Share

Bachar: One Man, One Myth, One Legend

-11.01.2011г

Многу убаво претставување на еден од најдобрите качувачи – Џон Бакар, најмногу познат по неверојатните соло искачувања во 1970-тите и 1980-тите години. Соло искачувања кои секогаш биле многу блиску до најтешките технички тежини качувани во тоа време. Силен качувач, а според некои и малку арогантен. Всушност филмот започнува со потсетување на познатата белешка која тој ја оставил во Јосемити во Јули 1981 година: „Mу давам 10000 долари на секој кој би можел да ме следи цел ден. - Џон Бакар“

Многу посветен на качувањето – од моментот кога ја купил книгата на Ројал Робинс за техниките на качувањето, почнал сам да учи како да качува, абзелувајќи дома од дрвата во дворот... Вели – почнал да „студира“ качување, тренинг, исхрана – откажувајќи се од математиката и науката и покрај тоа што (според неговиот татко кој се појавува во филмот) – бил со сите 10-ки :) Солирањата започнале со качување на насоки без обезбедување со тежина VI-, VI, па  сé до VIII... Бакар вели: „Ако гуштерите можат да го прават тоа – зошто да не и луѓето? Нема причина зошто и луѓето да не можат тоа да го прават...“

Филмот изобилува со многу интересни раскажувања од исто така многу значајни качувачи – за неговиот талент и голема посветеност: Питер Крофт, Џон Лонг, Џон Гил, Боб Кемпс, Ројал Робинс, Дејвид Шулц... Филмот е од 2005 година и е во режија на Мајкл Рирдон - исто така познат американски соло качувач.

Бакар загина солирајќи на 5-ти Јули 2009 година на 52-годишна возраст. Се шпекулира дека бил погоден од одронет камен над него... Мајкл Рирдон загина на 13-ти Јули 2007 година (на 42-годишна возраст) во Ирска, качувајќи на крајбрежните карпи – беше повлечен од бран...

Не можеме да најдеме трејлер од филмот, но еве дел од едно негово интервју - за стилот и етиката во качувањето:

„Трудете се, колку што можете повеќе - да не ја повредувате карпата...“
„Со поставување на експанзиони – се менува засекогаш. Не е ваша карпата – и други луѓе ќе треба да уживаат на нејзе... Експанзиони на секој метар и пол – тоа е смешно...“
„Ако не можам да го направам искачувањето во соодветен стил – би го оставил некој друг тоа да го направи...“
„Некои работи кои сега се качуваат – не можев ни да ги замислам порано... Тешко е да се каже колку добри ќе станат луѓето (во иднина - во качувањето)...“
„Секогаш мислев дека „он-сајт“ соло првенствено искачување е веројатно најдобрата работа – и имам направено неколку... Веројатно следен чекор би било да се качува гол, без патики за качување и магнезиум :))). Не отидов до толку далеку...“

 

Благодариме за филмот Петар!

Ви ги препорачуваме и:

- First Ascent: The Series;

- Crackoholic;

- Psyche 1, On sight

- E11, Committed 1;

- The Sharp End, First Ascent

- Bachar: Man-Myth-Legend;

- Hard Grit

Copyright © Alpinizam.org