Други текстови за Доломити:

- Претставување на локалитетите,

- Наши искачувања во мај 2005,

- Наши искачувања во август 2008,

- Наши искачувања во август 2010

- Наши искачувања во август 2012

- Наши искачувања во август 2013


Описи на насоките кои ги поминавме во 2005г.:

- Јужно Ребро IV+, Хексенштајн (2477м)

- Јужен Гребен IV+, Мала кула на Фалзарего (c. 2500m)

- Западна Страна (Ласато) IV, Голема кула на Фалзарего (c2500m)

- Јужно-Западна Страна (Виа дел Буко) IV, Пиколо Лагацуои 2778м

- Северо-Западен Диедар IV и Северна Страна (Дибона) IV, Торе Баранчио 2308м

- Источна Страна на Пиц Попена Басо (2224м): „Мацорана“ IV и „Мацорана/Адлер“ IV+

- Јужна Страна на Пунта Фиамес (2240м) - Виа Комуне IV+

Доломити - 2005г.

-Игор Т.

Денови 7-8

Временските услови сé уште беа лоши. Одлучивме да почекаме повторно за Пунта Фиамес и отидовме кон Чинкве Тори. Се одличивме за две насоки кои се наоѓаат на Торе Баранчио кој е висок 2308 метри. Првата насока која ја качивме беше на северната страна и се викаше Дибона. Оцена IV – 4 должини. Втората беше со 3 должини и иста оцена. Двете насоки биле за прв пат искачени од Дибона, Аполонио и Стефани во Септември 1934 година.


Чинкве Тори. Во позадина се гледа дел од Кортина

Тежините во првата насока беа сконцентрирани во првата половина каде качувавме низ добро исполирани плочи, а ситниот дожд на таков терен не ни одеше во корист. Но потоа теренот „се олабави“ малку и последната должина ја завршивме на Торе Романа (овие две кули скоро цело време се споени една до друга – ги раздвојува пукнатина која ја претставува всушност втората насока која ја качувавме) од каде направивме еден абзајл од 50 метри.

Втората насока повеќе ми се допадна. Тежината беше постојана и скоро цело време се движевме како низ една пукнатина која поминува во камин како се движите нагоре. Како што реков тоа е всушност просторот помеѓу двете кули. Беше убаво искуство. Кога ја завршивме првата насока, почна да врне и си помислив дека е „толку за денес“. Но кога дождот малку спадна, се решивме да одиме и на втората насока без разлика колку би се намокриле. Кога почнавме да качуваме дождот престана, а кога бевме под кулата и ја собиравме опремата, повторно почна да врне. Беше специјално некако тоа – како да бевме наградени за нашата одлука...

Следното утро небото изгледаше чисто. Се одлучивме да одиме на Пунта Фиамес. Планината е 2240м висока, а насоката која ја одбравме се викаше Виа Комуне, беше 400 метри долга и со 15 должини, со оцена IV +.

По веќе познатиот приод, мислам дека тргнавме 3-4 метри полево, но откако стигнавме до првото сидриште, пронаоѓањето на насоката беше лесно. Толку бев апсорбиран од качувањето, што некако чувствував каде првите качувачи би оделе следната должина и тоа така и излегуваше. Супер поминавме и оваа насока многу ни се допадна исто така. Морам да признаам дека имав мисли-сомнежи да не почнеме да качуваме поради тоа што кога стигнавме под насоката, повторно беше облачно и „мирисаше на дожд“, но веќе беше доста одложување. Исто така, откако го поминавме приодот по втор пат, мислам дека ако се вратевме немаше да отидеме повторно. И двајцата сакаме долги насоки и сакаме да бидеме експонирани на некој ѕид со саати сконцентрирани на качувањето и тежините кои ги поминуваме.

Убаво и задоволувачко е чувството кога ќе се симнете долу во кампот и кога ќе погледнете нагоре кон големата страна и ќе се сетите низ што сте поминале – каминот, пречката… Не знам зошто – едноставно така е.

Од крајот на насоката имаше една кратка виа-ферата (со челични сајли) до врвот од каде што првин преку патека, а потоа со чувство на ориентација по околу 2 часа (од кои половина пат по сив, пепелест и ситен сипар) дојдовме до колата.


На крајот од насоката на Фиамес

Така качивме 9 насоки во 8 дена во оваа наша прва посета на Доломитите. Тоа беше прекрасно искуство и се надеваме дека наскоро повторно ќе ги посетиме овие места кои нудат многу опции во една огромна и вистинска планинска средина. Особено ни се допадна тоа што најчесто бевме сами и качувајќи во таква богата и на моменти дива планинска средина е навистина специјално искуство.

Претходно

Copyright © Alpinizam.org