Други текстови за Доломити:
- Претставување на локалитетите,
- Наши искачувања во мај 2005,
- Наши искачувања во август 2008,
- Наши искачувања во август 2010
- Наши искачувања во август 2012
- Наши искачувања во август 2013
Описи на насоките кои ги поминавме во 2005г.:
- Јужно Ребро IV+, Хексенштајн (2477м)
- Јужен Гребен IV+, Мала кула на Фалзарего (c. 2500m)
- Западна Страна (Ласато) IV, Голема кула на Фалзарего (c2500m)
- Јужно-Западна Страна (Виа дел Буко) IV, Пиколо Лагацуои 2778м
- Северо-Западен Диедар IV и Северна Страна (Дибона) IV, Торе Баранчио 2308м
- Источна Страна на Пиц Попена Басо (2224м): „Мацорана“ IV и „Мацорана/Адлер“ IV+
- Јужна Страна на Пунта Фиамес (2240м) - Виа Комуне IV+ |
Доломити - 2005г.
-Игор Т.
Денови 1-3
Последниот концерт на Шри Чинмој беше во Торино на 30-ти Мај. Преноќивме во градот во еден од камповите и рано следното утро тргнавме кон Кортина Дампецо (преку Венеција и Белуно). Возејќи се по автопати цело време од Скопје гледавме само рамни полиња и патишта, но кога почнавме да возиме од Белуно кон Кортина полека почнаа да се појавуваат планините и имаше навистина прекрасни глетки. Бевме среќни што конечно се возиме по прекрасните планински патишта и села во северна Италија и ги гледаме големите ѕидови и кули кои се издигнуваа без предупредување.
Периодот крај на Мај / почеток на Јуни е т.н. „рана сезона“ во Доломитите за качување. Јужните страни на планините беа чисти од снег, но на северните сé уште можеше да се најде малку снег – посебно во стрмните и тесни кулоари по кои и требаше да се симнуваме надолу. Исто така и Кортина беше „вон сезона“. Кога пристигнавме во градот, тој како да беше празен - само со неколку луѓе по улиците и многу продавници затворени поради „одмор“ (по еден месец), а од пет кампа работеа само два. Се сместивме во еден од нив и одлучивме да почнеме да качуваме уште следниот ден.
Навистина „вон сезона“ - паркингот под Тофана целосно празен
31-ви Мај
Неколку насоки започнуваа од преминот Фалзарего кој е на околу 15-тина километри од градот. Преминот достигнува височина од 2117м, а како што се возевме по кривулестиот пат од Кортина се повеќе растеше нашиот сомнеж дека ќе качуваме поради облачното и сиво време.
Кога пристигнавме на преминот, погледнавме кон Сас ди Стриа каде што сакавме да качуваме тој ден и можевме да видиме дека врвот беше во облаци. Се одлучивме сепак да тргнеме и ја паркиравме колата на патот кон преминот Валпарола каде што има мал „паркинг“ означен со голема карпа од левата страна на патот. Од тука, до почетокот на насоката има патека и се стигнува за 20-тина минути до стартот кој е „означен“ со закован клин. Го ставив водичот во горниот џеб од раницата и по момент на тишина и концентрација започнав да качувам. Оваа насока прв пат била качена од Коберталдо и Пецоти на 1 Август 1939 година.
Тоа е лесна насока со оцена IV + која го следи десниот дел од реброто со неколку пречења во десно под делови кои се превисни и едно поголемо пречење преку интересна тераса која не донесе до најтешкиот дел – пукнатина преку која стигнавме до врвот. Тоа беше добра насока за да се запознаеме со Доломитите. Сакавме да ја искористиме за да ги провериме оцените на техничките тежини, а исто така за да ја почувствуваме карпата. Во првите две должини малку како таа да беше лизгава, но брзо се навикнавме на тоа чувство, а нешто што ни се допаѓаше исто така бешпе тоа дека карпата беше цврста (колку што може да биде варовникот воопшто) и чиста. Многу ни се допадна. Од врвот имавме прекрасен поглед кон околните долини и планини, а ги гледавме и Фалзарего Торес кои сакавме да го качиме следни.
1-ви Јуни
Овој ден сакавме да качиме две насоки на двете кули на Фалзарего кои се околу 2500м високи. Насоката која сакавме да ја качиме на помалата кула беше на јужниот гребен и прв пата качена од Комичи, дел Торсо и Варале на 10-ти Август 1934 година. Беше оценета како IV + и имаше 7 должини. Насоката на Големата Кула на Фалзарего беше на западната страна и била прв пат качена од Лусато на 13-ти Август 1957 година. Беше со оцена IV и имаше 4 должини. Сакавме да ги поминеме двете насоки во еден ден поради тоа што при симнување од помалата кула всушност се доаѓа на почетокот на другата кула.
Кулите на Фалзарего со Тофана во позадина
Колата ја паркиравме на околу 1км пред Фалзарего кога се оди од Кортина и по околу еден час стигнавме до почетокот на насоката ма Пикола. Кога бев подготвен да качувам набрзина погледнав во часовникот кој го имав во џебот на раницата и беше 10:30 часот.
На потешките делови имаше доволно постоечко обезбедување, а само првите три должини беа потешки. Би сакал сепак да напоменам дека иако некој ќе каже дека има доволно обезбедување поставено на некоја насока во Доломитите, сепак треба секогаш да си имате дополнително обезбедување со вас – гуртни и чокови/френдови… Растојанието помеѓу постоечките клинови може да ви биде големо и да ви биде дополнително интересно поради тоа. После тие први три должини, качувањето беше лесно ( III + ) и стигнавме до врвот. Од другата страна имаше абзајл станица и по 25м абзајл се најдовме на тревната тераса и почетокот на пукнатината помеѓу двете кули. Кога ја средувавме опремата го погледнав часовникот и не можев да поверувам – 15:30... Пет часа?!?!? И го кажав ова на Весна и двајцата седнавме во тишина... Ја качувавме насоката без никаков проблем – како при качувањето, така и при наоѓањето на вистинската насока и сé изгледаше многу побрзо... Одлучивме да се симнеме.
На врвот на Кулите на Фалзарего - блиски средби
Кога стигнавме до автомобилот таму не пречека наш пријател – Италијанец со кого се запознавме во Македонија и качувавме на Матка и кој дојде до тука (од Фиренца) за да се види со нас. Тој ни рече дека е изненаден што не гледа кога е само 13:30. Сега не можев да поверувам во тоа што го слушам. Погледнав во часовникот и тој покажуваше 16:30. Тогаш ми текна дека тој има опција од два тајмера, но поради тоа што скоро и никогаш не го користам (поради тоа што нема ремче – но поради тоа е добар за во раница при качување) сум заборавил потполно на таа опција. Можевме слободно да отидеме и на другата насока… Нашите пријатели ја качија насоката на Сас ди Стриа која ја качивме ние претходниот ден, а ние отидовме да го пронајдеме почетокот на насоката на Пикола Лагацуои.
Вечерта отидовме на пица и одлучивме ние следното утро да одиме на насоката на големата кула, а тие да одат на тоа што ние го качивме денес.
2-ри Јуни
Им го покажавме описот и сé што требаше да знаат и отидовме кон Торе Гранде. Почетокот го пронајдовме претходниот ден. Качувањето беше лесно. Најтешките делови кои беа на плочи сега беа малку непријатни поради тоа што по нив скоро и да течеше вода, но тоа и не беше некој проблем поради тоа што тие делови беа кратки. Во последната должина по лесно минување на II / III се најдовме на врвот и седнавме да уживаме во погледот наоколу.
Имавме убав поглед кон Лагацуои поради тоа што сакавме таму да качуваме и кон Тофана ди Розес. На оваа планина сакавме да направиме две искачувања, но условите беа сé уште многу лоши. На патеката за симнување имаше многу снег, а едни наши пријатели таму беа пред ден-два и лавина поминала многу блиску до нив. Јужната страна по која сакавме да качуваме за цело време додека бевме таму беше покриена со облаци и не можевме да ги видиме насоките воопшто.
Симнувањето од Торе Гранде беше незгодно. Целата опрема ја ставивме во раниците поради тоа што во водичот пишуваше „…симнете се по краток нестабилен дел до врвче од каде има патека…“ Мислевме дека тоа значи лесно симнување, но не беше така. Врвот на оваа кула е како мала тераса од која се спуштаат од сите страни провалии – навистина многу експониран терен па дури и вертикален и сé изгледаше толку високо… Во прв момент наједноставно ми изгледаше да се вратиме од таму од каде дојдовме, но во водичот пишуваше дека излезот е од другата страна. Таму видовме еден клин со голема ушка и почнавме да следиме нешто што изгледаше најлогични и лесно. Беше навистина експонирано со големи провалии од сите страни. Од време на време ќе се појавеше некој нов клин кој би можеле да го искористиме за евентуално меѓу-обезбедување, но ние целата опрема ја ставивме во раниците… Едноставно, само се сконцентриравме во тоа што е пред нас и во тишина стигнавме до патеката.
Ова беше трета насока и следниот ден сакавме да одиме на Пикола Лагацуои. Имавме убави искачувања, но не бевме задоволни многу од временските услови поради тоа што секое попладне небото ќе станеше сиво и не можевме да направиме храбра одлука следниот ден да одиме на нешто подолго поради тоа што не знаевме какво ќе биде следното утро. Секое утро небото беше делумно со облаци, но како што качувавме, гледавме како надоаѓаат сé повеќе облаци од запад и секое попладне или вечер врнеше. Сепак се одлучивме да одиме на 250 метри високиот ѕид на Лагацуои поради тоа што и не беше толку висок, а насоката беше колку-толку лесна – барем во описот во водичот…
|