Дома

Првата рампа на јужната Нежилова стена

-16.01.2011г

Мајсторски/Андоноски

Во првата недела од декември минатата година, слушнавме за новата насока на карпата под Солунска Глава и ги контактиравме првите качувачи, алпинистите Зоран Мајсторски и Никола Андоноски да ни кажат по некој збор за тоа нивно искачување, но и да нé потсетат и на некои други кои ги направија во претходниот период...

Солунска - Нежилова стена
-текст од Зоран Мајсторски

Оваа убавица, често заборавена од нас алпинистите, мене лично многу ме инспирира и ми дава поттик за се поголеми качувања, а воедно и дава споредбеност за  поголем проект.

Оваа карпа е единствена во Македонија која може да ја споредиме со карпите во Алпите. Значи да се оди да се качува некаде во Алпите, неминовно е оваа карпа да се посети повеќе пати, а не да се оди на Демир Капија или на Матка и да се качуваат спортските насоки. Нежилова усовршува повеќе елементи кои се за качување на големи карпи: пристап, опрема, храна, вода, начин на качување, ронливост, преживување и т.н. Секој што бил самоиницијативно овде го знае принципот на функционирање. За жал ги има малкумина. Овде ќе се доживеат многу убави, но и лоши моменти каде што нема доволно уживање и комоција. Овде има само качување и давање на наредниот чекор, следење на некогаш и невидливата линија. Овде качуваат само вистинските МАЖИ.

Моја прва лична посета  на оваа карпа, а воопшто и на планината беше во далечната 1998 заедно со тогашниот партнер Надир Мурсели, кога качивме првенствена насока која ја нарековме „Кикиева насока“. Потоа ја заборавив многу години наназад и тоа поради мои грешки поради изборот на партнер со кој немавме заеднички цели барем за оваа карпа.

На моја иницијатива ја избушвме и се уреди абзел линијата како најбрз и најбезбеден пристап и одстап од стената.

На едно летно качување ги поведов Гоце Јовановски и Никола Андоноски на качување на „Абзел линијата 2007“ и од тогаш почнаа да ми се редат идеите една по друга за качување на оваа карпа и за правење на несекојдневни искачувања.
Читајќи го Жан Троаје за неговите брзи искачувања во еден ден и слично, качувајќи ја абзел линијата со Гоце и Никола, веќе го видов оваа качување. Само ми требаше да еволуира и да го реализирам. Тоа го направивме заедно со Никола.

На 22.12.2010 година беше и нашиот прв обид за зимско качување кој беше многу контроверзен за некои колеги кои и не знаат што значи качување на оваа карпа. Овој пат понесовме многу јажиња кои ги фиксиравме и пуштивме од излезот на карпата надолу со што тоа беше прва безбедна точка, а беше фиксирано на експанзионите, затоа што останатите и не ги гледавме надолу, а сепак ова беше лош период за качување зашто снегот не ја беше дал сета цврстина. Сепак ние минавме многу добро качување и ова на некој начин беше првото зимско качување на оваа карпа, иако имавме и претходно обид со Надир Мурсели и Дарио Милошевиќ, но се откажавме штом дојдовме под нејзе. Мој неуспех за првото зимско искачување е тоа што оставив позади моменти на сомнежи.

Припремајќи се за Aјгер со Никола, оваа карпа ја посетуваваме повеќе пати. На 25-ти јуни овде качивме две насоки и тоа: „Централниот солунски кулоар“ (прво повторување) и „Абзел линијата 2007“. Подготвеноста и долгиот ден ни дозволија тоа да го направиме. Ни остана како проект да качеме три насоки во еден ден и тоа во иднина ќе го реализираме.

На 12-ти јули заминавме со пријатели алпинисти, наши гости, на крштевање на оваа карпа на насоката „Абзел линијата 2007“. Овој пат ги водевме Дејан Крле и Здравко Спасев, а подоцна Здравко исто така понесе свои колеги од клубот и без да нé покани заминаа да ја качат „Абзел линијата 2007“, иако беше повикан да качува со Никола и Дејан на „Ц.С.К.“.

На 8-ми септември со Маја Мухиќ и Дејан Крле, нашите гости кои ги поведовме со Никола, реализиравме качување на највисокиот празник за Македонија на највисоката карпа во Македонија. Дејан и Никола беа на ЦСК, а јас и Маја на Абзел линијата. Маја беше првата дама да качува во централниот дел на карпата.

На 03.12.2011 година се организираше меморијалот за четирите алпинисти загинати на Солунска. Двајца од нив ми беа и ментори и почетоците ги делам со нив. За таа чест имав желба да качувам на овој собир на некој начин и да им се оддолжам за убавите мигови поминати со нив. Овој пат решивме да биде првенствено качување и тоа на првата маркантна рампа. Оваа качување беше доста брзо од наша страна дури и не очекувавме да излеземе пред стемнување од карпата, но клучниот момент, превисот на седмото јаже, кој не беше стабилен и цело време сé течеше околу нас како река од карпи, ќе остане уште многу во нашите глави како вистински херојски подвиг на невозможно ронлива и ризична подлога.
Опис на насоката на сајтот на АК Плоча овде>>>>

А еве што ни пишува и Никола Андоноски:

Во минатиот период Зоран Мајсторски и јас, Никола Андоноски, направивме доста качувања. Најпрвин, би го спомнал моето прво искачување во Нежиловите Стени, кога бевме Гоце Јовановски, Зоран и јас и ја качувавме насоката „Абзел линија 2007“, на 12. VI. 2010. Тука увидовме дека пристапувањето одозгора е мнoгу подолго, особено доколку сакате да спиете (со шатор). Уште тогаш видовме дека е потребен понаков приод кон ваквите качувања.

Така на 21. XI. 2010, направивме искачување во стил „лесни и брзи“. Во с. Богомила бевме во 20:00 и целата ноќ пешачевме. Во 5:00 стигнавме под насоката „Абзел линија 2007“, каде врнеше снег, се засолнивме и пред мугрите започнавме со качување. По искачувањето тргнавме надолу и назад кон железничката станица. Искачување од ваков тип им го препорачувам на сите тие кои планираат големи качувања во светските карпи, како и на сите тие кои себеси се сметаат или сакаат да станат алпинисти.

На 22. XII. 2010 дојдовме со намера да реализираме една стара идеја, а тоа е зимско качување во Црвениот Кулоар. Поради недоволните информации и големиот ризик од лавини, се решивме да користиме претходно фиксирани јажиња, бидејќи сметавме дека ризикот е преголем. Ова качување наиде на контроверзии кај некои поединци, за жал.

Потоа, направивме зимско искачување во северната страна на врвот Вихрен, Пирин планина. Сметам дека финансиите ни се голема пречка почесто да правиме качувања во странство, дури и во соседството, а фактот дека не поседуваме своја опрема за качување во зимски услови е уште поголема пречка.
На 25. III. 2011 направивме првенствено искачување на Маткините Игли, на иглата која се наоѓа лево од иглата Клин. Вечерта преспавме во шатор во дворот на манастирот „Св. Никола“ – Шишевски и утредента ги качивме насоките „Пајак“, „Франгов“ и „Панчев“ во еден ден.

На 25. VI. 2011 направивме прво повторување на насоката „Централен Солунски Кулоар“ и уште едно качување на „Абзел линијата 2007“. Овие две качувања беа направени во еден ден.

На 12. VII. 2011 Здравко Спасев и јас, а Дејан Крле и Зоран Мајсторски како друга наврска, ја качувавме „Абезл линија 2007“ и тогаш и други колеги кои не качувале претходно во овој локалитет за првпат качуваа тука.

Следеше нашиот обид по северната страна на Ајгер и искачувањето на Касиновата насока по североисточната страна на Пиц Бадиле.

Потоа, на 8. IX. 2011 направив уште едно качување на „ЦСК“ заедно се Дејан Крле, а Зоран Мајсторски и Маја Мухиќ ја качуваа „Абзел линија 2007“.

И последно, на 3. XII. 2011 кога се одржуваше и меморијалот „4 алпинисти“ за алпинистите кои загинаа во лавинската несреќа во 1998, направивме едно првенствено искачување во оваа стена.

Не би сакал да се повторувам, но во мои изјави и во изјави на други искусни алпинисти, честопати е напомената важноста на Нежиловите Стени како алпинистички локалитет. И покрај тоа што качувањето можеби не е премногу атрактивно во споредба со другите локалитети кај нас; опасноста, пристапот, неуредената карпа, го прави локалитет совршен за ковање на вистински алпинисти, а качувањето овде е најбитен елемент од поготовката. Ова не е локалитет каде на максимум 20 минути се наоќате назад во цивилизација и можете да се напиете пиво и да уживате во сите удобоности. Овде сте на најмалку 2-3 часа од најблиската цивилизација, која со својата удобност не може да се спореди со другите локлитети (Остра Карпа, Демир Капија, Плоча, Матка, а за други места не би сакал ни да ги споменувам.) Доколку некој сака да качува надвор од Македонија, во Доломитите, Источите Алпи, Западните алпи или некоја голема алпска страна, качувањето во овој локалитет треба да го смета за нешто задолжително.

Линк до текстот на Никола за ова искачување, за сајтот на АК Матка овде>>>>

Copyright © Alpinizam.org