Описи на насоките кои ги поминавме во 2012г.: - Виа М. Специале VI-, Пиколо Лагацуои (2778м); - Далаго IV, Чима Касон ди Формин (2376м); - Гребенот на Фиамес V, Пунта Фиамес (2240м); - Комичи III+/IV-, Пунта Кол Де Варда (2504м); - Виа Миријам V+, Јужен врв на големата кула на Чинкве Тори (2361м)
|
Доломити - август/2012-та г. -19.08.2012г., Игор Т. Со Весна ова ни беше четврта посета на овие локалитети, а прв пат бевме со друштво. Акцијата беше дел од програмата за работа на Македонската Алпинистичка Федерација за оваа година и со нас беа Александар Зарапчиев, Елена Диновска, Александар Старделов и Ана Велкова. После планирањето и организирањето на малку поинтересни искачувања во претходните две години, уште од почетокот на оваа година со Весна решивме да качуваме релаксирано и при тоа да се обидеме да споделиме што повеќе искачувања и локалитети со млади алпинисти. Така, како и при патувањето во Пакленица во мај оваа година, така и овде не бевме „со големи планови“ што ќе качуваме (од аспект на техничка тежина и должина на насоката), туку едноставно сакавме само да качуваме „било што“, а при тоа да дадеме што подобро можеме, совет и насока за другарчињата со нас – да имаат убаво прво искуство во овие карпи. Првиот качувачки ден го искористивме да влеземе во западната страна на Пиколо Лагацуои (2778м) и тоа во насоката „Виа М. Специале“. Насоката е долга околу 400 метри и во нејзе има сé до оцена VI-. Вториот каувачки ден го искористивме за насоката „Далаго“ (250м, IV) на Чима Касон ди Формин (2376м). Овде бевме сите заедно. Насоката во најголем дел од својата должина следи северо-западен жлеб и имавме среќа тој да биде само на изглед влажен (претходната ноќ заврна дожд во Кортина). Ова беше втор вид на „добредојдовте во Доломитите“ за другите дечки во споредба со Хексенштајн претходниот ден: ова беше малку поизолирана насока, со подолг пристап, поинаква ориентација на карпата (постудено и повлажно чувство), помалку обезбедување (дебатиравме дали сме виделе еден или два клина во должината која сме ја поминале)... И така малку со заглавување во жлебот, малку во расчекор - стигнавме до крајот на насоката. Од таму следуваа уште три должини по лесен, но ронлив терен, излегување низ една дупка во која едвај го собираше телото (ранците ги извлекувавме), симнување по сипар... Доломити :) По еден ден одмор решивме да влеземе во Пунта Фиамес (2240м). Се поделивме во две насоки: „Виа Комуне“ (450м, IV+/V+) и „Гребенот на Фиамес“ (550м, V). Ние ја следевме втората насока, а другите две наврски беа на првата (во текот на целото патување другите две наврски качуваа распределени вака: Александар Зарапчиев/Елена Диновска и Александар Старделов/Ана Велкова). Нашата насока следи навистина очигледен гребен кој има многу добри Vки детали во неговите должини. Овој гребен го видовме уште при првото наше патување во Доломитите и бевме среќни што конечно го поминавме и ова беше наша јубилејна, 20-та насока во овие карпи... Следниот ден со Весна имавме релаксирано планинарење до домот Кол де Варда над езерото Мизурина, а дечките качуваа две насоки на блиската Пиц Попена Басо (2224м). Потоа следуваше ден за колективен одмор, кој го искористивме за прошетка околу Кулите на Лаваредо. Беше убаво да се посети овој локалитет со супер вертикалите на кулите и едноставно да се ужива во погледот за разлика од пред две години, кога уживавме во нив на поинаков начин :) Посетата на Кол де Варда два дена претходно не беше случајна. Во близина на домот се наоѓа Пунта Кол де Варда (2504м), каде во 1934-тата Емилио Комичи и Сандро Дел Торзо имаат искачено насока следејќи една многу очигледна линија. Повторно тоа беше северо-западен жлеб, насоката беше долга околу 200 метри, но освен со малку студеното време (отидовме рано за да бидеме први во насоката) немавме други потешкотии, бидејќи тежините не беа поголеми од III+/IV-. Сепак јас лично сакав да ја качам оваа линија на големиот Комичи и ми беше мило што и другите прифатија да повторат насока со такво некое историско значење, независно што тежината и не беше голема. Го замислував Комичи како седејќи покрај Мизурина ја здогледал правата линија од врвот надолу на овој заб... Последен локалитет каде качувавме беше Чинкве Тори. Овде како група качивме три насоки. Додека останатите се поделија во насоките на Торе Баранчио, со Весна отидовме на Јужниот врв на големата кула (2361мнв) и ја качивме насоката „Виа Миријам“ (150м, V+). Супер насока со убави детали! Повеќе фотографии овде>>>>
|
||||||||||||
Copyright © Alpinizam.org |