Ова е една насока околу која се кршеа копјата околу етиката во качувањето во САД. Поставена од Боб Хоран во 1980-тите години со експанзиони клинови покрај тесна пукнатина – таа (како што велат) станува популарна линија околу која се вртат многу спортски качувачи. Тоа секако се должи на оцената (5.14 по Јосемити скалата) што било секако огромен предизвик во тој период (па и ден - денес)... Во последните 2-3 години се појавуваат качувачи кои ја поминуваат во чист стил кои се дрзнуваат да го споменат изразот „вадење на експанзионите“ при опишувањето на своето качување - и тука нормално настанува „војна“…
Мет Сигал е еден од тие „чистите“ качувачи и неговото качување на оваа насока е документирано во кратко видео кое ви го презентираме подолу. Во текот на видеото меѓу другото Мет изјавува:
„…Кањонот на Соништата (н.з. во кој се наоѓа оваа насока) е прекрасен, чист качувачки локалитет – без експанзионите клинови. Првите качувачи – тие кои ги поставиле тие клинови – тие треба да ги извадат истите од насоката, бидејќи сега со оваа „ренесанса“ кога младите качувачи се враќаат кон чистиот стил на качување, на тие клинови не им е повеќе местото таму…
Се појави Боб Хоран и го прашав дали може да ги извадам клиновите и ми одговори дека ќе ги извади самиот. Мислам дека ако ги оставиме експанзионите клинови тоа ќе биде лоша порака за следните генерации – дека е во ред да се поставуваат такви клинови во насоки кои можат да се поминат во чист стил. Мислам дека тоа не е во ред. Експанзионите клинови треба да се извадат и тоа на соодветен начин… Боб Хоран се согласува…“
Кон овие размислувања се приклучува и Брајан Кимбел (качувач кој го направи првото слободно искачување на насоката – на „топ-роуп“ во 2007 година). Еве дел од неговото пишување за овој проблем:
„…Мислам дека во оваа насока и сличните на неа никогаш НЕ ТРЕБАЛО и никогаш НЕ ТРЕБА да се поставуваат експанзиони клинови. Оваа насока е најневеројатната пукнатина во Колорадо, но и една од најпрекрасните насоки воопшто во САД. Првиот качувач бил многу близу до искачување на насоката со поставена опрема и тоа во чист стил, но на крај се решил да буши во неа... Со тоа оваа неверојатна пукнатина је претворил во спортско-качувачка насока и со тоа засекогаш одзел нешто многу специјално од нејзиниот интегритет (со цела почит кон господинот).
Разбирам дека нема право некој само поради тоа што ја поминал во чист стил да ги извади експанзионите – но оваа насока НЕ Е било која спортска насока. Со тоа му се остава за право на некој само поради тоа што не се чувствува комфорно над „сомнително“ поставена опрема – да оди и да буши експанзиони клинови било каде на слични места...
Некој кој не може да ја води во чист стил насоката нека ја качува на „топ-роуп“ (н.з. со абзел од над насоката може да се дојде до нејзиното сидриште и да се постави „топ-роуп“). Со тоа и на карпата и на следните генерации ќе им направи голема услуга. Или пак може во чист стил – технички да се качи до сидриштето.
Со вадењето на поставените експанзиони клинови на качувачите не им се одзема ама баш НИШТО. Напротив – им се дава насоката во нејзината вистинска природа и се остава силна порака. Посебно на луѓе кои мислат дека се премногу добри за „топ-роуп“ качување и кои мислат дека смеат да поставуваат непотребни експанзиони и на други слични насоки.
СЕ НАДЕВАМ дека првиот качувач ќе ги извади клиновите и со тоа ќе направи прекрасна работа. Но тоа не значи дека исто така дека треба да почнеме да трчаме и вадиме клинови од каде ќе ни текне. Треба да се биде многу внимателен и претпазлив во тоа поле. Пред сé „Кинеска кукла“ не е спортска насока – таа многу добро прифаќа чокови и френдови на совршен гранит...“