Други текстови за Доломити:

- Претставување на локалитетите,

- Наши искачувања во мај 2005,

- Наши искачувања во август 2008,

- Наши искачувања во август 2010

- Наши искачувања во август 2012

- Наши искачувања во август 2013

 

Описи на насоките кои ги поминавме во 2005г.:

- Јужно Ребро IV+, Хексенштајн (2477м)

- Јужен Гребен IV+, Мала кула на Фалзарего (c. 2500m)

- Западна Страна (Ласато) IV, Голема кула на Фалзарего (c2500m)

- Јужно-Западна Страна (Виа дел Буко) IV, Пиколо Лагацуои 2778м

- Северо-Западен Диедар IV и Северна Страна (Дибона) IV, Торе Баранчио 2308м

- Источна Страна на Пиц Попена Басо (2224м): „Мацорана“ IV и „Мацорана/Адлер“ IV+

- Јужна Страна на Пунта Фиамес (2240м) - Виа Комуне IV+

Доломити - 2005г.

-Игор Т.

Денови 4-6

3 Јуни

Пронаоѓањето на почетокот на насоката на јужно-западниот ѕид на Пикола Лагацуои наречена Виа дел Буко беше малку тешко. Го препознав таванот од третата должина, но не бев сигурен кој диедар е вистинскиот старт. Одев нагоре-надоле по сипарот барајќи некои други знаци во описот и во тој момент близу до нас стигнаа двајца постари Швајцарски алпинисти. Не разбираа ниту збор англиски, но кога го споменав името на насоката, водачот на наврската ми го покажа стартот (малку полево имаше еден закован портокалов клин кој ми го привлече вниманието).


Пикола Лагацуои - добра карпа, убава насока...

Ние бевме подготвени да почнеме и почнавме пред нив, а тие во првите 2-3 должини нé следеа добро. Водачот стигнуваше до сидриштето на кое Весна ме обезбедуваше. Потоа малку побавно качуваа, но ги почекавме на врвот и се сликавме со нив поради тоа што ни беа многу инспиративни. Супер качуваа, а едниот имаше 53 години, а другиот 78. Со мојот лош германски, си направивме мал разговор на врвот. Веднаш ме потсетија на едно интервју со Андерл Хекмаер (водачот на првото искачување на северната страна на Ајгер во 1938 година). На 93-годишна возраст запрашан кога престанал да качува тој одговара „пре две години (кога имал 91 година) поради чудна болка во стопалата…“ Целото интервју беше многу инспиративно и нешто што нема никогаш да го заборавам. Андерл Хекмаер почина на 98-годишна возраст на 2-ри Февруари 2005 година…

Виа дел Буко беше многу убава насока. Имаше 10 должини и голем избор на технички проблеми со оцена IV . Не најдовме скоро никакво постоечко обезбедување (освен сидриштата) иако во водичот пишуваше дека има „многу“. Сепак имаше супер можности за поставување гуртни, френдови и чокови... За симнувањето не беше напишано колку е долг споменатиот абзајл, па качувавме со единечно јаже, а Весна носеше едно екстра во раницата. Сепак сега немаше потреба за абзајл поради тоа што беше направен многу добар систем од патеки па дури и висечки мост преку кои за брзо време бевме назад до автомобилот.


Симнувањето од Лагацуои - наместо абзел како што пишуваше во водичот, денес мост, средена патека...

4 Јуни

Следниот ден сакавме да го најдеме приодот за насоката на Пунта Фиамес кој е најзападниот дел од Помагагнон масивот на север од Кортина. Пунта Фиамес со својот карактеристичен врв е нешто што претставува воодушевувачка слика кога се влегува во Кортина. Во моментот кога ја видов сликата од оваа планина во водичот веднаш посакав да ја качам. Тоа утро небото беше темно-сиво и решивме дека поради тоа што нема да качуваме, барем да пропешачиме за да го знаеме приодот кога времето ќе биде добро. По добро означени патеки за околу 2 часа стигнавме до под насоката. Во тој момент почна да врне и почнавме да се враќаме назад. Ни треба само добар ден…

5 Јуни

Во текот на ноќта врнеше постојано и следното утро не сакавме да качуваме по 400 метри висока влажна карпа која изгледаше „плочесто“. Но од друга страна не сакавме да „изгубиме“ уште еден ден и решивме да одиме кон езерото Мисурина и да качуваме на блискиот Пиц Попена Басо. На оваа 2224 метри висока планина на нејзината источна страна качивме две насоки.

Првата е оценета IV + , долга е 120 метри и прв пат качена од Мацорана и Адлер на 17 Август 1936 година. Втората е оценета IV , долга 130 метри и прв пат качена од Пиеро Мацорана на 23 Септември 1931 година. Двете насоки имаа 4 должини.

Се паркиравме кај хотелот Мисурина и по околу 45 минути пешачење стигнавме до под насоките. Ова беше прв пат да сретнеме локални качувачи – Италијанци. Добро беше што пристигнаа после нас поради тоа што 2 наврски (5 луѓе) ја качуваа првата насока која ја качивме ние и ја качуваа сé уште кога ние се симнавме и ја баравме втората насока.

Двете насоки беа лесни – во првата насока имаше една интересна и убава хоризонтална пречка и лесен превис кои ги запомнав, а во втората – само камини. Тие беа со совршена големина (ниту преголеми, ниту претесни) и качувајќи на таа тежина, почнав да ги сакам камините. Овде карпата беше малку полизгава и на почетокот помислив дека насоките треба да се барем половина оцена потешки, но се беше во ред. Имаше добри фаќалишта – само требаше да се истегнеш и да ги најдеш. На двете насоки имаше доволно постоечко обезбедување, а посебно на клучните детали (сепак носете френдови…)


Појасот на Попена - лесен пристап и симнување, добра карпа, убави насоки.

 

Copyright © Alpinizam.org