На оваа тема:
- Статистика за 2015г,
- Статистика за 2014г,
- Статистика за 2013г,
- Статистика за 2012г,
- Статистика за 2011г,
- Статистика за 2008-2010г
Текстови за споменатите насоки:
- 4 Клина;
- Борник;
- Ветерански;
- Козина;
- Матка - лева и десна варијанта;
- Новогодишен;
- Отмарова насока;
- Отмар - лева варијанта;
- Рампа;
- Тани;
- Фифи Клин;
- Франгова насока;
- АПБ
|
Матка - Статистика за 2014г.
-16.02.2015г. Игор и Весна Т.
Што кажуваат кутиите...
Во дел од алпинистичките насоки на Матка, на сидриштата се поставени кутии во кои се чуваат тетратки во кои при качувањето, алпинистите и качувачите може да се потпишат и да напишат на кој ден која насока ја качиле, со кого како свој партнер, дали се членови на некој клуб, какви биле временските услови при качувањето, состојбата на насоката, малку поезија итн, итн... :)
Еве што кажуваат бројките за 2014-та година, кога ќе се погледнат овие потписи:
За дел од насоките во централниот дел од карпата бројките се овие:
(насока ----број на искачувања)
Циго ------- 7 искачувања
Матка лева ------------------- 19
Матка десна ------- 7
Ветерански ------------------- 19
Отмар ---------------------------------------- 40
Франгов - 1
Тани - 1 (оваа насока „официјално“ не доаѓа до кутијата, но наврската која ја качувала веројатно дошла до таму и се потпишала)
„Спојки“ -------- 8
(во оваа „категорија“, вклучени се тие искачувања во кои наврските ги мешале насоките - на пример „до кутија Ветерански - до излез Отмар“ и слични...)
Вкупно искачувања: 102
Насоките се искачени од 58 различни алпинисти/качувачи (од кои 12 се девојки, а 4 потпишани чии имиња не можевме да ги прочитаме).
„Новогодишен“
На Матка оваа година, поради тоа што малце повеќе му се посветивме на скијањето уживајќи на Шапка (и една тура на Сандакташ), вчера прв пат качувавме и се одлучивме пред да ја почнеме асално сезонава, да ја направиме статистиката. Секогаш за таа цел, прво го качуваме гребенот „Новогодишен“. Се изненадивме кога видовме дека тефтерчето е сменето и дека новото започнува со датум 31.01.2015. Така што додека не утврдиме дали старото е изгубено (паднато, фрлено) или пак заменето (иако донаторот на ова ново тефтерче вели дека го барал старото, што значи сепак дека тоа првото најверојатно е изгубено), во моментов не можеме да понудиме статистика за оваа насока за 2014-та година. Некаде во средината на ноември, направивиме фотографии од страните на старото тефтерче, за да си ја провериме нашата статистика, па ако ги најдеме тие фотки - ќе го апдејтуваме овој дел, барем за одреден период.
„Четири Клина“
12 искачувања на оваа насока во 2014-та година. Во тетратката во кутијата која е на заедничко сидриште уште на неколку други насоки, сите се запишани како искачувања на „4 клина“. Искачувањата се направени од 16 алпинисти/качувачи од кои 5 се девојки.
„Нина“
Во 2014-та, на оваа насока се регистрирани 25 целосни искачувања и 10 искачувања само на нејзиниот горен дел (барем толку се изјасниле како „половинки“). Искачувањата се направени од страна на 35 различни алпинисти/качувачи, од кои 10 девојки.
Овие бројки покажуваат многу зголемена активност на оваа насока, т.е. по бројот на искачувања, во 2014тата година, овде биле направени искачувања колку во двете години претходно (2013та и 2012та) - заедно!
2-те нови кутии
Македонската Алпинистичка Федерација во 2013-та година постави две нови кутии во овој локалитет, со цел да се следат искачувањата и на други насоки, за кои тоа не можеше да се прави во претходните години.
Една кутија беше поставена на заедничко сидриште на насоките „Отмар - лева варијанта“, „АПБ“ и „Козина“, а друга на излезот на насоките спроти Долна Матка: К1, К2, К3 и К4. Додека за 2013-та година евиденцијата беше направена од средината на јули, сега веќе имаме увид за популарноста за овие насоки во текот на целата година.
На насоката „АПБ“ не е регистрирано искачување, а за другите 2 насоки бројките се следни:
„Отмар - лева варијанта“: 10 искачувања од 12 алпинисти/качувачи од кои 6 се девојки;
„Козина“: 10 искачувања од 14 алпинисти/качувачи од кои 6 се девојки.
Исто така, овде е потпишана и чешка наврска, која нема запишано на која насока качувала, а во едно потпишување на Отмар - лева, не можевме да препознаеме за кој качувач/качувачи се работи.
Како што и претпоставувавме, оваа кутија кај „Козина“, „Отмар - лева“ и „АПБ“ овозможи да се покаже дека и овие насоки, на страна од тие во „централниот дел“ се атрактивни и имаат сообраќај на нив, па „дури“ и се фино популарни. Сепак, „Козина“ сама по себе плени со својата логична и експонирана линија уште кога се гледа од долу, а „Отмар - лева“ привлекува со своите детали во втората должина.
При вчерашната проверка на кутиите, не успеавме да ѕирнеме во таа кај „К“ насоките и ако има некое искачување кај нив (а има, бидејќи само ние имаме направено 2-3 искачувања таму), кога ќе го провериме тоа во првата следна можност - ќе апдејтуваме.
Како за крај
Оваа статистика за искачувањата на Матка, секоја година признаваме дека е далеку од совршена, а тоа е така пред сé поради тоа што за многу насоки во моментов нема можност да се води ваква евиденција. Такви насоки на пример сега се: „Тани“, „Фи-фи клин“, „Борник“, „Пајак“, „Панчев“ и други...
Во секој случај, од тоа што во моментов го имаме на располагање како бројки, со директна споредба може да се заклучи дека во 2014-та година се бележи благ пад на активноста на овој локалитет во неговите можеби најпопуларни насоки и тоа барем споредено со просекот извлечен од претходните 5 години (активностите од 2009-та до 2013-та година). Поточно, бројот на алпинисти/качувачи и бројот на искачувања е намален за 10-тина % од тој просек. Ова се однесува за бројки во „централниот дел“ (на тие бројки на насоки и бројки на алпинисти/качувачи) и кутијата на „4 клина“.
Од друга страна пак активноста на насоката „Нина“ во 2014-та година е најголема во споредба со сите претходни 6 години, а сигурни сме и дека „Отмар - лева варијанта“ и „Козина“ и тоа како им ги матат сметките на овие во „централниот дел“ и допрва ќе им ги матат...
Реално, на намалувањето на бројката на искачувања влијае и збогатувањето на планинската активност на нашите колеги алпинисти. Еве конкретно кај нас, во голема мера намалениот број на искачувања кои ги направивме беше поврзан со наша зголемена активност во планинскиот велосипедизам и (турно) скијањето/бордањето, а знаеме дека така е и со многу други блиски колеги и пријатели. Но „Цело е, кога има се’“, нели?
Како и да е, далеку од совршена статистика, но да си правиме муабет за нешто :)
|