Абзел линија на Солунска Глава
- Текст и фотографии на Зоран Мајсторски, алпинист од Радовиш
За оние кои што сакаат да качуваат на Нежиловата Карпа на Солунска Глава ќе им помогнам околу пристапот до насоките, кој е релативно краток и безбеден.
Како прв пристап кон Нежиловата карпа кој е користен од првите искачувања во далечната 1952 година е пристапот преку изворот на реката Бабуна. Овој пристап пред сé е долг и за цело време мора да се качува низ каскади и издробен сипар со тежина од II и III според UIAA. Старт е планинскиот дом Чеплес кој е на 1440 мнв од каде се слегува до изворот на Бабуна по маркирана патека и каде е последниот извор со вода. Нагоре цело време кањонот е сув, со голем број на големи камени блокови и неколку суви водопади кои за време на поројни дождови оживуваат. За да се стигне до основата на карпата потребни се 3 до 5 часа пешачење и качување по сувиот кањон во зависност од кондиционата подготвеност.
Поголемо внимание ќе обрнам на абзел линијата која е направена во 2007 година од тим во кој покрај мене беа и Борче Манев и Бобан Стојанов. Оваа абзел линија ја следи алпинистичката насока искачена од Константин Циривири и Александар Дончев, позната како ,,Црвениот кулоар“. Овој кулоар е најкраткиот кулоар на Солунска Глава, а исто така сега веќе и најбезбедниот и во случај на невреме би бил добар за евакуација.
Почетокот на абзел линијата е веднаш до планинарската патека која води до врвот на Солунска Глава пред последната стрмнина пред врвот каде што има оставено два експанзиони клинови (да се носат две резервни ушки и клуч број 17 поради евентуална кражба) кои се јасно видливи. Исто така треба да се земат и два железни карабинери. Потоа абзелот продолжува надолу по стрмен вертикален дел кој подоцна продолжува со трева. Сидриштето е на десниот дел од кулоарот - гледано спроти кулоарот. Надолу веќе на секое сидриште има по два железни карабинери со кои полесно се работи и се добива во брзина.
Третото сидриште се наоѓа на левиот дел од кулоарот. Околу него има високи треви и боцки кои се непријатни за работа. Овде кулоарот се раширува и доаѓа до не многу вертикален дел во кој има и карпа и трева, а посебно треба да се внимава на сипарот кој е под сидриштето.
Четвртото сидриште е лево од наредниот кулоар во кој потоа се вклучуваме и е на одалеченост од околу 50 метри. Ова сидриште е сместено на мала тераса која е малку маркантна.
Петото сидриште се наоѓа на помала тераса на 20 до 30 метри лево од кулоарот под која има поголема тераса како маркација и превис под неа.
Шестото сидриште е во централниот дел на кулоарот и е сместено на камени блокови.
Седмото сидриште се наоѓа во централниот дел на кулуарот на 10 метри над сипарот каде што може слободно да се слезе со слободно симнување надолу (на сидриштето нема карабинери).
По пет минутно слегување покрај сипарот веднаш излегуваме до основата на централната карпа и со пречка која не би траела повеќе од 30 минути може да се влезе во секој дел од карпата.
Во абзел линијата исто така има оставено околу 20 клинови кои би биле добредојдени при качувањето на насоката или Абзел линијата.
Пристапот е од Планинскиот дом Чеплес по веќе познатата патека кон врвот. Последна чешма за вода е кај местото Долна Бабина Дупка, а исто така може да се добие и од војската која е на врвот. Над самата карпа може да се постави шатор или да се бивакува.
|