Дома

СОЛУНСКА ГЛАВА, НЕЖИЛОВА СТЕНА - 2008г.

- Текст и фотографии на Зоран Мајсторски, алпинист од Радовиш

Зборуваме за алпинизам, нон-стоп во устата ни се големите карпи, големите искачувања, првенствени насоки... Но иако ја имаме една од поголемите карпи на Балканот, мислам на Нежиловата стена на Солунска глава, никако да заминеме и да искачеме некоја повторена или пак првенствена насока. Не знам каде е проблемот. Дали кај карпата или пак кај алинистите? Само знам дека зборуваме за искачувања по светските карпи, а нашата грандиозна и величенствена ја оставаме во заден план. Иако малкумина од нас биле овде и многу малку од луѓето имааат информации за деталите за пристап и самите насоки, a останатите кои допрва треба да дојдат и реализираат некое искачување, многу слабо се интересираат и не бараат никакви информации.

Знаејќи ги целите на многумина алпинисти, а знам дека ја немаат истата цел, решив да отидам на Солунска и да го повторам Централниот солунски кулоар кој во последно време ми стана опсесија. Тоа е насока на нашите починати колеги кои беа жртва на алпинизмот. Размислував за партнер бидејќи немам константно еден со кој постојано би качувал, понудив на неколку колеги кои мислам дека би можеле да се достојни партнери и само Жикица Ивановски ми одговори позитивно на мојот предлог, а другите некако бараа оправдувања за да не дојдат. Целосната стратегија кон искачувањето веке ја планирав многу време наназад, само мали детали на Жика му оставив да припрема за негов личен аспект.

Тргнавме пеш од станицата на Орешје па стигнавме се до под врвот на Солунска каде го планиравме нашиот бивак на 2000 мнв - во еден ден, а од војската земавме дополнително вода за искачувањето.

Станавме во 5 и 30 часот и по кратки подготовки веднаш абзелувавме во должина од 6 јажиња по 50 метри и за тоа ни беше потребно час и половина. Потоа ја испречивме пола карпа под основата и уживавме во нејзината големина. Кога пристигнавме до кулоарот карпите на првата скална бариера беа мазни каскади со тежина од II и III според УИАА. Понекогаш  заглавувавме и во некоја V, но ние ја минувавме соло. Висинската разлика беше повеќе од 150 метри, а должинската можеби и 250 метри. Пред нас се исправи и првата вертикала на која само нешто погоре има два сидришни клина и претставува чиста вертикала која е со тежина од V+/VI- на која треба да коваш клинови, а пукнатините што ги има се никакви или воопште ги нема. Но некогаш мора нешто да се постави, a погоре го ставив и малиот френд мислам дека беше 0,25 големина и уште со еден до два клина излегов нагоре цели 30 метри беа без обезбедување. Сидриштето е со eдна борка и со еден алпинистички клин што беше позитива и не губење време. Препорака: понесете само два најмали френда кои може само многу малку да ви користат, а чокови нема потреба да ви тежат.

Продолживме кон левиот раб низ мал специфичен камин кој некаде пред излезот е со тежина од VI и е доста тежок, а на него има само два клина. Сидриштето е со деформирана борка и алпинистички клин по што јас заковав уште еден за секоја сигурност. Наредното јаже е превисесто и експонирано и овде заковав еден клин за моја безбедност и за маркантност при следно качување. Нагоре наидов уште на три кои ми беа добредојдени зашто едниот ако требаше да го качувам и ковам ќе беше скоро невозможно. На половина јаже веќе тежината се намалува и станува релативно полесно и без проблем може да се качува.

На следното сидриште го направивме главниот ручек кој се состоеше од турски колачи кој ни ги дадоа од војската претходниот ден. Сега насоката продолжува во лево по еден специфичен и релативно лесен и безбеден камин каде му дадов можност на Жика да си ги проба силите да води. Ја пратев неговата работа и понекогаш му давав сугестии како и што да работи, но тој се движеше и работеше како што треба.

Уште наредните две јажиња Жико водеше, но штом малку ќе отидеше подесно од каминот веднаш тежината се зголемуваше и скржавоста со пукнатини на карпата се намалуваше, а ронливоста беше поголема. Бев обземен со фотографирањето на јатото птици кои за цело време летаа над Жика, а имаше и еребица-камењарка која го прелета.

Направив пречка и влегов во наредниот камин кој беше релативно лесен, но имаше детали кои беа тешки. Ги совладував брзо и секогаш користев минимум опрема. Секогаш најважни беа долгите гуртни. Кога го разменувавме водството само си разменувавме ги клиновите и по некоја гуртна, а комплети секогаш имавме доволно. Носевме 13 броја и тоа поделени кај двајцата.

Повторно Жико ја водеше наредната должина која ја правиме на максималните 60 метри како сите останати за да може да добиеме во време. Јас ја продолжив наредната должина и некаде над каминот кога излегував од него, турнав неколку камени блока од кои за жал еден го погоди едното јаже и го поткина на 15-ина метри подолу. Излезот остана Жика да го води и тој беше околу половина јаже и беше премногу ронлив.

Откако излеговме Жика абзелуваше по остатокот од опремата која што ја скривме на абзел линијата и веднаш надолу до Долна Бабина Дупка каде ја преспивме ноќта.

Утрото не разбудија планинари кои одеа кон врвот, направивма доручек и по кратко подготвување отидовме кон Чеплес. Овде одморивме, а домар беше Борче Јовчевски од Велес, нашиот Хималаец и алпинист од постарите генерации кој секогаш ми дава подршка. Направивме трекинг тура до изворот на Бабуна и се вративме до Чеплес, а од таму пеш до Орешје со што веќе се чувствував исцрпен.

Јас лично бев задоволен затоа што се излезе според моите планови, а и Жика беше премногу задоволен - тоа се гледаше во неговите очи.
Copyright © Alpinizam.org