
видете ја Галеријата од оваа посета |